К О Р П У С И
Inscriptions de la Mésie supérieure – IMS
Оваа извонредна едиција, создадена на иницијатива на проф. д-р Фанула Папазоглу, која ја издава Центарот за античка епиграфика и нумизматика при Филозофскиот факултет во Белград, е посветена на собирање и објавување на епиграфскиот материјал од римската
провинција Горна Мојсија (Мезија).
Секој том, издаден на француски јазик, вклучува: детални транскрипции, фотографии и коментари на натписите; сеопфатни географски и историски воведи; како и контекстуални информации за нивното историско значење, археолошкиот контекст и научните дискусии.
Со поголем дел натписи на латински и помал дел на грчки јазик, во рамките на едицијата IMS досега се објавени пет тома, секој внимателно уреден и организиран според местото на откривање на натписите.
IMS I - Singidunum et le Nord-Ouest de la province (1976) уредници М. Мирковиќ и С. Душаниќ
IMS II Viminacium et Margum (1986) уредник М. Мирковиќ
IMS III/2 Timacum minus et la Valée du Timok (1995) уредник П. Петровиќ
IMS IV Naissus — Remesiana — Horreum Margi (1979) уредник П. Петровиќ
IMS VI Scupi et la Région de Kumanovo (1982) уредник Б. Драгојевиќ Јосифовска
Иако овие изданија не се многу нови, нивната вредност за проучувањето на натписите од овој регион останува непроменета. Тие сè уште се незаменливи и исклучително значајни за истражувачите и научниците.
Inscriptiones Graecae X 2, 2, 1 and Inscriptiones Graecae X 2, 2, 2
Собирањето и издавањето на грчките натписи претставува најстар проект на Берлинската Бранденбуршка академија на науките и уметностите. Едицијата е организирана во томови, делови, свески и секции според региони. Досега се објавени повеќе од 50 томови.
Втората свеска од вториот дел на десеттиот том на ова извонредно издание ги опфаќа натписите од Macedonia Septentrionalis (Северна Македонија).
Во нејзиниот прв дел се вклучени натписите од античките области Линкестида, Хераклеја Линкестидска, Пелагонија, Дериоп и Лихнид (денешен Охрид), и негови уредници се Фанула Папазоглу, Милена Милин, Маријана Рицл со помош на Клаус Халоф и е објавен во 1999 година. Вториот дел, кој ги опфаќа областите во долините на реките Аксиј (денешен Вардар), Астибо (денешна Брегалница) и Струмица, се појави неодамна, во 2023 година, а негов уредник е Славица Бабамова. Содржи повеќе од 780 натписи, многу од нив досега необјавени, а други повторно прочитани и протолкувани, сите придружени со критички апарат и нови фотографии.
Објавувањето на натписите претставува завршен чин на долг истражувачки процес што вклучува теренска работа, проучување, конзервација, читање, уредување и соработка на бројни научници и експерти. Изданијата IG X 2, 2, 1 и 2, уредени со голема поддршка од Клаус Халоф, ги следат највисоките критериуми во областа на епиграфиката и претставуваат најзначаен придонес за зачувување на културното наследство. Тие, исто така, ја почитуваат традицијата на студиите посветени на епиграфиката и археологијата во регионите на Југоисточна Европа.
Inscriptiones Stoborum
Натписите пронајдени во municipium Stobensium првпат беа објавени на англиски јазик во корпус во 2012 година од Националната установа Стоби, како Книга I од монографската серија Студии за старините на Стоби. Археолошките ископувања од почетокот на XX век, како и површинските наоди, обезбедија вкупно 309 натписи само од самиот град. Тие беа вклучени во корпусот со преработени и ревидирани читања, уредени од Славица Бабамова.
Epigraphic monuments from Plaošnik – Ohrid
Археолошките ископувања спроведени на Плаошник, јадрото на античкиот град Лихнид, открија натписи кои беа вклучени во корпусот „Епиграфски споменици од Плаошник – Охрид“, објавен на македонски ианглиски јазик, уреден од Славица Бабамова и Калина Кузман Додевска, а издаден од Заводот и Музеј во Охрид во 2021 година. Книгата, исто така, содржи опширен вовед во историските и епиграфските извори за историјата на античкиот Лихнид и територијата на Дасаретите.
Славица Бабамова
И С Т Р А Ж У В А Ч И
Никола Вулиќ
Никола Вулиќ е роден во Скадар во 1872 година. Основно училиште завршил во Бољевац, а нижа гимназија посетувал во Зајечар и Алексинац. Виша гимназија завршил во Белград. Дипломирал во 1894 г. на Филозофскиот факултет на Големата школа во Белград, на Катедрата за класична филологија, археологија и историја. Последипломски студии на посетувал на Универзитетот во Минхен, а докторската дисертација со наслов Historische Untersuchungen zum Bellum Hispaniense ја одбранил во 1896 г.
Во 1897 г. бил избран за вонреден професор, а во 1901 г. за редовен професор на Филозофскиот факултет на Големата школа во Белград по предметот Општа историја на стариот век. Веднаш по основањето на Универзитетот во Белград, во 1905 г., станал вонреден професор. Учествувал во Првата светска војна како доброволец. Потоа, во 1919 г. бил избран за редовен професор на Филозофскиот факултет во Белград. Во 1921 г. бил избран за редовен член на Српската кралска академија. Бил доживотен член на Меѓународната унија на академии во Брисел, дописен член на Француската академија на науки, дописен член на Виенската академија на науки, дописен член на Романската академија на науки, член на Вергилиевата академија во Мантова, редовен член на Берлинското и на Виенското археолошко друштво, почесен доктор на Универзитетот во Падова и Клермон Феран. Бил претседател на Српското археолошко друштво, уредник на списанието „Старинар“ и претседател на Историското друштво на Србија.
Бил принудно пензиониран во 1938 г. од политички причини, поради несогласување со членовите на владата на кнез Павле, но продолжил да предава на Коларчевиот универзитет. За време на Втората светска војна бил затвореник во логорот Бањица.
Починал во Белград во 1945 г.
Делото на Никола Вулиќ содржи преку 550 научни трудови од областите на епиграфиката, нумизматиката, историографијата и класичната филологија, особено поради неговиот придонес во употребата на античките автори како историски извори. Ги проучувал поголемите балкански племиња во антиката, а се занимавал и со делата на Хомер, Пиндар, Катул и Вергилиј. Јасен и прецизен во пишаниот збор, тој ги поставил темелите за проучувањето на старините на Балканот. Образованието во класичните јазици му дало ширина во пристапот кон целокупната оставнина од антиката на балканските земји, а раководел и со археолошки истражувања во Србија и Македонија, меѓу кои и на архајската некропола кај Требениште и со ископувањата на театарот во Скупи, за кои добил признание од Францускиот археолошки институт.
Проф. Борка Драгојевиќ Јосифовска е родена 1910 г. во Горња Саница (Босна и Херцеговина). Класична гимназија завршила во Бихаќ во 1930 г., а на групата за класична филологија со историја на стариот век и археологија при Филозофскиот факултет во Белград дипломирала во 1934 г. Работела како професор во гимназиите во неколку градови низ Србија, Црна Гора и Македонија. Од 1948 г. работела како кустос во археолошкиот оддел на Народниот музеј во Скопје, а потоа, откако се оформил Археолошкиот музеј, како кустос во античкиот оддел. Во август 1950 г. била префрлена во Централниот завод за заштита на културно-историските споменици на НР Македонија. Во 1952 г. продолжила со работа во Археолошкиот музеј како шеф на Лапидариумот, а некое време ја извршувала и задачата на раководител на античкиот оддел на музејот.
Нејзината работа како кустос опфатила макотрпно и прецизно средување, организирање и документирање на камените споменици од античкиот период кои ги затекнала во Куршумли ан по Втората светска војна. Еден дел од натписите кои се дел од денешниот музејски фундус ги открила и донела од различни локации, со што ја збогатила збирката, која во тоа време важела за најголема од својот тип на Балканот. Во документацијата на Археолошкиот музеј се чуваат многу нејзини лични белешки и размислувања кои говорат за темелноста и ентузијазмот со кои Јосифовска работела. Како резултат на ваквата посветеност во 1956 г. заедно со архитектот Борис Чипан во коњушницата на Куршумли ан уредила лапидариум, за кој го напишала „Водич низ лапидариумот“. Својата широка ерудиција во античката цивилизација ја употребила и како раководител во неколку рекогносцирања и археолошки истражувања Исар-Марвинци, Драчево, Живојно, Стоби и Скупи.
Од 1958 до 1976 г. работела најпрво како лектор, а потоа како вонреден професор по латински јазик на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Широкото познавање на античката цивилизација продолжила да се отсликува во нејзините научни статии (над 40), во кои објавувала новооткриени натписи од Македонија, нумизматички наоди, извештаи од рекогносцирања и археолошки ископувања, во кои се занимавала и со историска географија, а својата работа ја крунисала со корпусот натписи од Скупи и Кумановскиот регион (“Inscriptions de la Mésie Supérieure”, vol. VI, Белград, 1982).
Била член и на три меѓуакадемски одбори: за издавање на античките натписи од Југославија, за Tabula Imperii Romani и за Limes.
Почина во Скопје, во 2003 г. Иако последните години од животот физички ги помина само во нејзиниот дом во Дебар Маало, непосредно пред смртта, како доказ за љубовта која ѝ дала сила и моќ за последен контакт со камените споменици на кои им го посвети целиот свој работен век, Борка Јосифовска за последен пат го посети Куршумли ан.
Славица Бабамова
Дополнителна литература
14. Зборник на археолошки музеј

Фанула Папазоглу е родена во Битола (денешна Северна Македонија) во 1917 г. Основното образование го завршила на Француското училиште во Битола од 1921 до 1929 г., а потоа завршила средно училиште и трговска академија во Битола. Во 1936 г. нејзиното семејство се преселило во Белград (Србија), каде што започнала студии по класична филологија со историја и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград. Пред и по Втората светска војна работела како clerk, а со оглед на тоа што војната ги прекинала нејзините студии, дипломирала во декември 1945 г.
Во текот на војната се приклучила кон партизанското движење. Во периодот 1942-1942 г., шест месеци била затвореник во концентрационион логор Бањица. Во 1944 г. заминала на Сремскиот фронт.
Во 1947 г. била избрана за асистент по античка историја, а во 1949 г. за предавач на Катедрата за историја на стариот век на Филозофскиот факултет во Белград. Докторирала во 1955 г. на тема „Македонски градови у римско доба“ и веднаш потоа била избрана за доцент, во 1960 г. за вонреден професор и шеф на катедрата, а во 1965 г. била избрана за редовен професор по античка историја. Во 1969 г. на нејзина иницијатива е основан Центарот за античка епиграфика и нумизматика, кој денес го носи нејзиното име. Во 1974 г. била избрана за дописен, а во 1983 г. за редовен член на САНУ. Од 1972 г. била дописен член на Германскиот археолошки институт, doctor honoris causa на Université Paris-Sorbonne (Paris IV) од 1982 г. и почесен член на Φιλολογικός Σύλλογος Παρνασσός во Атина од 1993 г. Била член и на АНУБиХ, а во 1994 г. била избрана за дописен член на МАНУ.
За своите извонредни научни достигнувања била одликувана со повеќе награди: Октомвриската награда на градот Белград во 1970 г. за нејзината книга „Средњобалканска племена у предримско доба. Трибали, Аутаријати, Дарданци, Скордисци и Мези“ и наградата за животно дело „7 Јули“ за историски науки во 1988 г.
Почина во Белград во 2001 г.
Нејзиниот научен опус опфаќа повеќе од 130 публикации посветени на историјата на Балканот од предисториските времиња до средниот век. Нејзините дела „Македонски градови у римско доба“ (посебни изданија на Жива антика бр. 1, Скопје, 1957), која 30 години подоцна е дополнета и објавена на француски јазик под наслов незаменливи во современата наука “Les villes de Macédoine a l’époque romaine” (Supplement BCH, Paris, 1988), покрај веќе споменатата „Средњобалканска племена у предримско доба. Трибали, Аутаријати, Дарданци, Скордисци и Мези“ (Сараево, 1969), заедно со многу бројни статии посветени на балканската ономастика, географија, историја, административно уредување, а особено епиграфика и нумизматика се фундаментални во проучувањата на антиката на Балканот. Многу од нив се актуелни и ненадминати до денес.
Професорката иницираше и беше уредник во објавувањето на корпусите на антички натписи од провинциите Македонија и Горна Мезија. Натписите од западниот дел на Северна Македонија се објавени во едицијата Inscriptiones Graecae X 2, 2, 1 како производ од соработката меѓу САНУ, МАНУ и Берлинската Бранденбуршка академија на науки, а натписите од Горна Мезија (Inscriptions de la Mésie Supérieure) се издадени како резултат на работата на Центарот за античка епиграфика и нумизматика.
Своето исклучително знаење, врвно познавање на античката цивилизација и научничката интуиција, покрај која таа поседуваше и ретка дисциплина и посветеност на науката, ги предаваше несебично и безрезервно на многу млади генерации студенти.
Славица Бабамова
Дополнителна литература:
Osamdeset godina profesora Fanule Papazoglu
BIBLIOGRAPHIE DES TRAVAUX DE FANOULA PAPAZOGLOU

Роден во 1915 година во Сливен, заврши гимназија во Софија, а потоа се запиша на Класична филологија на Универзитетот во Софија „Св. Климент Охридски“. Потоа специјализираше на Сорбона во Париз, што му овозможи да стане еден од водечките светски специјалисти по старогрчка епиграфика. Во Бугарија најнапред работеше како кустос на античкиот оддел во Националниот археолошки музеј, но набргу се врати како предавач на Катедрата за класична филологија при Универзитетот во Софија, каде што постепено напредуваше по академскиот cursus honorum и продолжи да работи како почесен професор и по пензионирањето. Помеѓу 1947 и 1949 година повторно специјализираше во Париз. Еден од неговите најзначајни учители беше Луј Робер, еден од најстрогите критичари меѓу епиграфичарите и најдобрите хеленисти на XX век, кој не ги штедеше пофалбите за Михајлов.
Меѓу разновидните научни дејности на Георги Михајлов, грчката епиграфика зазема најзначајно место. Неговиот интерес за оваа дисциплина се разгоре уште во студентските години, кога ја претстави својата студија „Јазикот на грчките натписи во Бугарија“. Таа потоа беше надополнувана, преработувана и усовршувана повеќе од половина век и прерасна во неговото најважно дело: „Грчките натписи пронајдени во Бугарија“ — корпус со повеќе од 4000 натписи во пет тома, дешифрирани, богато документирани и коментирани од авторот. Делото му донесе широко меѓународно признание, вклучително и „круната“ на Француската академија во 1957 година. Георги Михајлов беше странски член на Француската академија на науките и Англиското Кралско друштво. Меѓу неговите највпечатливи придонеси за епиграфската заедница беше иницирањето на Меѓународната асоцијација за грчка и латинска епиграфика; беше избран за нејзин претседател и остана на таа функција до крајот на својот живот.