ТИПОВИ НАТПИСИ
Надгробни натписи
Грчки надгробни натписи
Во најраната епоха тоа биле обични камени плочи или блокови; постепено почнувале да се украсуваат ‒ со орнаменти во горниот дел, со релјефни или насликани претстави; особено биле популарни релјефите со сцена на задушна гозба и претставите на коњаник; характеристични се и релјефите со портретни претстави.
Најраните текстови го содржат само името на покојникот – лично име во номинатив и татковото во генитив/ патронимик, на пример: Павсаниј, син на Аполониј; поретко името стои во генитив (т.е. се подразбира „гроб/споменик на“). Жените се наведени или со името на таткото, или со името на сопругот, а за појаснување може да стои ΓΥΝΗ „жена“ или ΘΥΓΑΤΗΡ „ќерка“; понекогаш се наведени и таткото и сопругот. Често на еден споменик се врежани имиња на повеќе покојници: сопруг и сопруга, татко и син, браќа. Кај луѓе од друг град се додава и назнака за потекло, на пример: „Криномен, син на Ојнопид. Дема, (ќерка) на Аристокле, од Амфипол, жена на Криномен“. Постепено (во хеленистичката, а особено во римската епоха) содржината на текстовите се проширува, со додавање пофални епитети или поздравот ΧΑΙΡΕ / ΧΑΙΡΕΤΕ „збогум“ (буквално „радувај се/радувајте се“). Во римската епоха главно се означуваат и годините на живот („живееше ... години“). Возраста често се заокружувала на 5 или 10; кога не е заокружена, тоа покажува посебно почитување кон покојниот. Точна возраст, дури со месеци и денови, обично се означува кај деца. Ретко се наведувала причината за смртта. Кај деца може да стои епитет што изразува чувства, како „на своето најмило дете“. Се наведува и кој го поставил споменикот; може да има глагол, но често конструкцијата е без глагол, а на крајот стои формулата ΜΝΗΜΗΣ / ΜΝΕΙΑΣ ΧΑΡΙΝ „во спомен, за сеќавање“. Често се поставувале надгробни споменици за време на животот; по смртта на член од семејството се правел заеднички надгробен споменик во кој биле вклучени и живите членови, што се означува во текстот на натписот. Се употребувал и изразот ζῶν καὶ φρονῶν („наживо и со здрав разум“), кога оној кој го поставувал, наведувал дека го прави споменикот „и за себе“. Понекогаш се означувало и со чии средства е подигнат споменикот, на пр. „од сопствени средства“. Под латинско влијание, на почетокот може да стои посвета „на подземните богови“ (ΘΕΟΙΣ ΚΑΤΑΧΘΟΝΙΟΙΣ), што одговара на латинското Dis Manibus. На саркофазите, чести се натписи со закани за казни за повторно користење или осквернување; казните се во полза на провинциската или градската каса. Понекогаш е предвидена награда за оној што ќе пријави прекршок.
На доцноантичките надгробни натписи по правило се користи формулата ΕΝΘΑΔΕ ΚΕΙΤΑΙ / ΚΑΤΑΚΕΙΤΑΙ „овде почива“ и се наведува датумот на смртта со месец, ден во месецот (и ден од неделата), година, со индиктион и имињата на консулите (понекогаш и година од владеењето на императорот).
Латински надгробни натписи
На натписите од II–III век н. е. на почетокот стои DIS MANIBVS или понекогаш DIS MANIBVS SACRVM ‒ „посветено на подземните богови“; отсуството на оваа формула вообичаено значи дека натписот е постар. Во повеќето случаи DIS MANIBVS стои самостојно и со поголеми букви во горниот дел од споменикот, често скратено како D M, а буквите симетрично поставени во средината на редот.
Следи името на покојникот коешто може да биде во номинатив, генитив или датив.
Потоа се означува возраста, а кај војници и ветерани и годините служба. Вообичаени се изразите: vixit annos..., militavit (или meruit) annos/annis... „живееше ... години“, „служеше како војник ... години“. За деца, најчесто се наведуваат и месеци и денови, а за возрасните годините често се заокружуваат до 5 или 10. По правило годините се врежуваат со броеви, ретко со зборови, а тоа зборува за посебен однос кон покојниот. Во ретки случаи може да биде посочена и причината за смртта, на пр. „поради болест“, „убиен од непријателите“, „загинал во пожар“.
Потоа може да стои формулата hic situs (sita) est, вообичаено скратено H·S·E· ‒ „тука почива/ погребан(а)“.
Во повеќето натписи се наведува и кој го поставил надгробниот споменик со употреба на глаголите fecit „направи“, posuit „постави“ или faciendum curavit „се погрижи да биде направен“ (скратено F·C·). Доколку било обичај човекот сам да си подигне споменик уште во текот на животот (на пр. при смрт на член од семејството), тоа се наведува во текстот на натписот „го направи за себе си и за своите блиски наживо“. Кога споменикот е подигнат од друг се наведува врската со покојниот, на пр. „синот го направи за својот татко“, „сопругот за сопругата“. Многу често на крајот од натписот е вклучен и некој епитет што се однесува на покојниот: bene merenti (најчесто скратено, на пр. B·M·) „на заслужниот/а“; или придавка во суперлатив piissimo/pientissimo, carissimo/carissimae, dulcissimo. Кога споменикот е подигнат според волјата на покојниот, тоа се обележува со формулата ex testamento (fieri iussit) „(заповеда да биде направено) според волјата“ или на името на тој што го подигнал споменикот се додава heres „наследник“. Доколку гробот не може да биде користен од наследниците на покојниот, тоа се соопштува со формулата H·N·S = h(eredem) n(on) s(equitur) „(правото на гробот) не преминува на наследникот“. Понекогаш се наведуваат и димензии на гробната парцела: IN·F·P..., IN·A·P... = in f(ronte) p(edes) …, in a(gro) p(edes) … ‒ „предна страна... стапки, навнатре ... стапки“.
На крај може да стојат желби кон покојниот како sit tibi terra levis (S·T·T·L) „лесна ти земја“, vale/(h)ave „збогум“.
Подетални информации, надвор од типичните формули, за починатите и луѓето коишто ги подигнуваат спомениците се наоѓаат најмногу во натписите со стихови. Во нив исто така може да се користат формули и цитати од некои поетски дела и автори (во грчките натписи најмногу од Хомер, а во латинските од Вергилиј и Овидиј), но често се појавуваат и оригинални мисли и искрени емоции.
Посвети
Посветите најчесто се врежувале на олтари, плочки со релјефна претстава на божеството, бази за статуи, столбови или маси за вотивни дарови. Видот на споменикот зависи од локалните обичаи и од традициите на конкретното светилиште.
Основните елементи во текстот се три: 1) име и епитет/и на божеството; 2) име/имиња на посветувачот(ите); 3) глаголска форма или израз што го означува чинот на посветување. Покрај тоа може да има и објаснување за природата на дарот.
Грчки
Основните елементи се името и епитетот на божеството и името/имињата на посветувачот/посветувачите; глаголската форма (вообичаено ΑΝΕΘΗΚΕ / ΕΘΗΚΕ „посвети“) може и да изостане. Вообичаено, името на божеството може да биде придружено со епитет/и што можат да бидат два типа ‒ локални, поврзани со локалниот храм и функционални; случаите каде што името на божеството не е наведено се ретки. Епитети / имиња поврзани со определен храм можат да бидат или локално име на божество или епитет образуван од топоним. Божествата се нарекуваат ΘΕΟΣ/ΘΕΑ „бог/божица“, ΚΥΡΙΟΣ / ΚΥΡΙΑ „господар/господарка“. Меѓу функционалните епитети чести се ΕΠΗΚΟΟΣ „оној/онаа којшто/којашто внимателно слуша, одговара“, ΣΩΤΗΡ „спасител“. Божествата што традиционално се почитувани од фамилијата на посветувачот се нарекуваат „бог на предците“. Може да стои и објаснување што претставува посветениот предмет, на пр. „статуата“, „олтарот“. Суштината на посветата се изразува со зборови како ЕΥΧΗ („молитва, завет“), (ΕΥ)ΧΑΡΙΣΤΗΡΙΟΝ („дар од благодарност“), ΔΩΡΟΝ („дар“). Можно е да има и податок за конкретен поттик за посветата, на пример, дека е по заповед на самото божество (коешто најчесто се јавило во сон) – „по заповед“, „по заповед на бог“, „на сон“, „според пророштво“.
Ако човекот не ја прави посветата сам или од свое име, детално се кажува со кого или за кого ја направил.
Може да се каже и причината за посветата со изрази како „за спас“, „за среќа“, или пак подетално, при посвета на исцелително божество, да се каже болеста или болниот орган. Подолг опис на околностите најмногу е характеристичен за натписите во стихови. Многу од натписите се однесуваат на исполнување на должност од страна на посветувачот.
Понекогаш стои и од кои средства е направена посветата, на пр. „од сопствени средства“.
Латински
Името на божеството обично стои во датив и е на прво место (кај релјефите често е на горната рамка над релјефната претстава). Во многу случаи името е придружено со епитет/и поврзан/и со конкретниот храм (на пример, образуван/и од топоним) или со функцијата, поради којашто се прави посветата. По името може да стои sacrum, често врежано скратено како S или SAC, на пр. Deo Silvano sacrum „посвета за богот Силван“. Имињата на божества коишто често се среќаваат по правило се пишуваат скратено, на пр. I·O·M· = I(ovi) O(ptimo) M(aximo) „На Јупитер најдобриот највеликиот“; D·I·M· = D(eo) I(nvicto) M(ithrae) „На непобедливиот бог Митра“.
Името на посветувачот се пишува според вообичаените правила, а често е придружено со назив на служба/занает.
Формулите за посвета што стојат на крајот од текстот можат да бидат најразлични, едноставни глаголски форми и изрази како: dedicavit „посвети“, dedit „даде“, consecravit „посвети“, posuit „подигна“, donum dedit „даде како подарок“, donum posuit „подигна како подарок“, fecit „направи“, faciendum curavit „се погрижи да биде направено“, poni iussit „заповеда да биде подигнато“; тие изрази многу често се скратени, на пр. D (dedit или dedicavit), D·D (dedit, dedicavit или donum dedit), P (posuit), F·C (faciendum curavit).
Кога треба да се забележи дека посветата е направена по претходно ветување, се користат формулите vovit „вети“, votum solvit „го исполни ветувањето“, ex voto (promisso) posuit „го подигна според ветувањето“, или подетално, на пр. quod olim voverat ... nunc solvit „она што некогаш го беше ветил..., сега го исполни“. Многу често се среќава (и скоро секогаш е напишана скратено) формулата V·S·L·M = v(otum) s(olvit) l(ibens) m(erito) „го исполни ветувањето од сѐ срце и заслужено“. Можно е да има и дополнување за видот на вотивниот споменик, на пр. signum, statuam „статуата“, aram „олтарот“, aram cum sigillo „олтарот (т. е. базата) со статуата“ и т.н.
Ако посветата не ја прави човекот сам или не ја прави само од свое име и во своја полза, тогаш се спомнува со кого или за кого се поставува ‒ се користат изрази како pro se et suis „за себе си и за своите (т. е. за семејството)“, nomine suo et coniugis „од свое име и од името на сопругата“.
Целта на посветата се изразува со формули како pro salute „за здравје“, pro felicitate „за среќа“, pro reditu „за враќање“. Многу често се прават посвети pro salute imperatoris „за здравјето/благосостојбата на императорот” или in honorem domus divinae „во чест на божественото (императорското) семејство“.
Се среќаваат и примери каде што посветата е направена со поттик на божеството ‒ ex iussu „по заповед“, ex visu „по видување“, т. е. по сон, или дека посветувачот бил somnio admonitus „посоветуван во сон“. Понекогаш има податоци за тоа како божеството му помогнало (или се очекува да му помогне) на посветувачот, на пример a periculo maris liberatus „спасен од опасност во морето“, reversus ex expeditione „се вратил од воен поход“, valetudine recuperata „по закрепнување“, ob victoriam „заради победата“, ob honorem „заради [започнувањето на] почесна служба“, ob sacerdotium „заради [преземањето на] свештеничка должност“, servus vovit liber solvit „го даде ветувањето како роб, го исполни како слободен“. Изворот на средствата за посветата се назначува со изрази како de suo и de sua pecunia „од сопствени средства“.
Почесни натписи
Почесните натписи се поставуваат најчесто под статуи или друг вид споменици; се подигаат од страна на државата, но и од приватни лица. Натписите подигнати од приватни лица често се поставуваат со решение на градската власт, а тоа се забележува со изрази како „според решение на советот и народното собрание“, „според решение на декурионите (членови на градскиот совет)“. Подигањето почесни натписи од приватни лица е честа појава, но на место кое е определено од градската власт. Тоа се означува со формулата locus datus decreto decurionum „местото е дадено со декрет на декурионите“, вообичаено напишана во скратена форма како L·D·D·D во последниот ред, за да се издвои. Поставувањето на почесни натписи од приватни лица е честа пракса кога градот нема средства за статуата, па подигнувањето му се наложува на некој роднина или пријател на почестениот. Во многу случаи почестените сами си го плаќаат подигнувањето на статуата, а во текстот на натписот таа великодушност се истакнува како нивна дополнителна заслуга, на пример на латинските натписи со фразите honore contentus impendium remisit или honore contentus sua pecunia posuit „задоволен од (укажаната) почит, го обезбеди финансирањето/постави на сопствен трошок“.
Имињата и службите на почестените се главниот дел од текстот на почесните натписи. Може да има некаков глагол со значење „подигнаа (статуа на)“, „направија почест“, но тој збор често е испуштен, бидејќи се подразбира; понекогаш недостасува и подмет кај натписите коишто се подигнати од страна на градската власт. Текстот може да содржи податок за датирање, на пример „кога управител на провинцијата беше тој и тој“, „кога прв архонт (главен градски магистрат) беше тој и тој“. Се истакнува и лицето коешто е задолжено за подигнувањето на споменикот, особено во официјалните натписи ‒ во грчките натписи често е наведено со ΕΠΙΜΕΛΟΥΜΕΝΟΥ, а во латинските со curante „одговорен (за подигнувањето на статуата) беше тој и тој“.
За почестениот се наведуваат службите коишто ги вршел или ги врши во моментот и тоа во грчките натписи во послободна форма, а во латинските со строг хиерархиски редослед. Службите коишто ги извршувал почестениот (cursus honorum) можат да бидат претставени од најниската кон највисоката или обратно; најниските служби во почетокот на кариерата можат да не се спомнат, бидејќи се подразбираат.
Причината за оддавањето почит може да се образложи подетално, но најчесто се наведува со стандардна формула како ΑΡΕΤΗΣ ΚΑΙ ΕΥΝΟΙΑΣ ΧΑΡΙΝ / ΕΝΕΚΑ „заради неговата доблест и благонаклонетост”, ob merita „за заслугите“, ad referendam gratiam „за да се искаже благодарност“.
Трошоците за подигнување на статуата може да се забележат и со изрази како ΕΚ ΤΩΝ ΙΔΙΩΝ „на сопствен трошок“, ΕΚ ΤΩΝ ΤΗΣ ΠΟΛΕΩΣ „од градски средства“, pecunia publica „на јавен трошок“.
Николај Шаранков
ЗНАЦИ ЗА КРАТЕНКИ И КРАТЕНКИ ВО ЛАТИНСКИТЕ НАТПИСИ
(SIGLA ET ABBREVIATIONES)
A
A annus/annis/annos
A D ante diem
A D A agris dandis adsignandis
ADI adiutor/ Adiutrix (legio)
A(ED) aedilis
A H N P ad heredem non pertinet
A L F/P animo libens fecit/posuit
ANN annos/annis
A S a senatu/ a solo
AQVIL aquilifer
AVG Augustus/augustalis/augur
AVGG Augusti (duo)
AVG L Augusti libertus
AVG N Augustus noster
B
B beneficiarius
B D S M bene de se merenti
BF beneficiarius
BF COS beneficiarius consularis
B M bene merenti/bonae memoriae
C
C centuria/cohors/colonia/curavit/curaverunt
Ͻ › centurio
Ͻ L mulieris libertus
C A curam agens
COH cohors
COL colonia/collega
COL FAB collegium fabrum
COS consul/consularis
C R civis Romanus
CVR curavit/curaverunt
D
D dat/dedit/decreto/defunctus/donum/
D D decreto decurionum/ dono (donum) dedit (dat)/ donis donatus
D D D datum decreto decurionum/dono dedit dedicavit
D D S P dedit de sua pecunia
DEC decurio/decessit
DE S P de sua pecunia
DEV N MQ EIVS devotus numini maiestatique eius
DIC N MQ EIVS dicatus numini maiestatique eius
D I M dis inferis Manibus/deo invicto Mithrae
D M dis Manibus ·
D M I dis Manibus inferis
D M S dis Manibus sacrum/ deo Mithrae sacrum
D N dominus noster
D O M deo optimo maximo
D S de suo
D S B M de se bene meritus
D S D/F de suo dedit/fecit
D S M diis sacrum Manibus
D S S F C de senatus sententia faciundum curavit
E
EQ eques/equester
EQ R eques Romanus
E T ex testamento
EX CONS ex consulto
EX T ex testamento
EX T F I ex testamento fieri iussit
EX T F C ex testamento faciundum curavit
EX T T F l, H F C ex testamento titulum fieri iussit, heres faciundum curavit
EX V ex voto
F
F fecit/fecerunt/filia/filius
F(AC) C(OER)/F C faciundum coeravit
F S ET S fecit sibi et suis
F S ET S L L PQ E fecit sibi et suis libertis libertabus posterisque eorum
FRVM frumentarius
G
G genius/Gemina (legio)
G D N genius domini nostri
G H L genius huius loci
G P R genius populi Romani
H
H hic, haec, etc./heres/hora
H A S F C heres a se faciundum curavit
H B Q hic bene quiescat
H C (E) hic conditus (est)
H F heres fecit/honore functus
H M hoc monumentum/honesta missione/honeste missus
H M ET L S H N S hoc monumentum et locus sepulturae heredem non sequentur
H M M honesta missione missus
H M H N S hoc monumentum heredem non sequetur
H O B Q hic ossa bene quiescant
H P C heres ponendum curavit
H Q hic quiescat
H S E hic situs (-a) est
H S S hic siti (-ae) sunt
I
I D invictus deus/Iupiter Dolichenus
IMP imperator
IN A(GR) P in agro (agrum) p(edes)
IN F(R) P in fronte (frontem) p(edes)
IN S S infra scripta sunt
I O M Iuppiter Optimus Maximus
K
K/ KAL Kalendae
(продолжува)