Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 5

Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 4

 

ГРАДОВИ
во
 ПРОВИНЦИЈАТА ДОЛНА МОЈСИЈА (МЕЗИЈА)

 

 

Дионисопол
(Διονυσόπολις, Dionysopolis)

 

На стрмните карпи на платото Добруџа свртени кон југ, каде што копното се среќава со Црното Море, се наоѓа античкиот град Дионисопол, денешен Балчик.

Античките пишани извори за Дионисопол се исклучително оскудни. Тие не даваат никакви податоци за основањето на градот. Не се спомнуваат ниту датум, ниту матичен град, што ја прави реконструкцијата на неговата рана историја особено тешка.

Според некои автори, во постари времиња Дионисопол имал друго име – Крунои (Κρουνοί), што значи „Извори“, наречен така поради бројните извори со свежа вода во областа. Други пак сметаат дека Крунои и Дионисопол биле две различни населби. Датумот на основање исто така е неизвесен, но се претпоставува дека градот настанал кон крајот на VI век пр. н.е. Една од главните хипотези е дека градот бил основан од јонски Грци – Милетјани, или како секундарна колонија на некоја блиска милетска колонија, како што била Одесос, во потрага по нови пристаништа долж западниот брег на Црното Море. Брегот во тој предел бил тежок за пловидба и немал длабоки заливи или безбедни пристаништа. Високите карпи нуделе извесна заштита од северните ветрови, а пристаништето било поврзано со плодните заднински области на Добруџа со тесна патека. Оваа географија влијаела врз развојот на градот, за кој се смета дека се потпирал повеќе на земјоделство и извоз на жито, отколку на риболов.

Кон крајот на IV век или почетокот на III век пр. н.е., населбата доживеала трансформација. Според античките извори, на брегот била пронајдена статуа на богот Дионис, богот на виното и веселбата, измиена од морето. Поради тоа, градот бил преименуван во Дионисопол – „градот на Дионис“. Оваа промена, без сомнение, одразува некакво историско случување, но сепак изгледа неосновано да се прифати објаснувањето дадено во изворите – чудесното појавување на божествената статуа треба да се смета за етиолошки мит, а не за историска реалност.

Населението било етнички мешано – во градот живееле Грци, Тракијци, а подоцна и Скити. Тракиското племе Кробиѕи (Κρόβυζοι), кое ги населувало околните области, веројатно извршило влијание врз култот кон Дионис, кој станал централен елемент во религиозниот живот на градот. Се одржувале годишни Дионисиски фестивали, а натписите споменуваат здруженија посветени на богот. Храмовите посветени на Дионис, Големите богови од Самотраке, Серапис и други божества сведочат за богат и разновиден религиски живот.

Во хеленистичкиот период Дионисопол процветал како трговски центар. Неговите терасести улици воделе надолу кон мал, но активен пристаништен залив. Пронајдените амфори од Тасос, Хераклеја и Синопа покажуваат широки трговски врски со поширокиот грчки свет. На локалните монети биле прикажани ликовите на Дионис и Деметра, што ја нагласува важноста на лозарството и производството на жито за економијата на градот.

До I век н.е., Дионисопол потпаднал под римска власт како дел од провинцијата Долна Мојсија (Мезија). Во III век станал еден од главните градови на провинцијата Скитија. Римјаните изградиле утврдувања врз постарите хеленистички ѕидини, а при современите археолошки истражувања биле откриени две кули кои припаѓале на тие одбранбени структури. И покрај римската власт, Дионисопол задржал извесна градска автономија и бил член на Западнопонтскиот којнон – сојуз на крајбрежни градови долж западниот брег на Црното Море.

Овој дел од брегот на Црното Море се карактеризира со силна сеизмичка активност, па градот периодично се соочувал со природни катастрофи. Особено силен земјотрес во I век пр. н.е. го уништил блискиот град Биѕоне, но Дионисопол не бил погоден во иста мера, бидејќи оштетувањата таму, очигледно, не биле толку големи. Сепак, во 544-545 г. н.е., Дионисопол бил погоден од голема катастрофа – масовен морски бран, најверојатно цунами предизвикано од подводен земјотрес, кој ја поплавил земјата длабоко и до шест километри навнатре. Одрони и глина затрупале големи делови од градот. Дионисопол никогаш целосно не се опоравил и останал напуштен со векови.

Крајбрежјето било повторно населено дури во XVI век, кога било основано денешното населено место Балчик. Под неговите улици се кријат остатоците од Дионисопол. Археолошките ископувања откриле храмови, богати гробници, монети, натписи и утврдувања, кои откриваат град оформен под влијание на грчката, тракиската и римската култура.

Дионисопол (ден. Балчик), храмот на Мајката на боговите
Извор: Wikimedia Commons 

Храмот на понтската Mајка на боговите

Храмот на понтската Mајка на боговите, откриен сосема случајно во 2007 г. во Балчик, претставува најдобро сочуваниот хеленистички храм во Бугарија и единствениот досега пронајден храм посветен на ова божество во нејзиниот „понтски“ облик. Изграден бил околу 280-260 г. пр. н.е., а останал активен сè до своето уништување кон крајот на IV век н.е. Во внатрешноста бил пронајден почесен декрет, во кој се наредува истиот да биде изложен „на најистакнатото место во градот“, што укажува дека храмот бил една од најважните институции во Дионисопол. Натписите што им оддаваат чест на свештеници, службеници и членови на култот датираат од хеленистичкиот период до III век н.е., што сведочи за континуираното почитување и долготрајноста на овој култ.

Пронаосот служел како јавен простор каде што се поставувале натписи, статуи и се принесувале жртви, видливи за надворешните посетители, додека во наосот се наоѓала култната статуа и можеби бил место за изведување на ритуални мистерии. Скулптурите ја прикажуваат божицата Кибела како понтската мајка на боговите, седната на престол, со фијала и тимпанон, често во придружба на лав. Главната култна статуа, која датира од почетокот на III век н.е., ја претставува божицата со скиптар и релјеф на лав. Покрај неа, во храмот биле почитувани и други божества – Афродита, Деметра и Посејдон, што ја одразува поврзаноста и преклопувањето на нивните заштитни улоги – со природата, плодноста, заштитата и понекогаш со дивите и неконтролирани сили на Земјата.

Тракиските вотивни плочки, кои претставуваат втора најголема група дарови пронајдени на локалитетот, ја истакнуваат пошироката регионална важност на храмот. За време на готските инвазии во доцниот III век, Тракијците од околните подрачја најверојатно барале засолниште во градот и заштита во храмот. Подоцна, за време на прогоните на паганите кон крајот на IV век, по указот на императорот Константиј II од 356 г. н.е., со кој се наредувало затворање на сите пагански храмови, светилиштето останало еден од последните бастиони на паганското богослужение во регионот. Доказите за христијанска активност против храмот, како на пример обезглавени статуи, укажуваат дека зградата била осквернавена, но опстанала подолго од повеќето други пагански светилишта.

Изненадувачки, зградата не била уништена од цунамито што подоцна ја покрило со слоеви глина и морски наслаги. Многу пред тој настан, храмот веќе бил тешко оштетен, а ѕидовите намерно урнати до одредена висина. Оваа претходна деструкција најверојатно била резултат на комбинација од готските напади и христијанските уништувања во доцниот IV век.

И покрај сето тоа, остатоците од храмот – вклучувајќи ја богатата збирка натписи, статуи и релјефи – претставуваат најголем познат корпус in situ поврзан со култот на Мајката на боговите, нагласувајќи ја неговата длабока религиска, општествена и поморска важност во Дионисопол.

Ралица Иванова

 

Провинцијата Тракија
(Provincia Thracia, Θρᾳκῶν ἐπαρχεία/Θρᾴκη)
 

Интересот на Римјаните за источниот дел од Балканскиот Полуостров првично бил насочен кон крајбрежните подрачја. Последниот значаен тракиски цар Реметалк I (околу 12 г. пр. н. е. – 12 г. н. е.) бил сојузник на Рим и ѝ помогнал на Империјата во неколку воени походи, како задушувањето на таканареченото Панонско востание. По неговата смрт, тракиското царство растргнато од внатрешни борби, било целосно под контрола на Рим и околу 46 г. н. е., откако бил убиен последниот цар Реметалк III, императорот Клавдиј ја претворил Тракија во римска провинција. Покрај земјите на тракиското кралство, кои се простирале и северно од Стара Планина, граничејќи со провинцијата Мојсија (Мезија), основана неколку децении претходно, римската провинција Тракија го вклучила и егејското крајбрежје источно од устието на реката Места, кое дотогаш ѝ припаѓало на провинцијата Македонија.

На чело на провинцијата првично стоел прокуратор, а била зачувана старата административна поделба на областите (стратегии), раководени од представници на тракиската аристократија. Главен град на провинцијата бил градот Перинт (денес Мармара Ереглиси) на брегот на Егејското Море. Императорот Клавдиј ја основал колонијата Апри (во југозападна Тракија, на територијата на денешна Турција), а императорот Веспазијан – колонијата Деултум (во близина на црноморското крајбрежје), но во внатрешноста на земјата немало некои позначајни градови освен Бизија (денес Визе) и Филипопол (Пловдив), кои биле користени од последните тракиски цареви како резиденции. Императорот Нерон околу 60 г. н. е. ги изградил главните патишта во новата провинција – таканаречените воен и дијагонален пат, што водел од Сингидунум (Белград), преку Наисус (Ниш), Сердика (Софија) и Филипопол (Пловдив) кон Перинт и патот, подоцна наречен Трајанов, кој го поврзувал Филипопол со Ексус – логорот на Петтата македонска легија, а подоцна колонија на брегот на Дунав. За време на династијата на Флавиевците (69 – 96 г. н. е.) било создадено Општото собрание (коинон) на Тракијците (κοινὸν τῶν Θρᾳκῶν) во кое учествувале претставници од целата провинција. Тие заседавале во Филипопол, кој затоа бил наречен „метропола на провинцијата Тракија“. Претседателот на собранието, наречен тракарх (θρᾳκάρχης, thracarcha) бил главен свештеник на императорскиот култ во провинцијата.

Во 112 година, за време на владеењето на императорот Трајан, провинцијата Тракија добила повисок статус и била раководена од императорски намесник (легат) со овластување на претор (legatus Augusti pro praetor, πρεσβευτὴς Σεβαστοῦ ἀντιστράτηγος). При крајот на владеењето на Трајан и за време на владеењето на неговиот наследник Хадријан, во внатрешноста на провинцијата биле создадени нови градови (некои на местото на постари населби). Многу од нив го додале родовото име на Трајан (Марк Улпиј Трајан), на пр., Улпија Павталија (денес Ќустендил), Улпија Сердика (Денес Софија), Улпија Анхиало (Поморје), Улпија Никополис ад Иструм, Улпија Никополис ад Нестум, а некои биле наречени по членови на императорското семејство како трајанополис, Плотинополис (по сопругата на Трајан, Плотина), Маркијанополис (по сестрата на Трајан Маркијана), Августа Трајана, Адријанополис. По основањето на овие градови, старата административна поделба на стратегии била заменета со административните територии на градовите. Градовите во Тракија биле организирани по грчки модел – со архонти (на чело со т.н. „прв“ или „епонимен архонт“) и два совета: буле (градски совет) и народно собрание. Грчкиот јазик бил официјален јазик во провинцијата Тракија.

Бидејќи Тракија била оддалечена од границите на Империјата, во провинцијата немало римски легии, туку само неколку помошни пешадиски единици, како Втората Матијакска кохорта во логорот Состра (близу Тројан) и Втората Лукенска кохорта, сместена првично во Кабиле (близу Јамбол), а подоцна во Германија (денес Сапарева бања). Групи војници биле стационирани и во патните станици како обезбедување на главните римски патишта. Во средината на II век н. е., кога се појавила опасност од непријателски упади, император Антонин Пиј изградил систем од различни по големина утврдувања за заштита на провинцијата, а во времето на Марк Аврелиј биле изградени и градски ѕидини во повеќе градови.

На почетокот на владеењето на императорот Септимиј Север, границата меѓу Тракоја и Долна Мојсија (Мезија) била променета и речиси сите територии на север од Стара Планина заедно со градовите Никополис ад Иструм и Маркијанополис припаднале на провинцијата  Долна Мојсија (Мезија).

Во 270 г., кога император Аврелијан ја изоставил провинцијата Дакија северно од Дунав, со цел да не се создаде впечаток дека Империјата губи цела провинција, од делови на Горна и Долна Мојсија (Мезија) и Тракија била образувана нова провинција Дакија јужно од Дунав. Од Тракија во неа влегле административните територии на градовите Сердика и Пауталија.

Кон крајот на III век н. е., императорот Диоклетијан ги укинал старите провинции и формирал систем од помали провинции обединети во поголеми административни единици наречени диоцези (διοικήσεις, dioeceses). Новата мала провинција Тракија била ограничена до административните територии на Филипопол и Августа Трајана, а останатиот дел од старата провинција Тракија преминал во провинциите Европа, Родопа и Хемимонт. Заедно со провинциите Долна (или Втора) Мојсија (Мезија) и (Мала) Скитија кои биле формирани од старата Долна Мојсија (Мезија), биле вклучени во диоцезата Тракија (dioecesis Thraciarum).

Николај Шаранков

 
ГРАДОВИ
во
 ПРОВИНЦИЈАТА ТРАКИЈА

 

 

Улпија Ојск (Ескус)
(Ulpia Oescus)
Colonia Ulpia Oescus
Извор: Wikimedia Commons

 

Оjск (Ескус) првобитно бил населба на тракиското племе Трибали. Во раниот период на римската провинција Мојсија (Мезија) таму бил основан римски воен логор во кој била стационирана Legio V Macedonica и кој претставувал дел од одбранбениот систем на дунавскиот лимес долж патот Limes Moesiae. Постарата тракиска населба продолжила да постои паралелно со римското воено присуство, а во близина на логорот се развила и canabae – цивилна населба на трговци, занаетчии, пензионирани војници и нивните семејства. Кога императорот Домитијан ја поделил Мојсија (Мезија) на две провинции, Ојск (Ескус) станал еден од најзначајните урбани центри во новоформираната Moesia Inferior. По победата над Дакијците во 106 г., императорот Трајан го подигнал градот во ранг на римска колонија – Colonia Ulpia Oescus – и таму населил ветерани, доделувајќи му го највисокиот статус во римската градска хиерархија. Неговата стратешка положба на крстосницата на дунавскиот limes, пат кој се протегал исток–запад, Via Traiana која водела кон југ и патишта што продолжувале кон север во Дакија, заедно со пловниот сообраќај по реката го претворила Ојск (Ескус) во важен центар на трговија, транспорт и производство.

Во II век градот доживеал голем подем: монументалните јавни градби, големиот форум, базиликата, добро испланираните и поплочени улици и храмовите ја одразувале неговата урбана софистицираност. Ојск (Ескус) станал и религиско средиште, со храмови посветени на главните римски божества. Дополнително, тој се развил во значаен центар на занаетчиството и индустријата, познат по своите вајарски работилници, мозаици пронајдени во градот и производството на квалитетна керамика, метални предмети и стакло, што ја потврдува неговата просперитетност и културна живост. Овој период исто така се карактеризира со забележлив подем на романизацијата, видлива преку ширењето на латинските натписи во стихови и прифаќањето елитни културни практики.

Сепак, подоцнежната политичка нестабилност и економските тешкотии го нарушиле животот во градот. По повлекувањето на Римјаните од Дакија, Ојск (Ескус) повторно ја зајакнал својата воена улога и повторно станал седиште на римски легии. Градот доживеал краток препород за време на императорот Константин, кој во 328 г. н.е. наредил да се изгради најголемиот и најимпресивниот камен мост преку Дунав, во чест на неговата победа над Готите. Овој мост овозможувал брзо движење на римските трупи, но истовремено бил и симбол на моќта и доминацијата на Империјата над варварските племиња што ги загрозувале нејзините граници. Во немирниот период на Големите преселби, Ојск (Ескус) претрпел повеќе варварски напади, меѓу кои и од Готите и Хуните. Градот бил повеќепати уништуван и обновуван, постепено губејќи го својот поранешен сјај. Конечно, бил напуштен по разорувањето од страна на Аварите и Словените во 585 г. Во средниот век, на неговите урнатини се населиле Бугарите, кои ги користеле остатоците од античкиот град како градежен материјал за своите домови. Тие останале таму сè до времето на османлиските инвазии, кога биле иселени. Самото античко градско јадро никогаш повеќе не било населено или обновено. Наместо тоа, Османлиите развиле блиска населба, Никопол, кој станал последната престолнина на бугарскиот владетел цар Иван Шишман во завршните години на Второто бугарско царство.

 Ралица Иванова

 

 
Никополис ад Нестум
(Nicopolis ad Nestum)
Зграда за живеење во Никополис ад Нестум
Извор: Wikimedia Commons

 

Општи податоци и предримски период

Никополис ад Нестум („Град на победата“) се наоѓал на реката Места, околу 7 км североисточно од денешниот град Гоце Делчев во Бугарија. Тој бил лоциран на јужниот и југоисточниот дел од денешното село Гармен. Во непосредна близина течат две реки – Канина и Места. Името Места има тракиско потекло (првобитно Νέστος, подоцна Μέστος) и во античко време реката била пловна. Градот бил доволно близу до реката за да биде овозможен транспорт, но и доволно оддалечен за да биде заштитен од поплави.

Се простирал пред широка котлина, сместен меѓу подножјата на три планински масиви: Родопите на север и североисток, планината Славјанка на југоисток и најисточните делови на Пирин на северозапад. Околната област изобилувала со топли и ладни минерални извори, како и со две реки, што го правело Никополис ад Нестум најзначајниот центар во горното и средното течение на долината на Места.

Градот првобитно имал земјоделски карактер заради благата клима погодна за одгледување овошје. Иако обработливото земјиште било ограничено, производството било со висок квалитет, особено овошјето, крзното и медот, кои се разменувале за стоки што локално не биле достапни. Густите шуми обезбедувале дрвен материјал; рудните наоѓалишта овозможувале развој на металургијата; а богатите извори на мермер, споредливи со оние на егејскиот брег и на Тасос, поттикнувале вадење, обработка и трговија со камен. Локалното население исто така ископувало глина за керамика и се занимавало со разновидни занаетчиски дејности.

Неговата стратешка местоположба помеѓу Горната Тракиска Рамнина и Егејскиот брег, заедно со лесниот пристап до реката Места, овозможувала пренесување стоки (вклучувајќи мермер) кон брегот уште во предримскиот период.

Локалитетот првобитно бил населен од тракиски племиња, чии имиња за сега остануваат неизвесни.

Римски период

Името и основањето на градот

Во 106 г. н.е., по победата над Дакијците, императорот Трајан ја создал провинцијата Дакија и на два тракиски града им дал име „градови на победата“ – Никополис ад Нестум и Никополис ад Иструм. Сепак, податоците од поранешните истражувања, археолошките ископувања и пишаните извори укажуваат дека Никополис ад Нестум не бил основан во 106 г.; тогаш само добил градски статус и урбани права.

Трајан никогаш не ја посетил областа на горниот и средниот тек на Места, која била далеку од зоната на воените дејства против Дакијците. Поверојатно е дека тој ја реорганизирал или повторно уредил постоечката населба како дел од својата програма за урбанизација на Тракија. Бидејќи во тој регион не остварил победа, малку е веројатно дека го именувал градот Никополис за да одбележи битка, за разлика од Никополис ад Иструм, кој навистина бил поврзан со значајна победа во Дакиските војни. Затоа изгледа дека Трајан само го одредил името на градот поради географска разлика – за да се разликува од новооснованиот Никополис ад Иструм, кој технички припаѓал на истата провинција (Тракија) до 193 г. н.е. Ова значи дека градот на Места мора да се нарекувал Никополис и пред владеењето на Трајан, иако причината за тоа засега останува непозната.

Главната теорија е дека градот првично бил постара тракиска населба која Марк Антониј ја преименувал по својата двојна победа над Брут и Касиј кај Филипи (42 г. пр. н.е.), на околу 60 км оддалеченост. Иако бил сојузник на Октавијан, Антониј се покажал како посилен заповедник, додека Октавијан претрпел два пораза. Тоа му дало на Антониј значајни политички, општествени и воени предности, што подоцна ја поттикнало нивната ривалска борба за наследството на Кајсар. Откако Октавијан го поразил Антониј кај Актиј (31 г. пр. н.е.), тој ја преобликувал историјата за да се прикаже како главен победник. Во рамки на ова, основал два нови града со името Никополис – во Епир, близу Актиј, и во Египет, близу Александрија – најверојатно со цел да го засени Никополис на Антониј и да го избрише споменот на Филипи.

Во прилог на ова гледиште, пишаните извори секогаш прецизираат „Никополис во Епир“ кога се однесуваат на градот основан од Октавијан, додека Никополис ад Нестум се појавува едноставно како „Никополис“ и во текстови и на натписи. Ова сугерира дека тој бил првиот и најпознатиот балкански град со тоа име пред II век.

Никополис ад Нестум во римскиот период

По римската анексија и создавањето на провинцијата Тракија во средината на I век, Никополис станал дел од нејзината административна структура. Моделиран според римските градови од анатолиски тип, градот го достигнал својот културен подем помеѓу II и VI век. За време на императорот Трајан (по 107 г.), Тракија веќе била управувана од legatus Augusti pro praetore, а Никополис функционирал како целосна градска заедница со свои административни, религиозни и културни институции. Црпејќи од традициите на грчките и анатолиските полиси, на Балканот се развиваат градски сојузи како тракиското којне (κοινόν), во кое учествувал и Никополис. Како и другите тракиски градови, Никополис припаѓал на категоријата civitas stipendiaria, што му овозможувало самоуправа, правна надлежност и право да кова сопствени монети.

Расположен во заштитена област, далеку од границите и главните патишта на инвазија, градот бил заштитен од војни и пљачкосувања, овозможувајќи урбанистички развој без потреба од одбранбени ѕидини. Градот го следел римскиот ортогонален план: прави улици ориентирани по кардиналните правци, кои се пресекувале под правоаголни агли, со форум/агора во центарот. Натписите укажуваат дека постоеле boule (βουλή – совет), demos (народ) и храмови. На монетите од Никополис се прикажани императорите и главните божества – Аполон, Арес, Артемида, Ескулап, а од вотивните релјефи дознаваме за почитувањето на Ѕевс, Плутон, Хермес, тракискиот коњаник, реката Места и Дионис.

Неговата стратешка положба помеѓу Via Militaris на север и Via Egnatia на југ го направила градот клучен центар за трговија и транспорт. Римјаните ги развиле рударството и металургијата во регионот и ги искористиле локалните наоѓалишта на мермер, кои лесно се пренесувале по пловната Места. Во IV век, по административната реорганизација на Империјата, Никополис станал дел од провинцијата Родопа.

Христијанството во Никополис ад Нестум

Апостол Павле бил првиот кој го ширел христијанството по егејскиот брег, во Македонија и јужна Тракија, вклучувајќи ги и сливовите на реките Места и Струма. Во I век н.е. тој основал црква во блискиот Филипи, една од најраните христијански заедници во Европа, позната по својата посветеност и поддршка на Павле. Во периодот помеѓу II и IV век, црквата во Филипи била издигната на ранг на архиепископија и надгледувала седум епископии, од кои една веројатно бил Никополис. Иако во посланието на Павле до Тит се спомнува „Никополис“ без да се прецизира кој, отсуството на „Места“ во локалните натписи сугерира дека градот едноставно се викал „Никополис“, што е во согласност со зборовите на Павле. Ова останува веројатна, но непотврдена теорија.

По Миланскиот едикт од 313 г. н.е., издаден од Константин Велики и Ликиниј, кој му доделил на христијанството и на сите други религии во Империјата еднаков правен статус, Никополис станал епископски центар. Како најважен урбан центар во средното течение на долината на Места во IV век, градот играл водечка улога во христијанизацијата на регионот и надгледувал обемно градење на цркви. Остатоците од бројни ранохристијански храмови во градот, блиските села и околните населби сведочат за неговото значење.

Некрополите на Никополис сè уште не се археолошки истражени, ниту се прецизно лоцирани. Гробови се откриени на повеќе локалитети, што укажува на повеќе можни гробишта. Податоците покажуваат дека тракиските погребни обичаи се одржувале до средината на IV век, по што христијанските ритуали внеле значајни промени. Доцноантичките и ранохристијанските гробови, датирани од крајот на IV до почетокот на V век, сè уште сочувале одредени пагански елементи, како што е приложувањето на гробни дарови.

Барбарски напади

Историските извори бележат дека за време на готските инвазии во 250-251 г. н.е., дел од нив навлегле во Македонија преку Тракија. Не можејќи да го одбранат своето подрачје или да добијат помош, жителите на Никополис склучиле мир со барбарите. Отсуството на слоеви на уништување од средината на III век го поддржува ова мислење.

Постојаните закани од други барбарски групи довеле до потребата од изградба на одбранбени ѕидини во средината на IV век. Изградени брзо, со кули и порти, тврдините опфаќале помал дел од градот, оставајќи неколку поголеми јавни објекти надвор од ѕидините.

Градот опстојувал сè до големата аваро-словенска инвазија во 577-578 г. н.е., кога над 100.000 војници ја преминале реката Дунав, ја опустошиле Тракија и навлегле во Македонија и Тесалија. Археолошките податоци покажуваат дека тогаш Никополис бил запален и целосно уништен.

Византиски период

По уништувањето на градот во доцниот VI век, урбаниот живот во Никополис бил прекинат околу три века, иако блиските населби продолжиле да постојат. Градот бил обновен во X век под името Никопол, кога повторно станал важен црковен центар. Во овој период, контролата над регионот се менувала помеѓу Првото бугарско царство и Византиската Империја. Градот се развивал како центар на занаетчиството, повратил дел од своето рановизантиско значење и неговите одбранбени ѕидини, а биле обновени некои преживеани објекти. Од X до XIII век, трговијата меѓу егејскиот брег и внатрешноста на Тракија продолжила.

Во 1204 г., за време на Четвртата крстоносна војна, тврдината била запалена и уништена, што го натерало населението да го напушти местото и да формира нова населба во близина – Неврокоп. До 1329 г. Неврокоп (поранешен Никопол) е потчинет на епископијата на Филипопол, а подоцна преминал под власт на епископот на Серес.

Подоцнежна историја

Веројатно неколку години по битката кај Черномен во 1371 г., градот паднал под османлиска власт. Во рамките на Османлиската Империја, епископијата на Неврокоп (Никопол) продолжила да функционира под јурисдикција на грчката православна архиепископија со седиште во Ниа Зихни (Зилјахово).

Како дел од современа Бугарија, Бугарската православна црква го обновила Неврокоп како епархија на чие чело стои епископ. Во 1951 г., градот официјално бил преименуван во Гоце Делчев во чест на познатиот револуционерен водач во регионот.

Етнички состав

По создавањето на провинцијата во 45 г. н.е., Никополис примал разновидни влијанија, спојувајќи Тракијци, хелинизирани и романизирани Тракијци, Грци, Римјани и доселеници од Анатолија. Христијанството, присутно од III век (а возможно и од средината на I век, според Лука), станало значаен фактор во идентитетот на градот.

Во I и почетокот на II век, кога била формирана провинцијата Тракија, Тракијците биле доминантно население во градот и во околните населби. Точните тракиски племиња што живееле во регионот на Никополис се непознати, но некои од можностите ги вклучуваат Бригите, Сапеите, Одомантите, Халетите, Диобесите и Карбилетите. Деветнаесет натписи од Никополис и блиските села ги откриваат јавните, религиозните и етничките активности на населението.

Во II – III век, влијателните тракиски семејства се хеленизирале, а се појавиле и чисто римски фамилии. III век донел и нови елементи – имиња со источно потекло поврзани со доселеници од римската Анатолија (Галатија, Ликаонија и Афродисија), вклучувајќи и вешти занаетчии како скулпторот Теодот. Некои од овие дојденци биле рани христијани, чии надгробни натписи сведочат за висок степен на образование.

Од IV до VI век барбарските напади и реформите на императорите го промениле составот на населението. Во селските области тракискиот идентитет се одржал, но личните имиња во градовите сега веќе биле претежно грчки, носени и од Грци и од хелинизирани Тракијци, а христијанските имиња станале сè почести.

Ралица Иванова