Општество и култура - ДЕЛ 2

Општество и култура - ДЕЛ 1

Концептот за семејство и брак во римското право

 

1. Фамилија

Латинскиот збор familia, кој во повеќето јазици е преземен како таков, во својата семантичка целост не е идентичен со зборот семејство. Имено, содржината на терминот familia е значително поширока од содржината на терминот семејство, бидејќи поскоро се однесува на домаќинството во целост, односно ги опфаќа и лицата што се дел од семејството и стварите, како што информира правникот Улпијан во Дигести (D. 50.16.195.1-2):

1. „Да видиме како се сфаќа називот ‘фамилија’. Навистина, се сфаќа на различни начини; се однесува и на ствари и на личности. На ствари, на пример, се однесува во Законот на дванаесет таблици како што може да се види преку зборовите: „’Фамилијата’ [т.е. имотот] нека му припадне на најблискиот агнат.“ Означувањето ‘фамилија’ се однесува на личности кога законот зборува за односот меѓу патронот и ослободеникот: „од таа фамилија“ или „во таа фамилија“; овде е сигурно дека законот зборува за поединечни личности. 2. Називот ‘фамилија’ се однесува и за означување на која било група од индивидуи (corpus), коишто се поврзани според нивното право како индивидуи или според заедничката врска што произлегува од роднинството. Го додаваме називот ‘фамилија’ [за означување] на повеќе лица според лично право, кои се потчинети на власта на едно лице или природно или според законот, како на пример, таткото на семејството (pater familias), мајката на семејството (mater familias), синот на семејството (filius familias), ќерката на семејството (filia familias), а потоа и оние што потекнуваат од нив, како на пример, внуци, внуки и така натаму.

“'Familiae' appellatio qualiter accipiatur, uideamus. et quidem uarie accepta est: nam et in res et in personas deducitur. in res, ut puta in lege duodecim tabularum his uerbis 'adgnatus proximus familiam habeto'. ad personas autem refertur familiae significatio ita, cum de patrono et liberto loquitur lex: 'ex ea familia', inquit, 'in eam familiam': et hic de singularibus personis legem loqui constat. Familiae appellatio refertur et ad corporis cuiusdam significationem, quod aut iure proprio ipsorum aut communi uni-uersae cognationis continetur. iure proprio familiam dicimus plures perso-nas, quae sunt sub unius potestate aut natura aut iure subiectae, ut puta pat-rem familias, matrem familias, filium familias, filiam familias quique dein-ceps uicem eorum sequuntur, ut puta nepotes et neptes et deinceps.”

Од извадокот е јасно дека во римската фамилија влегуваат сите лица кои се под власт на таткото на семејство (pater familias), кои исто така се дефинирани како членови на неговото домаќинство преку квалификативот familias. Во поширока смисла и сите крвни роднини (когнати) или роднини по тезбина влегуваат во фамилија. Во уште поширока смисла римското семејство го опфаќа сиот личен имот што се состои од физички предмети и од робови. Самиот начин на структурирање на семејната динамика и хиерархија укажува на тоа дека семејството се сметало за градежен блок на римското општество и метафорично се сфаќало како микроструктура на државата. Оттука било многу важно да се уредат односите во рамките на семејството со поставување на стабилна хиерархија и со донесување на закони кои ќе ја поддржуваат. Кон ова толкување оди во прилог и етимологијата на самиот збор familia што според Де Ван (De Vaan, Etymological Dictionary of Latin and the other Italic Languages, s.v. famulus) доаѓа од протоиндоевропски *dhh1-m-elo- „основа, фундамент“, а како индоевропски когнати ги наведува грчките зборови θεμείλια = „темели, основи“; θεμέλιος = „што припаѓа на основата“, како и θέμις = „право“. Имено, сè она што припаѓа на домот – основата – темелите, вклучително и самиот објект, како и односите меѓу лицата што доаѓаат од истиот објект, се нарекува familia. Слично значење има и грчкото οἶκος = „куќа“, „дом“, „домаќинство“, основа на сите кованки со еко- (економија, екологија итн.), што го има истиот индоевропски корен *ueiḱ-/uoiḱ- со лат. vicus = „група куќи“, „село“). Словенскиот збор „семејство“, пак, според Преображенски (Преображенский, Этимологический словарь русского языка s.v. семья) доаѓа од индоевропскиот корен *kei- „лежам“, „живеам“ (грч. κεῖμαι =„лежам“) од кој се изведенките за „стан“ и „место за живеење“.

Припадноста на некое лице во одредено семејство (familia) играла голема улога во римскиот општествен и правен живот. Од големо значење за одредување на правата на некое лице е неговиот статус во рамките семејството, односно дали е независно, под своја власт (sui iuris) или е под власт на друго лице (alieni iuris). Лицата со статус alieni iuris биле под власт на таткото на семејството (pater familias), кој не мора да биде биолошки татко, туку едноставно е најстариот член на семејството, кој има статус sui iuris и ги ужива сите права што му се дадени како римски граѓанин (civis optimo iure). Таткото на семејството е столбот во римскиот семеен систем, бидејќи неговата власт над останатите членови во семејството претставувала врска што ги поврзува тие членови во заедница. Вообичаено, таткото на семејството има власт над (1) својата сопруга (uxor = законска жена), доколку таа влегла во брак наречен cum manu (под рака т.е. под власт на мажот); (2) своите деца; (3) своите внуци, т.е. потомци на синовите што се под негова власт (potestas); (4) неговите озаконети и посвоени деца; (5) робовите и други индивидуи зависни од него на сличен начин. Терминот agnatio ја означува таа врска што се создава меѓу членовите на семејството, која не мора да биде крвна. Крвната роднинска врска, наречена cognatio, немала толкаво правно значење во пораниот период од римската држава, но постепено станува значаен фактор (процес што започнува кон крајот на Републиката), што е од особена важност за интестатското наследување. Во доцната Римска Империја, агнатското сродство нема никакво значење и со ова Јустинијан конечно раскинува во Новела 118.
Услов за создавање римско семејство-familia не е склучување брак, туку менување на семејниот статус од alieni iuris во sui iuris. Тоа се постигнува или со еманципација на лицата alieni iuris додека таткото на семејството сè уште е жив, или по смртта на таткото на семејството само на лицата кои се непосредно под татковска власт (т.н. sui heredes). На тој начин тие создаваат свое семејство и без да имаат сопружник и потомство. Но кога filia familias (ќерката во семејството) ќе се еманципира, таа самата е свое семејство, кое завршува со неа, бидејќи ако се омажи, нејзините деца ќе бидат во агнатското семејство на мажот: „Жената е и почеток и крај на своето семејство.“ (Mulier autem familiae suae et caput et finis est. D. 50.16.195.5).

 

2. За бракот

За да се развие семејството понатаму, нужно е да се склучи брак, во кој ќе се создадат деца по природен пат и/или со посвојување. Бракот во латинскиот јазик има три називи со различна етимологија, кои се употребуваат подеднакво и укажуваат на различните функции и задачи што произлегуваат од оваа заедница: coniugium; nuptia; matrimonium. 1) Coniugium укажува на заемната врска (quasi commune iugum), сврзувањето меѓу мажот и жената. 2) Nuptia се поврзува со глаголот nubere што претставува церемонија во која невестата го трга велот, зашто nubo има и транзитивно значење: покривам со вел и има иста етимологија со nubes (облак) (Oxford Latin Dictio-nary s.v. nubo). 3) Matrimonium e термин кој укажува на должностите на мајката во заедницата (matris (mater = мајка) munus (moenus = должност, обврска)). Сите овие називи се однесуваат на врската што се создава меѓу мажот и жената, која според законот треба да биде моногамна (никој не смее да има повеќе од една жена) и егзогамна (идните младенци треба да се бараат надвор од родовската заедница):

„Општо е познато дека никој, кој е под римско правосудство, не може да има две жени [истовремено], а и според едиктот на преторот ваквите мажи се обележани со губење на граѓанската почест (infamia). Соодветниот судија, пак, нема да допушти ваквата работа да биде неказнета.“

“Neminem qui sub dictione sit Romani nominis, binas uxores habere posse vulgo patet, cum et in edicto praetoris huiusmodi viri infamia notati sint. Quam rem competens iudex, inultam esse non patetur.” (Cod.Just. 5.5.2. De incestis et inutilibus nuptiis)

Сепак, законите, но и називите што се наведени за бракот погоре, се однесуваат на бракот кој е заснован на ius civile = правото кое го уживаат само римските граѓани (cives Romani), кои имаат ius conubii (право на законски брак, iustum matrimonium) и само таков брак може да создаде familia. Во таков брак се заштитени правата на обата сопружника во однос на нивниот имот и наследување, но и доколку дојде до развод на бракот. Но, ако се работи за брак кој произлегува од обичаите на другите народи (еx iure gentium) или воопшто, за заедница меѓу маж и жена кои немаат ius conubii, тогаш станува збор за нелегитимен брак - matrimonium iniustum или non legitimum, кој не конституира familia. Во незаконските бракови не се заштитени правата ниту на сопружниците, а ниту на децата, бидејќи децата родени во таков брак и самите се сметаат за незаконски и го добиваат називот naturales (природни, родени), наместо legitimi (законски). Нивната мајка, пак, никогаш нема да стане uxor или coniunx, два термина што покажуваат дека жената е во законски брак (matrimonium iustum). За законска сопруга поретко се употребува и терминот marita, кој е женски еквивалент на maritus, со значење сопруг.

Незаконските бракови исто така имаат посебни називи:

(1) concubinatus, овој вид заедница е авторизирана за време на Август со законот Lex Iulia et Papia и се однесува на лица кои имаат нееднаков статус, доколку мажот не е веќе во законска брачна заедница. Жената во оваа заедница се нарекува конкубина (concubina = соложница, со која мажот го дели креветот), таа не е ниту pellex = љубовница, ниту uxor = законска жена, туку uxoris loco = наместо сопруга. Децата од оваа заедница не се законски (legitimi), но ниту се вонбрачни (spurii), туку природни (или родени) деца (naturales).

(2) contubernium е заедница меѓу слободен човек и робинка или меѓу робови. Буквално значи заеднички шатор, односно заедничко живеалиште на робовите кои се оженети, па оттука доаѓа и изведеното значење на заедница, се разбира која е надвор од законските прописи. Contubernium станува iustum matrimonium кога робовите ќе станат слободни.

Законскиот брак, од друга страна, со право може да се нарече процес, бидејќи се одвива во неколку фази. Прва фаза е свршувачката (sponsalia), потоа е ветувањето за мираз (dotem promittere, dotis promissio/dictio), брачната церемонија (nuptia), и раскинот на бракот (dissolutio matrimonii), кој најчесто е резултат на смрт на еден од сопружниците, или на развод (divortium); како и да е, раскинот вообичаено е проследен со враќање на миразот (dotem remittere) со што завршуваат обврските меѓу сопружниците. Доколку има деца, тие, се разбира, остануваат во домаќинството на нивниот татко.

 

2.1. Свршувачка

Свршувачката е дел од процесот брак (nuptia) и претставува формално ветување; оттука и називот sponsalia (spondeo = свечено ветувам), односно веридба. Вообичаено на овој чин се случува и ветувањето за мираз (promissio dotis), но и спогодбите (pacta) доколку има отстапување од законските одредби за миразот. Татковците го договараат идниот брак само доколку идните младенци во рамките на семејството имаат статус alieni iuris. Тоа значи дека тие се под татковска власт (patria potestas). Дури и да се под татковска власт, тие може да не се согласат, да не дадат consensus, што е еден од условите за договарање свршувачка и склучување брак. Но тоа право е ограничено за девојката, бидејќи таа може да не се согласи со изборот на таткото само во случај да одбрал расипник или бесрамник (Дигести, D. 23. 1.12).

Иако во најстариот период свршувачката била неформален чин без специфични правни последици, честопати следувал формален договор и ветувања кои носеле извесни последици. Постепено sponsalia станала легализиран дел од процесот nuptia. Во класичното право било невозможно едната страна да ја тужи другата за оштета поради прекршено ветување, поради правилото дека бракот треба да биде слободен (Libera matrimonia esse antiquitus placuit; Cod.Just. 8.38.2).

За разлика од бракот, за свршувачката не е потребен пишан документ, а ниту сведоци. Она што е често користено се посредниците, т.н. стројници. Најчесто стројник е pater familias, но во Cod.Just. 5.1.6. се изнесува дека стројникот може да биде и надворешно лице (extraneus), кое може да заработи 5% од износот на миразот. Ова е всушност царски рескрипт со кој се ограничува сумата што може да ја земе посредникот.

Во врска со возраста, не важат истите рестрикции како за склучување брак, бидејќи идните младенци може да бидат и малолетни, но на онаа возраст на која разбираат што се случува со нив, а тоа е седум години. На друго место, пак, стои дека девојчињата може да бидат свршени уште кога ќе се родат.

 

2.2. Склучување законски брак

Под насловот De ritu nuptiarum (За обичајот на бракот) во книга 23 во Дигести веднаш е дадена дефиниција за бракот според правникот Модестин:

„Бракот е соединување на мажот и жената, заедница за цел живот, споделување според божјото и човековото право.“

“Nuptiae sunt coniunctio maris et feminae et consortium omnis vitae, divini et humani iuris communicatio.” (D. 23.2.1)

Натаму следуваат правилата кои се однесуваат на склучување брак, од кои најважни се условите кои треба да се исполнат за да се создаде законски брак и пречките кои оневозможуваат законски брак. Услов за да се склучи законски брак е сопружниците да имаат ius conubii, пред сè. Тоа значи да бидат римски граѓани, или Латини, и да немаат забрана за склучување брак. Освен тоа, услов е возраста, тие не треба да бидат малолетни. Годишната граница за девојчињата е дванаесет години, а за машките четиринаесет (Inst. Just. 1.10; Cod. Just. 5.4.24). Ако се помали од пропишаната возраст, бракот се смета за неважечки, и покрај тоа што жената е донесена во домот на мажот. Последните два услова за склучување брак се: да има брачна наклоност (affectio maritalis) и бракот да биде склучен во облик пропишан со правото.

Очигледно е дека браковите дури и во времето на Јустинијан, не биле регистрирани од страна на државен службеник. Младенците можеле да направат брачен договор, ако сакаат, во кој даваат попис на миразот и на заедничкиот имот (instrumenta dotalia), како и на обврските кои ги имаат со влегувањето во бракот. Оттука, властите не можеле секогаш да имаат увид во тоа кој со кого стапува во брак, особено во провинциите, меѓу локалното население. Ако бракот не го сочинува регистрација од официјално лице, тогаш што е тоа што го држи бракот? Според Улпијан (Дигести, D. 24.1.32.13) тоа е брачната наклоност (affectio maritalis) и тоа е чинот на водење на жената (uxorem ducere, deductio in domum) во домот на мажот, кој е место за живеење на брачниот пар. Самиот факт дека таа живее во неговиот дом и сака да живее во неговиот дом, е основа за прогласување брак и тоа е наједноставниот начин на склучување брак, наречен (1) usus (користење, ползување). Има уште две форми на склучување законски брак, кои подразбираат извесни церемонии: (2) coemptio (привидно купување); (3) confarreatio (конфареација е најстар и најугледен начин на религиозно римско венчавање во присуство на pontifex maximus при кое младенците јаделе парче од колачот, farreus panis).

 

2.3. Брак под власт и брак без власт на мажот

Во рамките на бракот жената може да има различен статус кој зависи од тоа дали ја прифаќа или не ја прифаќа власта на мажот, односно дали влегува во новото агнатско семејство или не. Ако жената влезе под власт на мажот (manus) бракот се нарекува matrimonium cum manu; ако не ја прифати власта на мажот, но (а) остане под власт на својот татко (patria potestas) или (б) е еманципирана (sui iuris) под надзвор на туторот (tutella), тогаш бракот се нарекува matrimonium sine manu.

Во првиот случај, кога жената влегува во брак cum manu, таа станува дел од агнатската фамилија на својот сопруг и станува агнатски роднина со него. Идните сопружници, или нивните застапници правеле договор наречен conventio in manum, според кој жената влегува во семејството на нејзиниот маж и стекнува правна положба на ќерка (filiae familias loco), што значи дека не е на исто ниво со него туку една генерација под него. Таа потпаѓала под негова власт (manus), или под власта на неговиот pater familias, како граѓанка alieni iuris (под туѓа власт). Нејзината положба била слична на онаа на посвоените деца, кои биле поврзани со фамилијата, но не толку блиску како природните деца. Како резултат на ваков брак, жената, исто како и нејзините деца, останувала под власта на својот сопруг сè до неговата смрт. Таа не можела да поседува имот и не можела да се разведе од него, иако тој можел да се разведе од неа. Ако тој починел пред неа, таа станувала една од неговите наследници (sui heredes). Ако тој бил pater familias во моментот на смртта, таа станувала sui iuris по неговата смрт, но сè уште во рамките на неговата патрилинеарна лоза.

Бракот sine manu општо создавал ситуација во која машката власт над жената (patria potestas – татковска власт, manus – власта на мажот, или tutella - власта на туторот) била поделена меѓу неколку лица кои не биле меѓусебно сродни: нејзиниот татко или тутор (ако е еманципирана), нејзиниот сопруг, а можеби и таткото на нејзиниот сопруг (ако сопругот е alieni iuris). За да ја задржи независноста од мажот, нужно било да го искористи правилото usurpatio/absentia trinoctium, според кое таа е должна да биде отсутна од својот дом три ноќи по ред секоја година (Lex XII Tab. VI, 4 = Gai. Inst. I. 111):

„Од Законот на дванаесет таблици е предвидено дека жената, која не сака да биде под власт на мажот, треба секоја година да отсуствува три ноќи и на тој начин таа година се прекинува [власта].“

(itaque lege duodecim tabularum cautum est ut, si qua nollet eo modo in manunt mariti conuenire, ea quotannis trinoctio abesset atque eo modo usum cuiusque anni interrumperet.)

 

2.4. Правни пречки за склучување брак

Пречките за склучување брак се бројни. Прво, ако не се исполнети условите за брак кои се наведени, тогаш има пречка за склучување брак. Понатаму, може да се издвојат оние што се пропишани со законот: постоење на друг брак, како што беше наведено погоре; душевна болест на еден од сопружниците (ако е стекната во текот на бракот, тогаш не е причина за развод на бракот: „Лудилото претставува пречка да се склучи брак, бидејќи е потребна согласност; но штом ќе се склучи [бракот] правилно, [лудилото] не претставува пречка.“ (Дигести, D. 23.2.16)); крвно сродство.

Според правникот Гај (Gai. Inst. 1.59) бракот меѓу родител и дете, дедо и внука, баба и внук, т.е. меѓу сите што се во роднинска врска во права линија, се смета за безбожен и инцестуозен (nefarias et incestas nuptias). Во странична линија роднините не смееле да стапуваат во брак во најстаро време до шести степен, а во класичното право до четврти степен. Истото се однесува и на сродството по посвојување. Имено Гај потврдува и понатаму (Gai. Inst. 1.61; D. 23.2.17.) дека инцестуозен се смета и бракот меѓу брат и сестра без разлика дали се вистински, полу или посвоени. За бракот меѓу легитимно и посвоено дете вели дека може да се реализира само доколку едното од нив се еманципира. Тогаш веќе нема правна пречка за брак (nihil impedimento erit nuptiis). Но бракот меѓу посвоено дете (десцендент) и родител посвоител (асцендент), или со брат/сестра на асцендентот се смета за инцестуозен, а со тоа и забранет, дури и по еманципација на посвоеното дете (Дигести, D. 23.2.17.2.). Доколку ваков брак сепак се склучи, тој се сметал за неважечки, а децата родени од овој брак се сметаат дека немаат татко (sine patre). Тоа кажува дека децата се лишуваат од правото да бидат наследници и тоа е казната за овој вид престап.

Покрај овие пречки од старото право, во подоцнежното право како пречка се смета и брак меѓу тутор и штитеничка, што претставува злоупотреба на позицијата, а со законите на Август (Lex Iulia de maritandis ordinibus и Lex Papia Poppaea), се забранува сенаторскиот ред да стапува во брак со ослободеници или со лица кои се занимаваат со недостојни професии и на ова е посветено достојно внимание во Дигести (D. 23.2.).

 

2.5. Прекин на брачната заедница 

Прекин на брачната заедница според Паул може да настане поради развод, смрт, заробеништво или друг вид ропство на еден од сопружниците: “Dirimitur matrimonium divortio, morte, captivitate vel alia contingente servitute utrius eorum.” (Дигести, D. 24.2.1.).

Ропството било причина за разрешување на брачната заедница, бидејќи со тоа се губел status libertatis на еден од сопружниците, а тоа автоматски значи губење и на ius conubii што претставувало правна пречка за продолжување на бракот. Но, ако мажот, или жената, се врати од заробеништво и си го врати поранешниот статус на граѓанство (status civitatis), тогаш зависело од нивната волја дали бракот ќе продолжи. Без разлика дали има можности за враќање на заробеникот, или не, правниците им препорачуваат на сопругите на заробените мажи да не избрзуваат со стапување во друг брак, за да не ги сносат последиците од разведувањето, кои главно се однесуваат на нивниот имот:

„Жените на оние [мажи], кои паднале под непријателска власт, може да се сметаат како сè уште да се мажени, бидејќи не можат да се омажат непромислено за други [мажи]. Воопшто, додека е сигурно дека мажот во заробеништво е жив, жената нема дозвола да се премажи, освен ако самата навистина сака да добие причина за напуштање на бракот. Но, ако не е сигурно дали мажот е жив кај непријателите или умрел, тогаш, ако помине период од пет години откако е во заробеништво, жената има право да се премажи. [Во овој случај] ќе се смета дека со заедничка одлука е разрешен поранешниот брак и секој од нив ќе го има намалено своето право. Истото правило ќе се земе предвид ако мажот преживеал во државата, а жената е заробена.“

“Uxores eorum, qui in hostium potestate peruenerunt, possunt uideri nuptarum locum retinere eo solo, quod alii temere nubere non possunt. et generaliter definiendum est, donec certum est maritum uiuere in captiuitate constitutum, nullam habere licentiam uxores eorum migrare ad aliud matrimonium, nisi mallent ipsae mulieres causam repudii praestare. sin autem in incerto est, an uiuus apud hostes teneatur uel morte praeuentus, tunc, si quinquennium a tempore captiuitatis excesserit, licentiam habet mulier ad alias migrare nuptias, ita tamen, ut bona gratia dissolutum uideatur pristinum matrimonium et unusquisque suum ius habeat imminutum: eodem iure et in marito in ciuitate degente et uxore captiua obseruando.” (Дигести, D. 24.2.6)

Државата, како што не го регистрирала склучувањето на бракот, исто така не го регистрирала ни разведувањето на бракот. Оттука сведоштва за практиката на разведување има само преку пронајдените папируси со документи за развод на брак, или цензорските списоци, кои главно потекнуваат од Египет или од Блискиот Исток, од кои не може да се изведе правило што се однесува на целата Империја. Според правниците, за да биде правосилен разводот, нужно било мажот и жената да имаат сведоци дека бракот е разрешен. За разведување на бракот се употребуваат два термина, кои понекогаш имаат исто значење: divortium и repudium. За разликата меѓу divortium и repudium говорат и класичните правници, кои исто така не се едногласни за нивната дистинкција. Според Модестин (Дигести, D. 50.16.101.1.1): „’развод’ (divortium) настанува меѓу сопруг и сопруга, а известување за ’напуштање’ (repudium) се чини дека се праќа за свршувачка.“ (“'Diuortium' inter uirum et uxorem fieri dicitur, 'repudium' uero sponsae remitti uidetur.”)

Правникот Паул (Дигести, D. 50.16.191), пак, ја дава следнава дистинкција:

„Меѓу ’развод’ (divortium) и ’напуштање’ (repudium) ова е разликата: ’напуштање’ може да се направи на бракот што ќе се склучи, додека за свршувачката не може да се каже дека се разведува, бидејќи зборот ’развод’ доаѓа оттаму што одат на различни страни оние кои се разделуваат.“

“Inter 'diuortium' et 'repudium' hoc interest, quod repudiari etiam futurum matrimonium potest, non recte autem sponsa diuortisse dicitur, quod diuortium ex eo dictum est, quod in diuersas partes eunt qui discedunt.”

Денес главно се прифаќа дека divortium се однесува на двострана одлука да се разведе бракот, за која не се потребни правни причини (iusta causa), додека repudium, кој како термин е карактеристичен и за свршувачката, значи еднострана одлука да се раскине бракот, па оттука може да се преведе со напуштање, иако понекогаш има значење на набркување. Едниот брачен партнер одлучува да ја напушти заедницата, без разлика кој од нив го напушта заедничкиот дом. Терминот repudium се преведува со изразот едностран развод. Во Законот на дванаесет таблици (IV.3) се спомнува едностран развод, т.е. бркање на жената од домот на мажот: Illam [...] suas res sibi habere iussit, ex XII Tabulis, claves ademit exegit. („Ѝ заповеда да си ги земе своите работи, според законот на дванаесет таблици, ѝ ги зеде клучевите и ја избрка.“). Како adulterium така и repudium е кованка: re+pudet+ium (Oxford Latin Dictionary). Префиксот re- има значење на движење наназад или обратно, повлекување, одвојување, дејство што се повторува. Глаголот pudeo има значење се срамам или правам некој да се срами. Од овој глагол е изведена и именката (nom. agentis) pudor, -oris = срам, срамота, но исто така и скромност, чувство на чест, зашто тој што се срами покажува скромност. Овие два значенски збора се поврзани во именката repudium за да означат одбивање на срамот. Такво значење добива и глаголот repudio: одбивам, не прифаќам, отфрлам, испадувам, избркувам (uxorem), го отфрлам срамот од себе. Всушност repudium, чин што можел да го стори само мажот во времето на Републиката, се поврзува со отфрлање на срамот, кој има своја основа во сексуалната комуникација. За тоа зборува и еуфемистичкиот назив на половите органи, кои, кај Грците и Римјаните, се наречени срамни органи (pudenda, τὰ αἰδοῖα). Но, брачниот партнер не може да го направи тоа напуштање на брачната заедница без да има правна причина, зашто во тој случај ќе биде казнет имотно и со губење право на брак.

А во врска со тоа кои се правните причини што дозволуваат овој чин да помине lege artis има голема разлика во текот на римската историја. Римските цареви кои припаѓаат на христијанскиот период, ги намалиле правните причини за едностран развод на бракот. Тоа не значи дека сопружниците не можеле да се разведат, напротив, тие можеле да се разведат, но биле должни да плаќаат казни и да изгубат права кои се однесуваат на бракот. На пример, жената можела без никакви последици да се разведе од својот маж, само ако докаже дека тој е причинител на едно од трите наброени кривични дела, односно дека тој е: homicida = убиец; medicamentarius = трујач; sepulchrorum dissolutor = осквернувач на гробови, според законските одредби на царот Константин во 331 г. Слични се причините и за мажот, кој можел да се разведе од својата жена без нејзина согласност до-колку докаже дека таа е moecha = прељубничка; medicamentaria = трујачка; conciliatrix = подводаџика. Жената, која ќе направи едностран развод без правна причина, таа го губела својот мираз и била прогонета на некој остров. Слични биле санкциите и за мажите. Овие правни причини се менувале, во зависност од наклонетоста на царот, но во времето на Јустинијан биле најстроги, бидејќи тој воопшто забранувал едностран развод. Обостран развод, пак, бил дозволен само ако сопружниците решиле да живеат во манастир (Nov. Just. 134,11). Поради ваквата ригорозност, една од првите работи што ги прави царот Јустин II, кој го наследува престолот од Јустинијан, е укинување на оваа одредба (J. Nov. 140).

 

2.6. Враќање на миразот

По разводот, мажот и жената не воделе парница за старателство над децата, бидејќи законот пропишува тие да бидат кај таткото, освен ако тој не дозволи со посебна спогодба децата да израснат кај мајката, туку водат парница за реституција на миразот. Во основа мажот и жената во еден законски брак немале заеднички имот. Секој си водел сметка за својот имот што го поседувал пред бракот, но и за добивките кои настанувале од тој имот во текот на бракот. И во рамките на едно домаќинство, секој предмет припаѓал или на мажот или на жената. Оттука, мажот немал обврска да ја издржува жената, ниту обратно, иако според законот се обврзани да се грижат за своите асценденти и десценденти. За да може жената да се издржува од свој имот, таа била должна да внесе мираз (dos) во брачната заедница, имот кој во текот на бракот е во владение на мажот. За да се осигура идниот младоженец или неговиот татко, дека невестата ќе донесе мираз во новото семејство, нужно било да се склучи еден вербален договор наречен dotis dictio/promissio. Целта на миразот е да служи за издршка во текот на бракот (ad onera matrimonii sustinenda), за трошоци кои се однесуваат на одржување на домаќинството и издршка на децата, но самата жена не можела да го троши самостојно миразот, освен во извонредни случаи кои се наведени во Дигести, D. 24.3. Но, во времето на Јустинијан, сопственоста на миразот припаѓала на жената, додека мажот имал улога на узуфруктуар, тој што ги собира плодовите.

Но, ако жената умре, или бракот се разведе Улпијан (Дигести, D. 24.3.2) вели „миразот треба да ѝ се врати на жената“. За таа цел во времето на Јустинијан веќе била обезбедена и реална тужба (actio dotis) со која жената или сама, или заеднички со нејзиниот татко (ако не е еманципирана) може да си го бара судски миразот. Се разбира, таа не го добива сиот имот назад, туку остава дел на својот сопруг, за да ги исплати неопходните трошоци што произлегле во текот на бракот, но и на своите деца. Остатокот го делела со својот татко, ако била нееманципирана.

Освен што не се враќал сиот мираз, исто така не се враќал и секој вид на мираз. Затоа правниците прават стриктна поделба на миразот на (1) dos profecticia (профектициски мираз, тој што доаѓа од таткото на девојката или од таткото на семејството на кое припаѓа девојката, (Дигести, D. 23. 3. 5)) и (2) dos adventicia (адвентициски мираз, тој што го дава кој било друг или самата жена). Профектицискиот мираз се враќа на таткото и/или на жената, ако таа е еманципирана, по прекин на бракот, а адвентицискиот останува кај мажот, освен ако не е одредено поинаку со стипулација. Периодот на враќање исто така е загарантиран со законот, со цел жената да не биде долго време без средства за живот.

Во Дигести се наведени многу правила за враќањето на миразот - колку од миразот се враќа и кому му се враќа во различни хипотетички ситуации, но она што произлегува како заклучок е дека со постапката враќање на миразот била овозможена заштита на жената, за да не остане без ништо кога бракот би се развел. Како што беше кажано и претходно, и разводот на бракот не треба да биде без никаква причина, па затоа, ако се реши жената да го напушти мажот без да почитува правна причина, тогаш останува без својот мираз, односно нема право на тужба за миразот, бидејќи разводот бил чин кој не се поттикнувал по секоја цена.

Во заклучокот може да се каже дека жените во бракот, добиле многу поголема независност во периодот на Царството одошто имале на почетокот на Републиката, или во средниот век. Она што е наведено во правната теорија на извесен начин се докажува и преку раскопките од Египет, каде се пронајдени папируси со различна содржина, а меѓу нив и бројни правни документи. Тие документи покажуваат дека било вообичаено уште од почетокот на Царството (веројатно обичај преземен од хеленизираното египетско население), да се прават брачни договори, од кои примерок се чувал и во државната архива, со кои се решаваат односите и условите за развод. Во нив, меѓу другото, се наведува и колкав мираз донесува жената во бракот и како, кога и кому треба да се врати миразот. Се разбира, на крајот од договорот, нужно е да се потпише и мажот дека се согласува и врз основа на овој договор се правела поделбата по разводот. Од тие причини документите за обостран развод се многу помалубројни, бидејќи не се потребни. Доколку ги има во нив не се наведуваат причините за развод, туку мажот и жената си даваат дозвола да стапат во друг брак и потврдуваат дека миразот е вратен назад на жената.

Даниела Тошева


Дополнителна литература:


Corpus iuris civilis, volumen tertium. (1959), Novellae Iustiniani, recognovit, Rudolfus Schoel, Berolini, MCMLIX.
Corpus iuris civilis, volumen secundum. (1906), Codex Iustinianus, Paulus Kruger, Berolini.
Corpus iuris civilis, volumen primum. (1928), Institutiones, Paulus Kruger, Berolini.
Crawford, M.H. (ed.) (1996), Roman statutes, vols. I-II, Institute of Classical Studies, School of Advanced Studies, University of London.
Frier, B. (2021) (ed.). The Codex of Justinian: A New Annotated Translation, Vols. 1–3. Kruger, P. (ed.) (1906). Corpus Iuris Civilis, vol. 2, Codex Iustinianus, Berolini.
Gaius. (1958), The Institutes of Gaius, Part I, Text with critical notes and translation, Francis De Zulueta, Oxford, Clarendon Press.
Gaius. (1963), The Institutes of Gaius, Part II: Commentary, Francis De Zulueta, Oxford, Clarendon Press.
Gaius. (1988), The Institutes of Gaius, ed. W. M.Gordon, O.F. Robinson, Duckworth, London.
Iustinianus. (1865), The Institutes of Justinian, English translation, introduction and notes, Thomas Collett Sandars, Londman Green, London.
Јустинијан (2019), Дигести: избор од брачното право: 23-24, предговор, превод од латински
јазик, белешки и индекс Даниела Тошева, Скопје, Д. Тошева-Николовска.
Legis Duodecim Tabularum Reliquiae. (1866), edidit, constituit prolegomena addidit Rudolphus Schoell, Lipsiae.
Mosaicarum et Romanarum Legum Collatio. (1913), with introduction, facsimile and transcription of the Berlin codex, translation, notes ad appendices by Rev. H. Hyamsom, Oxford University Press.
Remains of Old Latin III: Lucilius, The Twelve Tables. (1938), edited and translated by E.H. Warmington, Willian Heinemann ltd, Cambridge, Massachusetts, Harvard University Press, London.
Select Papyri in Five Volumes: Non-literary papyri. Public documents. Volume 2, with an English translation by A. S. Hunt First printed 1934, reprinted 1956, 1963.
Theodosiani libri XVI cum constitutionibus sirmonlianis et leges novellae ad Theodosianum pertinentes, Vol. I-II, ed. Th. Mommsen et P. Meyer. Berolini, 1905.
The Twelve Tables, (1952), translation P. R.Coleman-Norton, Princeton University, Department of Classics.
Watson, Alan. (ed.) (1985), The Digest of Justinian, I-IV vols., University of Pennsylvania Press, Philadelphia.
Законот на дванаесет таблици, (2018), превод од латински, белешки и предговор, Даниела
Тошева. МСУ, Свети Николе.

 

Општество и култура - ДЕЛ 3