За проектот

PROMETHEUS – Промовирање на универзалните вредности преку дигиталната епиграфика и културното наследство е проект за соработка од мал обем, кофинансиран од Програмата на Европската унија Креативна Европа, подпрограма Култура. Исто така е кофинансиран од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Министерството за култура и информации на Република Србија и Министерството за култура на Република Бугарија, како и партнерите во проектот. Времетраењето на проектот е 2 години (2024-2025). Конзорциумот на проектот се состои од 5 институции од 3 земји: Северна Македонија, Бугарија и Србија. Координатор на проектот е Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во Скопје, а други партнери се Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, Институтот за балканолошки студии при Српската академија на науките и уметностите, Универзитетот Свети Климент Охридски во Софија и Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Активностите на проектот се поделени во 5 работни пакети (РП): 1) Менаџирање на проектот, администрација и координација; 2) Градење на капацитети; 3) Вмрежување и споделување на знаење; 4) Дигитизација на епиграфски споменици; 5) Комуникација и дисеминација.

Епиграфските споменици се важен дел од културното наследство и вреден извор на информации за минатото. Тие сведочат за сите аспекти на човечката цивилизација и ни даваат важен увид во секојдневниот живот, општествените институции, политиката и културата. Натписите повеќе од кој и да било друг пишан историски извор се лични записи. Тие сведочат за љубов, загуба, тага, надеж, вера, благосостојба, чест, гордост, почит, успех, моќ и авторитет, слобода, мир, војна. Затоа, тие се корисна алатка за препознавање и промовирање на универзалните човечки вредности. Земјите од Југоисточна Европа и Балканот имаат значајно епиграфско наследство од грчкиот и римскиот период, што сведочи за животот, културата и историјата на локалните племиња и нивните релации со цивилизациите на Античка Грција и Рим. Овие натписи зборуваат на свој специфичен начин за инклузивноста и различноста и можат да помогнат за подобро разбирање на овие прашања во контекст на универзалните вредности. Тековната војна во Украина и нејзините последици врз Европа и остатокот од светот уште еднаш нè потсетува дека поттикнувањето на човечноста е обврска на сите генерации. Епиграфското наследство има потенцијал да ја поучи публиката, особено помладата генерација за важноста на оваа обврска.

Во последниве децении, епиграфиката еволуираше значително како дигитално поле на истражување и се креираа различни дигитални корпуси на натписи што ги следат највисоките научни стандарди. Исто така иницирани се различни иницијативи што ја промовираат дигиталната технологија како средство што може да ја приближи содржината на епиграфските споменици до пошироката публика, да го поттикне учењето грчки и латински и учењето историја и култура.

Сепак, постојните дигитални модели за претставување на музејски збирки и археолошки локалитети сè уште не се доволно подготвени да ја искористат целосно пишаната содржина на натписите за активно да ја ангажираат публиката. Дигиталното објавување на натписите во земјите од Југоисточна Европа и Балканот сè уште не е доволно развиено, а музеите генерално имаат потреба од модели за развој на публиката и ангажирање на публиката во рецепција и доживување на културното наследство со помош на дигиталната епиграфика. Треба да се подобри и транснационалната соработка меѓу културните институции во овие земји.

Целта на соработката помеѓу Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (Факултет за класични и модерни филологии), Софија, Република Бугарија, Институтот за балканолошки студии, САСА, Белград, Република Србија, Универзитетот во Белград – Филозофски факултет, Република Србија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (Филозофски факултет), Скопје, Република Северна Македонија, е да се обединат постојните успешни практики на дигитално издавање на натписи и употребата на епиграфиката како едукативна алатка, за дизајнирање и развој на ресурси и модели за активно ангажирање на разновидна публика и дисеминација на епиграфското наследство преку промоција на универзалните вредности.

Овој проект ќе ја зајакне транснационалната креација и циркулација и ќе ја подобри способноста на културните институции да иновираат и да напредуваат. Неговите активности првенствено се фокусирани на зголемување на пристапот и учеството во културата на различни категории публика, како и на ангажирање и проширување на публиката, и физички и дигитално. Тие, исто така, се фокусирани на градењето на капацитети, обука, професионален развој и дигитизација.

За да се постигнат овие цели, соработката меѓу партнерите од земјите од Југоисточна Европа и Балканот и другите европски земји се фокусира на создавање дигитална колекција на грчки и латински епиграфски споменици од регионите на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Бугарија, како и на релевантни дигитални ресурси за нејзино користење и од стручната и од нестручната публика. Оваа соработка треба да овозможи слободна размена на искуства, добри практики и знаења во областа на дигиталната епиграфика и претставувањето и дисеминацијата на епиграфското наследство помеѓу институциите вклучени во различни аспекти на грижата и управувањето со културното наследство. Ќе ги развие капацитетите на музеите, археолошките локалитети и образовните субјекти да ги дигитизираат и документираат епиграфските споменици и да развиваат и создаваат сопствени дигитални корпуси на натписи, и уште поважно да ги истражуваат можностите за имплементација на постојните и развивање и создавање на нови модели за кодирање и дигитално објавување на натписи, што ќе ја ангажираат пошироката публика на начин на кој секој ќе може да ги препознае човечките вредности како врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината и како врска што ги поврзува луѓето без разлика на пол, раса, религија, јазик, националност. Исто така, ќе ги развие капацитетите на овие институции да ги презентираат локалните епиграфски споменици и културното наследство од антиката на начин на кој секој ќе може да ги препознае како дел од заедничкиот европски културен простор.

Конечно, овој проект ќе ги зајакне капацитетите на културните институции за поблиска соработка со училиштата и универзитетите и за организирање настани и активности во кои студентите и учениците ќе имаат можност да ги користат своите дигитални вештини, да уживаат во културното наследство и во исто време да учат грчки и латински, да учат епиграфика, да учат за минатото, за грчките и римските корени на европската цивилизација и модерната култура и да ја развиваат својата способност за анализирање на прашања поврзани со различноста, инклузивноста, родовата еднаквост и животната средина од дијахрониска перспектива и перспективата на универзалните човечки вредности.

Резултатите од проектот ќе бидат дигитални и со отворен пристап, достапни за бесплатна употреба за сите културни, образовни и истражувачки институции и за разновидна публика од целиот свет.