Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 4

Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 3

 
Провинцијата Мојсија (Мезија)
(Provincia Moesia)

 

По стабилизирањето на контролата врз Илирик, Панонија и Далмација, вниманието на Римјаните неизбежно се насочило кон исток, кон дунавската граница, каде што се оформила провинцијата Мојсија (Мезија). Римските походи во Мојсија (Мезија) во I век пр. н.е. тргнувале од Македонија и не биле насочени толку кон проширување на територијата, колку кон обезбедување на северната граница на провинцијата, која била подложна на напади од балканските племиња. Овие рани операции не успеале да воспостават трајна римска власт северно од Хајмус, сè до кампањите на Марк Ликиниј Крас.

Во 29-28 г. пр. н.е., Марк Ликиниј Крас, управник на Македонија и внук на познатиот триумвир од времето на Кајсар, повел голема воена кампања на Балканот. Одговарајќи на повикот за помош од племето Дентелети кои биле нападнати од Бастарните, тој започнал обемна офанзива со која под римска власт биле ставени многу нови територии. Според Дион Касиј, Крас ги поразил Дакијците и Бастарните и ги покорил Мојсите (Мезите), Сердите, Мајдите, Бесите, Артаките, Гетите и други балкански племиња. Оваа воена акција го означила почетокот на постојано римско владеење во Мојсија (Мезија) и во соседните области.

Со овие освојувања Мојсија (Мезија) формално дошла под римска контрола, но регионот и понатаму останал нестабилен. По времето на Октавијан Август, Дакијците од север  повеќепати го преминувале замрзнатиот Дунав напаѓајќи римски територии и ја загрозувале кревката граница. Како одговор на тоа, императорот испратил искусни воени заповедници, меѓу кои Секст Ајлиј Кат и Гнај Корнелиј Лентул Авгур (меѓу 1 и 11 г. н.е.) Лентул успеал да ги протера Дакијците назад преку реката и воспоставил синџир од гарнизони долж десниот брег на Дунав, поставувајќи ги на тој начин темелите на дунавскиот лимес – систем на утврдувања кој подоцна ќе стане еден од најважните одбранбени појаси на Римската Империја.

Отпорот од локалните тракиски и гетски племиња продолжил и во првите години на римската власт, но постојаното присуство на легиите и населувањето на римски ветерани почнало постепено да го менува регионот. Римското право, јазик и обичаи полека се вкорениле, трансформирајќи ја општествената структура на Мојсија (Мезија).

Процесот на анексија се одвивал постепено. На почетокот територијата била организирана како civitas Moesiae et Treballiae, со што освоените земји биле вклучени во римскиот административен модел, но сè уште ја задржувале својата положба како дел од пошироката провинција Македонија. Дури во 15 г. н.е., Мезија почнала да се признава како посебна провинција, иако останала подредена на Македонија. Дури во 46 г. н.е. Мојсија (Мезија) конечно добила целосна провинциска автономија, што ја одразувало сè поголемата определба на Рим да го зацврсти својот дунавски фронт. Со воспоставувањето на Мојсија (Мезија), Рим можел систематски да ја спроведува својата гранична политика: да го утврдува дунавскиот појас, да гради патишта и да основа градови кои ја засилувале римската власт и присуство во регионот.

Воената политика во Мојсија (Мезија) ја следела истата стратегија како онаа во Илирик и Панонија – создавање мрежа од воени бази поврзани со стратешки патишта. Главни легионерски бази биле воспоставени во Ојск (Ескус), денешен Гиген, Бугарија, каде што Legio V Macedonica била стационирана уште од времето на императорот Клавдиј. Спротивно на подоцнежните тврдења, Ојск (Ескус) првично бил тракиско населено место, но под римска власт бил значително проширен и во времето на Трајан станал Colonia Ulpia Oescus. Други значајни воени центри биле Ратијарија, Сингидунум (денешен Белград) и Виминакиј. Овие гарнизони го претставувале ’рбетот на римското воено присуство, а биле поддржани од помошни единици (auxilia) регрутирани од различни делови на империјата, вклучително и од Панонија и Далмација, чии војници биле познати по своето искуство и борбена вештина.

Главниот пат покрај Дунав, кој се протегал паралелно со реката, станал животната артерија на римска Мојсија (Мезија). Тој ги поврзувал тврдините и овозможувал брзо движење на војската и снабдувањето. Овој пат исто така ја поврзувал Мојсија (Мезија) со другите клучни провинции – Панонија на запад и Тракија на југ – со што ја интегрирал во поширокиот систем на Римската Империја. Со текот на времето, оваа инфраструктура не служела само за воени потреби, туку и за економска и културна размена, придонесувајќи за постепената романизација на провинцијата.

 

Поделбата на Мојсија (Мезија)

Првично, територијата на провинцијата била ограничена главно на тесен појас долж јужниот брег на реката Дунав. Меѓутоа, со потиснувањето на локалниот отпор и со зацврстувањето на римската власт, границите на Мојсија (Мезија) се прошириле. До крајот на I век н.е., за време на владеењето на императорот Домитијан, провинцијата била поделена на Горна Мојсија (Мезија) - на запад и Долна Мојсија (Мезија) - на исток, со што се подобрила административната ефикасност и се зголемила важноста на оваа област. Домитијан, исто така, за време на своето владеење се соочил со обновени дакиски напади, што довело до воени походи за зајакнување на римската контрола во регионот и на крајот ја поттикнало административната поделба на провинцијата.

Кон почетокот на II век н.е., Мојсија (Мезија) станала главна база за амбициозните походи на императорот Трајан против Дакија. Утврдената граница (лимеcот), легионерските бази во Ојск (Ескус, Oescus), Дуросторум и Виминакиј, како и дунавскиот пат, му овозможиле на Трајан ефикасно да ги мобилизира и снабдува своите сили за време на Дакиските војни (101-106 г. н.е.). Овие походи резултирале со освојување на Дакија и проширување на римската власт северно од Дунав – постигнувања што би биле невозможни без децениската трансформација и стабилизација на Мезија што го подготвила теренот за Трајановите успеси.

Ралица Иванова

Дополнителна литература:

Александров, Олег. Религията в римската армия в провинция Долна Мизия (I-IV век). УИ" Св. св. Кирил и Методии̌", 2010.
Agnieszka Tomas, Living with the army I. Civil settlements near Roman legionary fortresses in Lower Moesia, Institute of Archaeology. University of Warsaw, Warsaw, 2017, 199p., ISBN 978-83-61376-35-4

 

ГРАДОВИ
во
 ПРОВИНЦИЈАТА ГОРНА МОЈСИЈА (МЕЗИЈА)

 

 

Сингидунум
(Singidunum)
 

На местото на денешен Белград, каде што реката Сава се влева во Дунав, во античкиот период се наоѓал Сингидунум, едно од најзначајните воено-урбани средишта на римската провинција Горна Мезија (Moesia Superior). Неговата положба на самата граница на царството, на природно утврдено возвишение, овозможувала контрола врз речниот и копнениот сообраќај, како и културна интеракција меѓу различните етнички и цивилизациски заедници што се среќавале по течението на Дунав.

Пред да стане легиски логор и римски град, просторот на денешен Белград бил населен уште во праисторискиот период, што се потврдува преку археолошките наоди од бронзеното и железното време, а во времето на римските освојувања на северниот Балкан, на ова место веќе постоело келтско утврдување. Називот Сингидунум (Singidunum) потекнува од предримскиот период и најверојатно има келтско потекло: првиот дел Singi- се поврзува со племето Синги (Singi), а наставката -dunum или -dunon, честа во келтската топонимија, означува „тврдина“ или „утврдено место“. Во тој контекст, името може да се преведе како „тврдина на Синги“ или „брдо на племето Синги“. Овој јазичен образец е споредлив со други келтски и гало-римски топоними, како Lugdunum (денешен Лион), Noviodunum и Camulodunum, што укажува на келтско потекло на првобитната населба.

Кога Римјаните во I век пр.н.е. првпат продреле во северниот дел од Балканот, ги затекнале келтските утврдувања во рацете на Скордиските, кои наскоро биле потчинети на римската власт. Според античките автори Плиниј и Страбон, тие наскоро биле ставени под римска контрола, а за време на владеењето на императорот Тибериј (почеток на I век н.е.), кога Сингидунум станал дел од римскиот граничен систем на Дунав.

Римскиот Сингидунум бил изграден на стратешки доминантно место — на висока тераса над устието на Сава во Дунав, каде природното плато стрмно се спуштало кон реките со што се овозможувал надзор над двете речни долини и контрола на дунавските премини. Таа положба низ вековите ја одредувала воената и урбаната судбина на градот.

Градот имал приближно правоаголна основа со димензии 560 × 330/380 метри (околу 20 хектари), а ги имал сите карактеристики за римските воени и урбани целини: форум, терми, храмови, занаетчиски работилници и некрополи, распоредени долж патиштата што воделе кон Наис (Ниш), Виминакиум (Костолац) и Сирмиум (Сремска Митровица). Според епиграфските извори, градските магистрати (duumviri, aediles, quaestores) и свештеници на императорскиот култ (flamines Augustales), сведочат за добра организација на локалната управа и религискиот живот.

Легијскиот логор (castrum) бил поставен на највисоката точка на денешниот Горен град на Калемегдан, природно заштитен од стрмните падини кон Сава и Дунав.Според описот на М. Мирковиќ, логорот имал правоаголна форма со бедеми и капии типични за римските легиски тврдини. Јужната страна се простирала кон денешното Париско плато и Студентскиот плоштад, каде што веројатно се наоѓала via principalis. Внатрешната организација на логорот вклучувала преториум (команда), principia (главен штаб), офицерски куќи и складишта за оружје и намирници.

Околу логорот се развила цивилната населба (canabae legionis) главно јужно и југозападно — кон подрачјето на денешниот Студентски парк, Дорќол и Савскиот амфитеатар. Таму живееле семејствата на војниците, ослободеници, занаетчии и трговци. Археолошките истражувања потврдуваат постоење на куќи од камен, работилници, терми и надгробни споменици, распоредени долж античките патишта. Главната комуникација која подоцна прераснала во via cardo, се протегала од логорот кон југ, приближно по трасата на денешната улица Кнез Михајлова, поврзувајќи го воениот лигор со цивилниот центар на градот. Според наодите на археологот Марко Поповиќ кој истражувал и пишувал за Сингидунум, во овој дел се развила станбена четврт со работилници, бањи и светилишта, во кои биле застапени римски и источни култови (Јупитер, Митра, Кибела).

Систематското собирање и објавување на латинските натписи започнало на крајот на XIX век, во рамките на традицијата што ја воспоставил Теодор Момзен со Corpus Inscriptionum Latinarum (CIL). Меѓу првите истражувачи во Србија се издвојуваат Јанко Шафарик, Михаило Валтровиќ и потоа Никола Вулиќ, кој четири децении вршел теренски истражувања и ги објавувал натписите во Spomenik на Српската кралска академија. Неговата работа послужила како основа за модерното критичко издание што го подготвиле Мирковиќ и Душаниќ под уредништвото на Фанула Папазоглу во 1970-тите години.

Во овој том, посветен на северозападниот дел од Горна Мезија (од Сингидунум до Космај), покрај корпусот на натписи се опфатени и историјата на истражувањата, теренската анализа, како и студии за населбите, војската, населението и култовите, што го прави едно од најзначајните дела за проучувањето на античкиот Белград.

Според систематскиот труд на Мирослава Марковиќ и Слободан Душаниќ во изданието Inscriptions de la Mésie Supérieure I, документирaни се повеќе од осумдесет латински натписи од Сингидунум и неговата територија. Овие споменици сведочат за с животот на војниците, занаетчиите, жените и децата како и за локалните божества и обичаи.

Најголемиот број од нив денес се чуваат во Народниот музеј во Белград, додека дел се познати само преку стари преписи од хуманистичките ракописи од XV–XVI век (Franciscus Iustinianus, Narentanus Antiquus), преку записите на Л. Ф. Марсилиј (1726), до прецизните копии на Јанко Шафарик и Никола Вулиќ. Дел од спомениците биле уништени за време на војните или изгубени при преносот на музејските збирки.

Во текот на својата долга историја, Сингидунум повеќе пати страдал и се обновувал. Во текот на доцната антика, Сингидунум прераснал во епископско седиште, што укажува на неговата духовна и административна улога во рамките на доцниот римски период. Во времето на големите преселби (крај IV – почеток V век), дел од населението го напуштило градот, но континуитетот на животот не бил прекинат. Подоцнежните византиски обнови ја следеле старата римска структура на градот, при што тврдината на врвот останала централна градска точка, а тоа овозможило на истото место векови подоцна да се развие средновековниот и модерен Белград.

И покрај бројните разурнувања за време на големата преселба на народите, животот во Сингидунум никогаш не бил потполно прекинат. На неговите темели се развил средновековниот Белград, а понатаму и модерната српска престолнина. И денес, кога шетаме по Калемегдан, чекориме на истиот простор каде пред скоро две илјади години римските легионери ја чувале границата на Римското царство, а нивните потомци врежувале натписи во камен, натписи кои сеуште ја раскажуваат приказната за градот кој спојува реки, народи и векови.

Драгана Николиќ

Дополнителна литература:

Mirković, M., Dušanić, S. Inscriptions de la Mésie supérieure, Vol. 1 - Singidunum et le Nord-Ouest de la province. Centre d’études épigraphiques et numismatiques de la Faculté de philosophie de l’Université de Beograd, 1976.
Garašanin, M. 1974. “Antički Singidunum.” In Istorija Beograda I – stari, srednji i novi vek, edited by V. Čubrilović, 51–71. Beograd: Prosveta.
Popović, M. 1997. “Antički Singidunum: dosadašnja otkrića.” Singidunum 1: 1–18.
Pop-Lazić, S. 2002. “Nekropole rimskog Singidunuma.” Singidunum 3: 7–100.
Popović, M. 2006. Beogradska tvrđava. 2nd ed. Beograd: JP “Beogradska tvrđava.”
Popović, M. 1997. “Ostaci antičkog Singidunuma u urbanom jezgru savremenog grada.” Nasleđe 1, 11–24.
Todorović J. - Kondić, V. Keltski i rimski Singidunum, Beograd 1971.

 

 
Наис
(Naissus)
(денешен Ниш)

 

Наис се развил на местото каде што се вкрстувале најважните патишта на Балканот: оној што преку Сингидунум (Белград) и Виминакиум водел кон Солун и Цариград, и другиот што ја поврзувал долината на Морава со Далмација и Јадранот. Неговото име се споменува во бројни извори - од Птоломеј и Прокопиј, до хроничари кои ги бележеле походите на легиите и трговските кaрвани. Античкиот град опфаќал не само потесна урбана целина, туку и поширок регион што ја зафаќал долината на Нишава, околината на Медијана, како и подрачјата кон Куршумлија и Јабланица.

Најславниот период на Наис се поврзува со III и IV век, кога градот станал едно од најзначајните административни и воени средишта во внатрешноста на Балканот. Токму тука, во 272 година, е роден императорот Константин Велики, а во Наис и неговата околина се наоѓале и неговите палатијални комплекси, од кои најпозната е Медијана, откриена кон крајот на XIX век. Според Петровиќ, градот во тоа време претставувал „економско и културно средиште кое ги обединува источните и западните провинции на царството“.

Античкиот Наис го опфаќал просторот на денешната тврдина и поширокиот центар на Ниш, со некрополи што се протегале долж патиштата кон Виминакиум, Улпијана и Скопје. Градот имал типично римско урбано уредување - со форум, терми, храмови и бедеми, во предградијата се откриени вили и занаетчиски работилници, а во Медијана се пронајдени мозаични подови, скулптури и натписи кои сведочат за богат културен живот.

Во доцната антика, Наис станал седиште на епископија, а за време на Јустинијан бил вклучен во новоформираната провинција Dacia Mediterranea, заедно со Сердика (Софија) и Пауталија (Ќустендил). Археолошките остатоци потврдуваат постоење на градски ѕидини, терми, храмови и јавни градби кои го краселе просторот на денешното Нишко Поле.

Во XVII и XVIII век, патеписци како грофот Марсилиј ја продолжиле традицијата на бележење на античките споменици од Ниш и Ремесијана (денешна Бела Паланка). Научниот интерес за овие локалитети започнал со Феликс Каниц, кој во средината на XIX век систематски го истражувал Ниш и прв го открил и документирал локалитетот Медијана.

По ослободувањето од османлиска власт во 1878 година, археолошките истражувања се интензивирале. Михаило Валтровиќ и Љубомир Ковачевиќ ги објавиле првите наоди во списанието Старинар. Во текот на XX век, истражувањата ги продолжиле Антон фон Премерштајн, Никола Вулиќ и Петар Петровиќ, кој го објавил корпусот на римските натписи од Ниш и околината во четвртиот том на серијата Inscriptions de la Mésie Supérieure (1979). Благодарение на нив, денес знаеме дека голем број камени споменици низ вековите биле уништени или вградени во турската тврдина, а само мал дел се сочувани во музејот на Ниш.

И покрај разорувањата за време на големите преселби, градот никогаш целосно не го изгубил своето значење. Како стратешка точка и родно место на еден од најпознатите римски императори, Наисус останал симбол на поврзаноста меѓу Истокот и Западот, меѓу античкиот и христијанскиот свет. Денешниот Ниш сè уште ги чува трагите на тоа наследство — во ѕидините на тврдината, во музејските збирки и во самото урбано ткиво што почива врз темелите на некогашниот антички град.

Драгана Николиќ

 

Скупи
(Colonia Flavia felix Dardanorum; Colonia Flavia Scupinorum)
(денешно Скопје)

Археолошки локалитет Скупи, централно градско јадро
Фотографија: Елена Џукеска 

 

Скупи, град во римската провинција Мојсија (Мезија), подоцна Горна Мојсија (Горна Мезија), поседувал статус на колонија – Colonia Flavia Scupinorum како највисок облик на самоуправување во рамките на провинцискиот систем. Тој претставува типичен пример на град од т.н. тип urbs quadrata – новооснована урбана целина со правилна римска урбанистичка структура, оформена на простор без постара населба. Лоциран околу 5 километри северозападно од денешно Скопје, Скупи бил најголемиот римски град на територијата на денешна Македонија и единствениот со статус на колонија. Археолошките наоди потврдуваат континуитет на живеење во подрачјето уште од бронзеното и железното време, со петвековен прекин во раноантичкиот период. Неговите почетоци се поврзуваат со поместувањето на римските легии кон север во доцниот I век пр.н.е., во функција на заштита на границите од варварски упади. Иако се претпоставува дека таму бил стациониран логор на легиите V Macedonica или IV Scythica, засега нема конкретни археолошки или епиграфски докази за тоа.

Во времето на Флавиевците (69–96 г.), за време на владеењето на Веспасијан или Домитијан, Скупи добил статус на колонија – Colonia Flavia Scupinorum со населување ветерани од неколку легии (VII Claudia, V Macedonica, V Alaudae и IV Macedonica). Овој чин овозможил првичната агломерација да се трансформира во комплексен урбан центар со административни, верски и јавни институции, карактеристичен за римската урбана култура. Во следните векови, Скупи се развил во значаен административен, религиски и транзитен центар на Горна Мезија. Градот бил опкружен со бедеми во форма на неправилен четириаголник, опфаќајќи површина од околу 43 хектари. Првото камено утврдување, според градежната техника, се датира во времето на Марк Аврелиј (втора половина на II век) и се поврзува со нападите на варварските племиња Костобоки околу 170 година.

Фрагменти од архитектонски елементи на театарот во Скупи
Фотографија: Архива на Археолошки музеј - Скопје 

 

Театарот во Скупи, изграден на југозападната падина на Зајчев Рид, се издвојува како една од највеличествените градби во градот и најголемиот римски театар на територијата на денешна Македонија. Припаѓа на римскиот тип театри, а според стилските карактеристики и мермерната декорација се поврзува со времето на императорот Хадријан (117–138 г.). Во негови рамки, најверојатно, постоела и капела (sacellum) посветена на божицата Немеза, заштитничка на гладијаторските игри. Епиграфските извори укажуваат и на постоење на макелум (пазар), како и храмови посветени на Херкул и Dea Syria.

Во административен поглед, Скупи се разликувал од градовите во провинцијата Македонија, бидејќи претставувал римска војничка колонија со италско граѓанско право. Градската управа се состоела од совет на декуриони (ordo decurionum) и низа магистрати: duumviri (градоначалници), aediles (надлежни за јавниот ред, надзор над јавните градби и хигиената) и questores (службеници за контрола и управување со градсите финансии). Покрај нив, биле присутни и свештеници – augur, pontifex и seviri Augustales, задолжени за одржување на царскиот култ.

Дел од лапидариумот во Скупи
Фотографија: Елена Џукеска 

 

Населението било етнички и социјално хетерогено, составено од ветерани, доселеници од Италија, Далмација, Истра, Мала Азија и локално романизирано население. Во Скупи се потврдени членови на истакнати сенаторски семејства како Фурии, Либонии и Руфрии, кои поседувале имоти и вршеле влијателни функции во економскиот и политичкиот живот на регионот. Нивното богатство се поврзува со латифундии – големи имоти со вили и друга придружна инфраструктура и експлоатација на рудници долж трасата која го поврзувала Скупи со Тесалоника - via metallica.

Религиозниот живот бил разновиден: во Скупи се почитувале боговите Мани, како и Dea Syria (Атаргатис), Серапис и Ѕевс Збелтурд, што сведочи за мешавина од римски, ориентални и локални култни традиции.

Надгробните споменици, карактеристични за времето на основањето на колонијата, се изработувале од мермер или варовник и опфаќале стели, надгробни олтари (cippus) и саркофази. Особено се истакнуваат надгробните олтари со италски карактеристики, донесени преку влијанија од Аквилеја и Далмација, како и саркофазите од малоазиски тип (II–IV век).

Дел од пронајдените саркофази во Скупи
Фотографија: Елена Џукеска 

 

Од крајот на III век, кога Дарданија станала посебна провинција, Скупи станал нејзина престолнина. Градот бил изложен на варварски напади, а во 518 г. бил целосно разрушен од силен земјотрес. За значајната улога на Скупи како христијански центар во провинцијата сведочат податоците за Епископот Дакиј кој учествувал на соборот во Никеја во 325 г., Паригориј кој присуствувал на соборот во Сердика во 343 г., преписката меѓу скопските епископи - анонимен епископ во 424 г., Урсила во 458 г.и Јован во 494 г. со папите и царевите. Најголем дел од натписите најдени во Скупи се епитафи на латински јазик датирани не подоцна од IV век, додека христијанските натписи се ретки.

Калина Кузман Додевска

Дополнителна литаратура:

Јованова Ленче, Македонија во римскиот период (археологија), во: Македонија, милениумски културно-историски факти, Скопје, 2013, 834-844.
Јованова Ленче, Скупи – некрополи. Стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва. Inventaria Archaeologica Personarum том II, Скопје, 2015.
Римски театар Скупи / Roman Theatre Scupi (ed. A. Jakimovski), Скопје, 2017.
Јованова Ленче / Jovanova Lenče - Ончевска Тодоровска Марина / Ončevska Todorovska Marina, Скупи, Сектор југоисточен бедем и комплекс Терма - Базилика со атриум / Scupi, Sector Southeastern Defensive Wall and the Thermae - Atrium Basilica Complex, Скопје, 2018.
Каролина Снајвли, Ранохристијански период во Р. Македонија (археологија) во: Македонија, милениумски културно-историски факти, Скопје, 2013, 1329-1404.

 

(продолжува)

Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 5