Летно попладне во Августа Трајана

Жешко е и нема многу луѓе наоколу; само неколкумина се забележуваат зад колоните на стоата, каде што се засолнале од жестоките јулски зраци. Тивко е дури и пред храмот. Две момчиња, не постари од шеснаесет години, излегуваат од гимназиумот — штотуку им завршија часовите. Очигледно никаде не им се брза. Безделно шетаат по камените плочи на агората, кои се нови, поставени пред неколку месеци. По толку векови, Рим оставил јасна трага во античкиот град што порано се викал Берое. Мнозина би рекле дека денес Августа Трајана по убавина го надминува дури и Филипопол. Секој римски император тука оставил белег: ѕидот на тврдината изграден од Марк Аврелиј, храмовите и августеумот на Каракала, сите зданија со високи колони, термите, арената, фонтани со секакви форми и големини.

Марк и Лукиј — така се викаат двајцата тинејџери — застануваат крај една голема мермерна фонтана да се напијат и да си ги измијат лицата. Потоа седнуваат на блиската клупа, под густа сенка од смоква.

„Денес ќе биде здодевно, пријателе. Ништо не се случува овој месец. Нема натпревари, нема театарски претстави, гладијаторските борби ќе почнат дури за еден месец…“

„Сакаш ли кај вилата на моите? Можеме да се бањаме таму во реката.“

„Ах, премногу е жешко. Не ми се оди толку далеку пеш.“

„А како би било горе на ѕидот? Твојот братучед денес стражари, нели?“

„И таму ќе е жешко.“

По кратка пауза, Лукиј продолжува: „Граматикот рече дека ни догодина нема да учиме ништо воено.“

„Го чув. А јас имав големи надежи. Сета оваа математика, поети, историчари, ретори — не е тоа за мене, човече. Војник сакам да бидам, за тоа сакам да учам.“

„И јас исто. Но такви се времињата. Одамна никој не добива воено образование; ни останаа само гимнастика и кревање тегови. Сега армијата е професионална, зошто да нè учат нас да бидеме војници…“ Момчето запира и се загледува во статуите. „Чекај, дали е оваа нова? Си ја видел порано?“

„Не би рекол. Ајде да видиме. Мора да ја поставиле сега-скоро.“

Момчињата стануваат и ноншалантно приоѓаат кон статујата. Го разгледуваат натписот под неа, а Лукиј почнува гласно да чита:

„‘Збогум! По одлука на најсветиот град на Лакедајмонците, потврдена со гласање од највозљубениот татков град, Спарта го чествува Марк Улпиј Генијал, граѓанин на Трајана и Лакедајмон, за сите негови доблести, а најнапред за неговата посветеност на образованието и реториката. Оваа статуа е издигната под надзор на Аврелиј Пандион, син на Хермодор.’“

„Сериозно, човече, живееме во погрешно време.“ Марк го гледа пријателот разочарано. „Нема да има слава за нас. И сам гледаш, статуи добиваат некакви „сезнајковци“. Учител и ретор! И што направил за Спарта за да заслужи статуа?! ‘Граѓанин на Трајана и Лакедајмон.’ Дури и едното име го пречкртале, па го напишале другото врз него. Лакедајмон е Спарта, да знаеш.“ Без да чека потврда, Марк ја клати главата и заклучува: „Сигурно семејството му ја нарачало.“

„Поим немам кој би бил. Но во право си — нема да видиме слава во овие модерни времиња. Зборови, книги — тоа е важно сега. Сакаат да го оставиме гладиусот и да војуваме со зборови. Навистина се погрешни времиња ако луѓето креваат статуи не на вистинските јунаци, ами на вакви како овој Генијал. Каков јунак е тоа? Земи го Императорот.“ Посочува кон големата, величествена статуа на коњаник што доминира на плоштадот. „Земи го најголемиот атлет.“ Се врти кон блиската статуа на олимпискиот победник во трчање, Марк Аврелиј Фронтон. „Тие се вистински јунаци! А не—“

„А што ве прави толку сигурни дека овој човек не е јунак, момци?“

Не беа забележале дека некој им пријде. Се свртуваат и го гледаат човекот. Речиси старец, барем педесетгодишник. Длабока лузна му ја сече образот, друг ја дели веѓата; косата кусо потстрижена, телото крепко и мускулесто, погледот строг. Лицето го издава ветеран-легионер, најверојатно еден од оние што добиле парче земја во Августа Трајана да ја минат староста мирно, наградени за верната служба кон Рим.

„Не сакавме да покажеме непочит, господине…“

„А сепак со незнаењето токму тоа го направивте. Слушнав дека сакате да бидете легионери. Копнеете по слава, по битки, по крв. Јас, ете, бев легионер.“ Човекот ја допира лузната. „Повеќе од четврт век поминав по боишта. И сепак, јас немам статуа, а овој човек има. И знам дека тој е јунак многу поголем и повпечатлив од сите други Трајанци, и дека го прославил нашиот град — и тоа во Спарта! Овој човек, неуки пилци, всушност е најславниот Трајанец што Империјата некогаш ќе го познава.“

„Како знаете толку за него?“

„Одамна, јас и тој бевме како вас двајцата. Две неуки деца што ништо не знаеја, а соништата им беа поголеми од светот. “Генијал“ — посочува кон статујата — „ми беше најдобар пријател. Тука пораснавме заедно. Јас го совладав гладиусот и борбените вештини, а тој — зборовите. Беше ненадминлив ретор, што можеше да му парира и на Демостен; уште како млад веќе ги надмина најдобрите учители што нашиот град ги имаше, и нашиот роден град му стана тесен. По школувањето, животот нè раздвојува — јас се приклучив на војската и по извесна обука ме пратија во Персија, па во Африка. Генијал стана софист — ми кажа тоа години подоцна, кога го посетив во Спарта. Патуваше низ Империјата, држеше беседи, декламации, говори. Колку повеќе патуваше и гледаше, толку подобар стануваше. Освои повеќе битки со зборови отколку јас со меч. Со време ја стекна почитта на народот; беше славен, и старешини од градови насекаде по Империјата го канеа да отвори училиште, но тој го избра Лакедајмон, можеби привлечен од славното минато на градот. Наскоро неговото училиште стана најславно во цела Грција; сите сакаа нивните деца да учат кај мудриот Трајанец. Беше одамна кога го посетив, но јасно паметам како и млади и стари му се воодушевуваа и со почит го гледаа кога говореше. Затоа велам: ова е статуа на вистински јунак, момци — јунак поголем од тркачот, и од коњаникот, и од кој било војник.“ Ја допира мермерната основа под нозете на својот пријател. „И не — не ја платило семејството. Спартанците ја подигнаа, и тоа е славна чест; истата ваква статуа го краси и нивната агора. А по векови, кога нема да има спомен ни за мене ни за вас, двете статуи на мојот пријател — Трајанецот што стана Лакедајмонец, големиот ретор Марк Улпиј Генијал — сè уште ќе стојат.“

Легионерот замолчува за миг, потоа ги погледнува засрамените момчиња покрај себе и пак се насмевнува.

„Сфаќате ли сега зошто ова навистина е јуначки споменик?“

Марко и Лукиј не кажуваат ништо, но јасно е дека зборовите на стариот војник им го сменија ставот, и кога повторно погледнаа кон статујата — ја видоа со други очи.

Поврзани споменици

Почесен натпис за Марк Улпиј Генијал од Стара Загора
Почесен натпис за Марк Улпиј Генијал од Стара Загора
Уредници: Гаврил Кацаров, Георги Михаилов, Николај Шаранков,
Репозиториум: Регионален историски музеј - Стара Загора,
Преглед: Ἀγαθῆι τύχηι. κατὰ τὸ δόγμα τῆς σεμνο τάτης Λακεδαιμονίων πό...,
Тип: база за статуа,
Материјал: мермер,