Кога бев сосема мал, мајка ми ме носеше по разни галерии, музеи, урнатини и стари споменици. Понекогаш ме оставаше таму без никакви објаснувања и мојата детска свест веднаш почнуваше да си измислува приказни или да поставува прашања. Се покажува дека и денес не сум го изгубил тој мисловен рефлекс. Да гледам два стари камена за мене може да биде вистинска забава. Не затоа што сум некаков експерт за стари камења, туку можеби затоа што од мал сум вешт во подривачкото прашување. Имаше време кога повеќето мои пријатели исто така, како мене, обожаваа разни древни места, но времето ми покажа колку е светот шарен и разнолик, и дека разгледувањето на два истуркани мермерни блока на некој од сонцето испечен рид може да биде неверојатна досада (па дури и мака) за други луѓе, кои инаку ги сакам исто толку многу.
За нив, а не за експертите за старини, сакав да ги запишам сите прашања што ми навираат во главата кога ќе застанам, на пример, пред Чешмата на Ајлија. И како што сите детски прашања се легитимни, така и оној што гледа во Древното треба и може да прашува, без да се плаши дека на некои прашања експертите може да се фатат за глава од ужас или за стомак од смеење.
По речиси 19 века љубовта и тагата на Фронтон кон неговата сопруга Ајлија ме допираат и ме замислуваат, но се прашувам: така ли било и за современиците на Фронтон што го читале натписот? Кога денес ги читам стиховите на умрениците за починати соседи, скроени од погребалните агенции, не се разнежнувам од зборовите. Знам дека тоа се готови формули и дека некој што воопшто не го познавал починатиот, создал за таа прилика неколку модели и му ги понудил на обезмоќениот и онемен ожалостен човек да си избере. Ќе преживеат ли нашите модели? Ќе можеме ли по две илјади години да допреме емоционално некој жител од овие простори со зборовите од надгробните слова што денес ги создаваме, под услов воопшто да се сочуваат, бидејќи немарно ги запишуваме на хартија? Ако, пак, некој Римјанин кон крајот на вториот век го читал овој натпис, кој ги вклучува сите тогашни конвенционални формули (оплакување на прераната смрт, пофалба на доблестите на починатата, митолошки упатувања кон митовите за Орфеј и Евридика, Просерпина и Елисејските полиња, како и молба до идните поколенија), дали се трогнал како ние денес, или го доживувал како уште една умреница излезена од уште едно погребално биро?
Како за провинција и како споменик за жена, надгробната плоча содржи дарежливо количество стихови. Многу жени, а и мажи, во тие векови биле погребувани само со неколку зборови, или најмногу со една–две реченици, и тоа не значело дека не биле сакани. Во длабоките (и сè уште релативно нови) римски провинции, кои имале претежно воено-стратегиско значење и затоа веројатно биле полни со сурови воени мажи, дали било вообичаено толку многу да се жали за една жена? Кога Фронтон го нарачувал натписот, дали во неговата глава се провлекло сомнение дека другите ќе го земат за „лигуш“ поради тоа? Ако му се провлекла таква мисла, дали неговата одлука да направи сè токму така како што направил не вклучувала и израз на една недвосмислена позиција? На пример: „Јас тагувам. Сакам сите да знаат.“ Или: „Нема врска што мислат другите, јас сум Римјанин и ќе ги погребувам своите најблиски според најсуптилните римски традиции, дури и да ме сметаат за мекушлав.“
До која мера Фронтон ја покажувал својата имотност со тоа што сè правел малку повеќе отколку што било вообичаено потребно? Колку поскап бил овој саркофаг од другите, кои носеле помалку зборови? Како изгледал тој во споредба со околните во некрополата и како гледале на него другите ожалостени, кои немале толкави средства? Дали чувствувале само восхит и сочувство или имало и други чувства?
Големината на плочата навистина има значење, особено кога ќе застанеш пред чешмата во која подоцна е вградена. Плочата навистина изгледа прилично голема за покривка за една кршлива жена. Дали тоа било само заради раскош, за да има место за стиховите, или жената не била толку кршлива? Всушност, не е ли забележително што кога ожалостениот сопруг ја оплакува својата жена пред 19 века, тој ги опишува сите нејзини доблести, но не пушта ни збор за нејзиниот надворешен изглед? Дали била ниска, висока, слаба или пополничка, со чпртав нос, со двојна брада, со пеги, со убава долга црна коса или со нежни бели раце – не знаеме, важно е дека била доблесна. Исто така било важно да се спомене за вековите, дека не пиела вино без својот сопруг (или барем не ѝ годело), што веднаш го наметнува прашањето: дали во тоа време имало многу такви матрони кои ги отворале делвите со вино додека мажите не биле крај нив, па дури и ги пресушувале од наслада? Или нив ги нема документирано, бидејќи за такви жени не следувале подробни надгробни слова?
Фронтон ги молел боговите и идниот посетител засекогаш да оставаат околу гробот на неговата сакана цвеќиња и плодови. Но последното што веројатно можел да си го замисли е дека по повеќе од илјада и двесте години чудната генијалност на човек кој уште не бил роден, по потекло од далечни, далечни земји, ќе реши од гробот на неговата сакана да направи чешма.
Всушност, не знаеме што точно се случувало со саркофагот пред Османлиите да решат да го употребат, и не е јасно дали плочата ја зеле од старите гробишта или таа веќе била искористена за изградба на нешто друго пред тие да се појават кон крајот на 14 век. За други случаи во Османлиската империја се тврди дека ѕидарите знаеле кога користат стари камени гробови; понекогаш, дури, за корита на чешми ја ставале долната половина од саркофази кои им се чинеле погодни и веќе убаво издлабени за таа цел. Дали тоа била мрза на ѕидарите или незаинтересираност? Не знам, но мислам дека не би пиеле вода од гроб, без разлика колку време поминало од смртта на човекот, ако навистина сфатиме што е што. Или, пак, тоа последново е само моја наслага од векот во кој живеам? Интересно е и следново во врска со одлуката на османлиските градители да го употребат надгробниот камен – како досега науката негласно да претпоставувала дека тие не можеле да го прочитаат натписот на класичен латински, но ете – не го ни избришале; не го ни свртеле наопаку, па да се изгуби од поглед и да се искористи задната страна на плочата – само како плоча. Оставиле да се гледа натписот на стариот, непознат јазик. Зошто? Од почит кон човекот кој некогаш нешто напишал? Со надеж дека некој некогаш нешто ќе може да прочита? Од восхит кон некогашните колеги ѕидари кои не штеделе сили да изработуваат толку масивни плочи, вистински џинови? Зарем не можеле да го избришат напишаното и преку него да ги стават своите имиња, годината или името на месниот бег, на султанот, за да го овековечат чинот на изградбата на чешмата, како што налага османлиската традиција? Нешто ги спречило. Дали тоа било чувството дека не се целосни сопственици на ова нешто? Или им се сторило премногу убаво за да го рушат и премачкуваат со нешто преку него? Ако е така, дали тоа што барем 12 века порано Фронтон се потрудил малку повеќе од вообичаеното, одиграло улога во зачувувањето на неговата порака сè до нас?
На крајот, се чини како мозаикот да го заокружува еден Французин, кој во 1870 година го дешифрира натписот и, задоволен од самиот себе, решава да постави спомен-плоча на сопственото читање:
По илјада и седумстотини години
еден непознат патник
дојде да ги прочита твоите стихови
на крајот од стариот ѕид.
Твојата молба, Фронтоне, не била залудна.
Нема сомнение дека делото на г-дин Дежарден е за пофалба, бидејќи создава информираност и интерес кон текстот, а и неговите зборови се убави и поетски, но сепак како да се обидува да изгради лик на туѓински патник кој првпат по 1700 години го дешифрира овој натпис. Тоа, секако, ме тера да се прашам колку колонијално мислење стои зад создавањето на таков лик. Зарем тука немаме претпоставка за образуван патник, граѓанин на држава – Голема сила, кој доаѓа и ги просветлува необразованите „локалци“, и првпат по 1700 години чита нешто? И до кој степен локалците, попуштајќи му на г-дин Дежарден да ги постави своите плочи со сопствените натписи и толкувања, прремолчено се согласиле да влезат во таа негова колонијална или постколонијална парадигма?
Да видиме: кога навистина натписот можел да биде прочитан пред г-дин Дежарден? Сигурно од 2 век до крајот на 6 век, кога градот Ескус бил разрушен од надојдените Словени, локалните жители што зборувале латински без проблем можеле да го прочитаат. Со прифаќањето на делото на светите Кирил и Методиј во 9 век во Првото Бугарско царство се појавуваат, а потоа се формираат доволно учени луѓе кои знаеле и латински. Византија имала латинисти. Таква била ситуацијата и за време на Трновската книжевна школа во Второто Бугарско царство. Крстоносците знаеле, повеќе или помалку, средновековен латински. Подоцна, некаков латински се зачувал кај пообразованите свештеници меѓу бугарските католици, голем дел од кои биле концентрирани токму во Северна и Северозападна Бугарија, а постоела дури и Никополска католичка епархија во 18 и 19 век. Изгледа дека во најголем дел од тие 1700 години до појавата на г-дин Дежарден во регионот имало доволно луѓе кои можеле, ако не професионално да го прочитаат надгробниот натпис на Ајлија, тогаш барем да разберат генерално што ни кажува.
Еве и јас сега, кога се прашував кој можел да го чита натписот низ вековите, најпрво набројав Римјани, Бугари, Византијци, крстоносци, католици во Османлиската империја (од различни етноси) – сите Европејци. Како да мора Османлискиот период и Османлиите по правило да биле сосема непросветени? И тоа цели 500 години? Дали си најдов пример за евроцентризам? Бела надмоќ? Се надевам дека не, едноставно премалку зборуваме, а мислам и дека малку знаеме за изучувањето на латинскиот во време на Османлиската империја. Знаеме дека Османлиите им придавале значење на турскиот, арапскиот и персискиот јазик, но за латинскиот во Империјата ретко спомнуваме, што никако не значи дека немало специјалисти, а уште помалку дека локалните власти не можеле и не го користеле ресурсот и лингвистичкиот капацитет на своето многујазично и повеќеетничко население. И еве го последното прашање: дали токму Османлиите не биле првите читатели на натписот во поново време, кои, баш затоа што знаеле што пишува, го зачувале, решиле да не го употребат за ѕидање зграда и, нарушувајќи ја сопствената традиција при подигањето чешми, нашле за соодветно да ја почитуваат тагата на еден маж така што ќе ја постават надгробната плоча на неговата сакана таму каде што луѓето секогаш ќе се собираат? За да налееш вода од Чешмата „Ајлија“, треба, ако не да клекнеш, тогаш барем да се наведнеш, точно пред надгробната плоча. Чешмите биле место каде уморениот патник им оддавал благодарност на градителите што му ја подариле можноста за студена вода, а рано наутро девојките оделе таму со стомните – и со росни китки! – што момците потоа им ги краделе како знак на љубов. Како поинаку да ги натераш луѓето во тоа време да носат цвеќе на каменот, како што сака Фронтон, освен ако навистина не го претвориш во чешма? Колку ли љубовни приказни започнале кај надгробниот споменик на Ајлија?
Старите камења чуваат тајни, некои – толку грижливо, што можеби никогаш нема целосно да го дознаеме она што е скриено. Но ете, живото и чисто чувство, како и трудот да создадеш нешто подобро од она што нормата го бара, понекогаш ги надживуваат епохите, царствата, религиите, етносите и немирните времиња, и раскажуваат непредвидени приказни, трогнувајќи ги идните поколенија дури и по илјадници години.