ЗАКОН И СЕМЕJСТВО
Секој епиграфски натпис во својата суштина е сведоштво за човекот. Името, титулата, чинот или заслугата врежана во каменот ги претставуваат правната и општествената положба на личноста, како и семејниот статус. Епиграфските споменици овозможуваат со поголема или помала сигурност, да се утврди правниот и општествениот статус на лицата и покрај тоа што правните термини не се експлицитно наведени. Затоа, пред да се пристапи кон читање на тие натписи, корисно е најнапред да се разберат во кратки црти правните поими persona и caput и правото ad personas, бидејќи токму преку нив римската мисла го дефинира односот меѓу поединецот и заедницата. Тоа значи дека ќе се запознаеме накратко со статусот на жителите во римската држава, како и со содржината на римското граѓанство, која е многу флуидина категорија не само низ вековите, но во рамките на еден пократок временски период.
Не случајно правникот Хермогенијан ја започнува расправата за правото со ad personas, бидејќи: hominum causa omne ius constitutum est - „сето право е создадено заради човекот“ како што е пренесено во Дигести (D. I.5.2.1). (Гај во првата книга од Институциите посветува внимание на овој дел од правото, а во Институциите на Јустинијан истата тематика, но со малку поразвиен систем, е зафатена во првата книга (tit. III-XXVI)). Класификацијата на која тој реферира е следнава:
(1) право што се однесува на лица (ius quod ad personas pertinet);
(2) право што се однесува на ствари (ius quod ad res pertinet);
(3) право што се однесува на тужби (ius quod ad actiones pertinet).
Ова е само една од класификациите на римското право направено во антиката, што е всушност систематизација на римското приватно право преземена од поделбата на субјект и објект во граматиката и во елементарната философија. Оваа поделба е посведочена прво кај Гај во Институции (Gai. Inst. 1. 1, 9), а потоа во Дигести (D. I, 5, 1) и Институции на Јустинијан (Just. Inst., 1, 2, 12). Треба да се има предвид дека оваа систематизација не соодветствува во целост со современата поделба на правото.
Може да се каже дека ad personas е оној дел од правото што се однесува на лицата – personae, односно правни правила со кои се регулира правната положба и деловната способност во рамките на општеството (статусно право), како и положбата во рамките на семејството (семејно право).
1) Слободни и робови
Уводот на правникот Гај за „правото што се однесува на лица“ не започнува со дефиниција на предметот, т.е. поимот persona, туку со класификација на истиот поим и ова е практика што се однесува и на понатамошните делови од правната теорија, а се задржува и во Институциите на Јустинијан (I. 2) и во Дигести (1.5.3): „Ова е главната поделба на правото што се однесува на лица – сите луѓе или се слободни или се робови (aut liberi sunt aut servi).“ (Gai. Inst. I. 9). Општата поделба на лицата е на слободни и робови. Во Институциите на Јустинијан (Just. Inst. I. 3. 1-2) се дефинира што е тоа слобода, за да се објасни ропството како негов поларитетот: „1. Слободата (libertas) според која луѓето се нарекуваат слободни, е природна можност на човекот да прави што сака, освен ако не е забрането со сила или со закон. 2. Ропството (servitus) е институција според правото на народите (ius gentium), кога против природата еден човек воспоставува сопственичка власт над друг.“ Имено, институцијата ропство е единствената која припаѓа на правото на народите (ius gentium), а не се совпаѓа со природното право (ius naturale). Но овој став на Јустинијан не се сретнува кај Гај.
Натаму, поделбата се однесува на слободните, кои во зависност од тоа колку права поседуваат, можат да бидат Римјани, Латини и Перегрини (дедитиции). Најважните фактори што влијаат на статусот на личноста биле: (а) дали е роден како слободен или како роб (libertas); (б) дали има римско граѓанство или не (civitatis); (в) каква е неговата положба во рамките на семејството (status familiae).
Во рамките на римското општество, секој жител, без разлика на полот, може да биде (1) римски граѓанин, односно да има status civitatis, или (2) жител со право на слобода: status libertatis, без да ги ужива (целосно) правата на римското граѓанство, или (3) во положба на роб: in statu servitutis.
2) Положба на граѓанство (status civitatis)
Римското граѓанство немало иста содржина за сите римски граѓани (cives Romani); всушност многу малку граѓани што имаат status civitatis ги имале сите права што се предвидени со граѓанството. Граѓанинот со најголеми права, наречен civis optimo iure, ги поседувал следниве права во областа на јавното право: 1) право на гласање во собранијата (ius suffragii); 2) право на кандидатура за магистрат (ius honorum); 3) право да биде вклучен во римските легии; 4) право на учество во религиозни свечености. Во областа на приватното право поседувал: 5) право на законски брак (ius conubii); 6) право да ги користи установите на имотното право (ius commercii); 7) право на три имиња (ius trium nominum).
Римско граѓанство може да се здобие на два начина: со раѓање (ius sanguinis) и со природување (naturalisatio).
Во првиот случај, граѓанство со раѓање се добива доколку родителите имаат право на склучување законски брак (ius conubii). Тоа право го имаат пред сè римските граѓани, но во одреден период го добиле и Латините. Тоа значи дека таткото на семејството (pater familias) имал татковска власт (patria potestas) врз своите деца добиени од законската сопруга, кои стануваат законски наследници на неговиот имот и на неговиот статус: „Исто така, под наша власт се и нашите деца, родени во законски брак. Ова право им припаѓа на римските граѓани.“ (Gai. Inst. I.55)
Но ако еден од родителите нема право на законски брак, тогаш детето ја наследува правната положба на мајката. Меѓутоа, во римското право, овој обичај што доаѓа од правото на народите, набргу бил аболиран со Законот на Миникиј. Самиот закон е прилично непознат, затоа што не е зачуван автентичен текст, а се спомнува само кај Гај (Gai. Inst. I.78) и кај Улпијан (Tit. Ulp. 5.8). Натаму, не се наведува годината кога е издаден, а ниту се познати повеќе подробности околу законот. Се претпоставува дека е издаден во 90 година пр. н. е. Законот на Миникиј пропишува дека дете родено од родители со различен статус го добива понискиот статус:
„Кажавме дека римски граѓанин и туѓинка кои немаат право на граѓански брак, кога ќе им се роди дете, тоа ќе биде [со статус] туѓинец (peregrinum esse), како што е запазено според Законот на Миникиј, бидејќи се следи родителот со понизок статус. Според истиот закон, од друга страна, ако некој е странец, но нема право на граѓански брак, а во брак е со Римјанка, туѓинче се раѓа од таа заедница, но поради ваквите случаи најмногу беше неопходен Законот на Миникиј; имено, ако беше отстранет овој закон [детето] ќе требаше да го наследи другиот статус [т.е. на мајката], бидејќи според правото на народите (ius gentium), кога ќе се роди дете од оние што немаат право на брак, детето се стекнува со статусот на мајката. Оној дел од законот што налага од римски граѓанин и туѓинка дека се раѓа туѓинче, се чини дека е излишен. Имено и со отстранување на овој закон ова ќе биде така според правото на народите.“
Вториот начин на стекнување римско граѓанство е со природување, односно по граѓански пат, кога таткото на семејството врши посвојување со адопција (кога лице sui iuris е донесено под татковска власт на некој друг татко на семејството) или со адрогација (кога лице alieni iuris се пренесува од татковска власт на еден татко во татковска власт на друг). Исто така, со специјални акти од државата се доделувало римско граѓанство на одредени лица, на градови или на провинции. Оваа форма на стекнување граѓанство е многу почеста на натписите од римските провинции, но и на правните папируси од Римски Египет.
Треба да се спомне дека и робовите на римските граѓани, по ослободувањето (манумисија) станувале ослободеници (liberti или libertini) со што го добивале статусот и гентилното име (nomen gentilicium) на својот поранешен господар.
По 212 г. разликите меѓу жителите на римската држава во однос на граѓанскиот статус се нивелираат. Тогаш императорот Марк Аврелиј Север Антонин Каракала (владее 198-217 г. н. е.) им дава римско граѓанство на сите слободни жители во Римската Империја, со исклучок на дедитициите, преку царскиот едикт познат како Едиктот на Каракала или Constitutio Antoniniana. Иако овој едикт има огромно значење за римската држава, ниту еднаш не е наведен во Corpus Iuris Civilis на Јустинијан, но дел од едиктот е зачуван на грчки јазик на папирус од Египет со каталошки број P.Giss. 40. Дион Касиј дава друга причина за објавување на овој едикт:
„Заради ова ги направи сите жители во неговата држава римски граѓани: на збор (формално) заради почести, но на дело (фактички) за да ги зголеми нивните давачки, бидејќи странците не беа обврзани да плаќаат многу од неговите [давачки].“ (Dio Cassius, LXXVIII 9, 5)
По овој едикт, правото на три имиња го добиваат сите жители што станале граѓани во Империјата. Набрзо, по 212 г., новите граѓани го добиваат гентилното име Аврелиј/Аврелија и по тоа се разликуваат од „старите граѓани“. Од IV век граѓаните кои се истакнале во заедницата добивале друго гентилно име, Флавиј/Флавија, кое укажува на повисокиот општествен статус. Широките народни маси сѐ уште го носеле гентилното име Аврелии и оваа состојба може да се посведочи на натписите во корпусот што датираат од III век понатаму.
Имало некои категории римски граѓани кои биле ограничени во користење на своите граѓански права, а тоа се жените, децата под туѓа власт (alieni iuris), малолетниците, ослободениците. Кога христијанската религија станала официјална религија на римската држава, ограничување во однос на граѓанските права имале и паганите, еретиците, апостатите, евреите (тие имале ограничувања и во претходниот период пред сè како перегрини), колоните.
Ограничување на граѓанските права имале и некои поединци на кои им биле одземени привремено некои права поради некаква санкција, како на пример: робови поради долг (nexi или addicti), лица in mancipio, гладијатори (gladiatores), привремено заробени римски граѓани.
Од друга страна, ограничувањето на граѓанските права може да биде резултат на санкција поради поведението која останува на сила трајно. Personae intestabiles се нарекувале лицата што биле сведоци во постапката манципација или сл., но потоа одбиле да сведочат, со што добивале ограничување во користењето на установите од имотното право (ius commercii). Таа санкција се спомнува и во Законот на дванаесет таблици (Lex XII tab. 8.22): „Ако некој вети да биде сведок или либрипенс (да држи вага), па одбие да сведочи, нека биде нечестен и лишен од право за сведочење.“ Граѓаните кои покажувале неморално однесување добивале од цензорите nota censoria и биле запишувани во цензорските книги, со што губеле право за кандидатура (ius honorum). Граѓаните ги губеле јавно-правните овластувања и им биле намалувани приватно-правните овластувања ако биле прогласени за infames како резултат на infamia. Infamia (озлогласеност) не е просто лош глас, лоша репутација, туку последица од сторено кривично дело или деликт, како на пример, бигамија, непочитување на tempus lugendi (време одредено за жалење на починатиот маж, кога вдовицата не смее да стапи во друг брак), лажно банкротство, несовесно туторство, кражба, разбојништво, итн. Најпосле, ако биле оценети како turpes personae поради infamia facti, неславни и/или срамни дејанија, добивале ограничувања во областа на брачното право. Со законите на Август (Lex Iulia de maritandis ordinibus и Lex Papia Poppaea), се забранува сенаторскиот сталеж да стапува во брак со ослободеници или со лица кои се занимаваат со недостојни професии и на ова е посветено внимание во Дигести (D. 23.2). Ваква санкција добивале оние што се занимавале со недостојни професии, како проституција, подведување, професии што се поврзани со театарот и сл.
3) „Губење глава“
Во римската правна терминологија за да се означи правниот субјект, не игра улога терминот persona, колку термините caput или status што е корелатив со persona. Caput пред сè значи „глава“, но добива значење и на човек (слично со persona), маж, душа, живот; во правната терминологија caput се диференцира од persona дури во класичниот период од римската правна историја и се однесува на правата и правната способност на лицето (субјектот во правото). Губењето на правата што ги поседува едно лице се означуваат со терминот capitis deminutio. Оттука, за робот, кој припаѓа во категоријата лица без слобода, Паул вели nullum habet caput (D. 4.5.11) - „нема глава“ т.е. нема статус, нема никакви права; servile caput nullum ius habet (D. 4.5.3.1) - „ропскиот статус не содржи никакви права“.
Правната способност на лицата престанува поради природна смрт или поради граѓанска смрт, која се поврзува со поимот caput. Имено, како што беше речено погоре, слободниот човек секогаш има одредени права, односно има статус (caput). Единствено робот нема caput, иако и двете категории: слободни и робови, претставуваат лица (personae). Во одредени ситуации лицето може да ги изгуби своите граѓански права и да го изгуби својот статус и тоа се нарекува capitis deminutio („намалување на статусот“ т.е. главата), како што информира Гај:
„159. Намалувањето на граѓанските права (capitis deminutio) е промена на претходниот статус. Тоа се случува на три начини: како најголемо [намалување] (maxima), како помало (minor) што се нарекува и средно (media) и како (minima). 160. Најголемото намалување на граѓанските права настанува кога некој истовремено ќе ги изгуби и граѓанството [sc. римско] и слободата [sc. status libertatis], што им се случува на оние што се незапишани во цензорските списоци, коишто според цензорскиот правилник е наредено да се продадат. Тоа право [...] оние што против тој закон имаат живеалиште во Рим. Исто така и жените кои според Сенатската одлука на Клавдиј (C. Claudianum) стануваат робинки на оние господари, со чии робови имале полови односи и покрај нивното негодување и предупредување. 161. Помало или средно намалување на граѓански права настанува кога се губи граѓанството, но се задржува слободата. Тоа се случува на оној што има интердикт за вода и оган [којшто е прогнат]. 162. Најмалото губење на граѓански права настанува кога се задржуваат и граѓанството и слободата, но се менува статусот на човекот [во рамките на семејството], како што им се случува на оние што се посвоени или прават „купување“[1], како и на оние што се дадени во манципиј или се ослободени со манципација; тоа е така колку пати се манципира или се ослободува со манципација, толку пати пати ќе му се намалува статусот.“ (Gai. Inst. I.159-162)
Римските правници сугерираат дека capitis deminutio maxima значи губење и на граѓанскиот статус и на слободата, т.е. лицето станува роб, или едноставно е осуден на смртна казна. Тоа лице ги губи врските со своето семејство. Имено, сите три статуса ги губи истовремено. Ова настанува како санкција од тешко кривично дело, како на пример, дезертирање, самоволно избегнување на цензорските списоци за да се избегне данок. Capitis deminutio media (или minor) значи губење на граѓанството, но не и на слободата. Во најстарите времиња ова се случува кога граѓанинот оди во прогон, или станува жител на друга држава. За време на империјата, со депортацијата (deportatio) се постигнувал истиот ефект. Последната, capitis deminutio minima, значи менување на семејниот статус. Тоа се случува кога се разрешуваат роднинските врски на еден член со семејството кој влегува во друго семејство или заради посвојување (адопција или адрогација), или заради брак под власт на мажот (cum manu), или заради станување sui iuris и главен на своето семејство по еманципацијата. Еден од начините за најмало менување на статусот што се спомнува во извадокот е купувањето (coemptio) кое се прави преку формалната постапка манципација (mancipatio), така што власта над жената се префрла од еден застапник на друг, односно жената се рееманципира, слично како во бракот со купување кога власта од таткото се префрла на мажот (conventio in manum).
Еден пример, кој може да ни покаже некои работи за статусот, е натписот со наслов Дар од Полихарм од Стоби, кој е напишан на грчки и датира од II век н. е. Во натписот дарителот е претставен со трите имиња: Клавдиј Тибериј Полихарм Κλ(αύδιος)] Τιβέριος Πολύχαρμος и со дополнително име ὁ καὶ Ἀχύριος, и титулата ὁ πατὴρ τῆς ἐν Στόβοις συναγωγῆς. Трите имиња покажуваат на лице со status civitatis. Меѓутоа, преноменот и гентилното име покажуваат дека се работи за натурализиран Римјанин, кој претходно имал или status libertatis или бил in statu servitutis, па го презел гентилното име од својот манумисор, а во овој случај тоа е императорот. Натурализацијата може да биде резултат на подарено граѓанство од страна на императорот. Когноменот Полихарм ја потврдува натурализацијата. Името Ахириј, пак, можеби покажува на неговото еврејско потекло. Ова е само еден пример, во кој предвид се земаат имињата, но, како што беше речено, во содржината на римското граѓанство влегуваат повеќе права и обврски, кои може внимателно да се исчитуваат во натписите, за да се разбере статусот на оној во чија чест се прави споменикот или оној што го подига споменикот.
Епиграфските податоци несомнено овозможуваат реконструкција на сложениот систем на статуси и правни односи во римското општество. Со тоа, и самото читање на натписите претставува чин на повторно „оживување“ на правната и општествената личност од минатото. Преку нив се потврдува мислата на Хермогенијан дека hominum causa omne ius constitutum est – сето право е создадено заради човекот – и дека разбирањето на правото за лицата, во суштина, значи разбирање на човекот како центар на правниот свет.
Даниела Тошева
Дополнителна литература: