Ве запознаваме со IG X 2.2.1 и 2 – Inscriptiones Graecae!
Inscriptiones Graecae (на англиски:
Greek Inscriptions, „Грчки натписи“) е најстариот проект на Берлинско-Бранденбуршката академија на науките и хуманистичките науки, посветен на собирање и издавање грчки епиграфски споменици. Збирката е организирана по томови, делови, свески и секции според региони. Досега се објавени повеќе од 50 тома!
Втората свеска од вториот дел на десеттиот том од ова фасцинантно издание ги опфаќа натписите од Macedonia Septentrionalis (Северна Македонија).

Натписите од
античките региони Линкестида, Хераклеја Линкестис, Пелагонија, Дериоп и Лихнид (денешен Охрид) се вклучени во
првата секција, која беше подготвена од
Фанула Папазоглу, Милена Милин, Маријана Ричл, со помош на
Клаус Халоф, и беше објавена во
1999 година.
Втората секција, која ги опфаќа долините на реките Аксиј (денешен Вардар), Астибо (денешна Брегалница) и Струмица, се појави неодамна, во 2023 година, во редакција на Славица Бабамова. Таа содржи повеќе од 780 натписи, од кои многу се објавени за првпат, некои се пречитани и повторно интерпретирани, и сите се придружени со критички апарат и нови фотографии.

Објавувањето на натписи е резултат на долг истражувачки процес кој вклучува теренска работа, проучување, конзервација, читање, уредување и тимска работа на бројни истражувачи и експерти. Изданијата
IG X 2.2.1 и 2, поддржани и уредувани со голема стручност од
Клаус Халоф, ги следат највисоките критериуми во епиграфската наука и претставуваат еден од најзначајните придонеси за зачувување на културното наследство.
Тие воедно се и сведоштво за континуираната научна традиција во проучувањето на епиграфиката и археологијата во регионите на Југоисточна Европа.