Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, основан во 1838 година, е најстарата и најистакната високошколска установа во Србија и една од најстарите во Југоисточна Европа. Со 255 наставни соработници и околу 6000 студенти, факултетот нуди над 800 курсеви во рамките на десет оддели. Со современи објекти, десет одделенски библиотеки и над 40 научни центри и институти, Факултетот предничи по академска извонредност. Активно учествува во бројни национални и меѓународни проекти, вклучително и програмите финансирани од ЕУ, како што се Erasmus, Horizon и ERC.
Активностите во рамките на проектот Прометеј ги спроведува Одделот за класични науки при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, единствената високошколска установа во Србија во која се образуваат класични филолози. Одделот служи како средиште и највисока инстанца во Србија за истражувања на класичната антика, опфаќајќи грчка и латинска лингвистика, грчка и римска книжевност, византиска филологија, доцнолатинска филологија и културна историја на античкиот период.
При Одделот постојат две значајни истражувачки единици: Институтот за антика и класично наследство, кој го издава списанието Lucida intervalla и други трудови, како научни монографии и учебници, и Центарот за библиска филологија и херменевтика. Одделот во 2025 година гордо одбележува 150 години постоење.
Од Одделот за класични науки на Универзитетот во Белград имаме два вредни члена на тимот што учествуваат во проектот Прометеј.
Воjин Недељковиќ е редовен професор на Одделот за класични науки. Учествувал во повеќе научни проекти насочени кон лингвистиката и епиграфското наследство. Автор е на неколку истакнати монографии од различни области на класичните студии, како и на бројни статии објавени во угледни домашни и меѓународни списанија. Тежиштата на неговиот научен интерес ги опфаќаат доцниот, христијанскиот, вулгарниот, епиграфскиот латинитет и библиската филологија.
Јелена Вукојевиќ е докторанд и истражувач-соработник на истата катедра. Ги завршила основните и мастер студиите по класични науки, со фокус на стилските нијанси на латинскиот јазик во различни жанрови и историски периоди. Во моментов е секретар на Уредништвото на списанието Lucida intervalla. Нејзините главни научни интереси ги опфаќаат латинскиот јазик, стилистиката и (дигиталната) епиграфика, со голем интерес за старите јазици, култури и нивната настава.