4 )
5-6 )
8 )
Посветата е направена за Дијана – најпочитуваната божица на територијата на денешна Северна Бугарија. Во римската религија Дијана се сметала за покровителка на природата, особено на дивата природа, и на ловот, идентификувана со грчката Артемида; како покровителка на патиштата, ноќта, светлината и раѓањето се поврзува со грчката Хеката, а исто така и со Месечината. На Балканот нејзините функции се многу пошироки: таа била сфаќана како врховна божица. Често се јавува и во пар со машко божество, наречено или Аполон (кој во грчката митологија е брат на Артемида) или Силван (римски бог на природата и земјоделството). Дијана го носи епитетот „Августа“ („света“, „обожувана“), кој ја претставува и како божество поврзано со римскиот император (Август) и култот кон него. Сите досега познати посвети на Дијана со епитет Августа од провинцијата Долна Мезија се поврзани со офицери од легионите распоредени во провинцијата – Првата Италска и Единаесеттата Клавдиева. Врската на посветата со императорот и неговиот култ е изречно означена и преку формулата „за здравјето“ на императорот, карактеристична за посветни натписи поставувани од државни службеници како израз на лојалност кон императорот и римската држава. Императорот е спомнат со личните имиња и прекарот „побожен Август“, но без почетокот на стандардната титулација („Император Кајсар“). Името Марк Аврелиј Антонин официјално го носеле тројца римски императори, кои денес — за да ги разликуваме — ги нарекуваме: Марк Аврелиј (II век), Каракала и Елагабал (првата половина на III век; кај двајцата тоа се неофицијални прекари). Во овој натпис легијата го носи прекарот „Антонинова“, кој се доделувал во времето на Каракала и Елагабал (не и кај Марк Аврелиј). Титулата „побожен Август“ (Pius Augustus) е карактеристична за Каракала, додека кај Елагабал се додава „побожен и среќен Август“ (Pius Felix Augustus). Покрај тоа, по смртта Елагабал бил прогласен за непријател на народот и неговите портрети и спомнувања биле уништувани, а во овој натпис нема бришење на императорските имиња. Затоа натписот се поврзува со императорот Каракала за време на неговото самостојно владеење (212–217 год. н.е.). Посветителот носи две имиња на римски граѓанин – спој од родово име и прекар. Родoвото име Мариј е традиционално римско име, често среќавано во Италија и во Империјата во целина, но во провинцијата Мезија е ретко (само уште 3–4 примери, поврзани со воени лица и нивните семејства). Прекарот Кориф (Coryphus), во натписот запишан во облик карактеристичен за доцниот латински јазик – Гориф (Goryphus) – е од грчко потекло, од збор со значење „врв“ (буквално и преносно), исто и „височина“, „превосходство“, „глава“, и имал пожелбен или описен карактер. Ова име не се среќава на друго место освен во овој натпис; познати се само четири случаи на негови варијанти, но од многу порано, во грчки натписи од ранохеленскиот период (IV–III век ст.е.); сродно по значење и потекло е името Corymbus, кое почесто се среќава. Комбинацијата од римско родово име и грчки прекар често е белег на потекло од источните делови на Римската Империја, особено кај лица што не биле римски граѓани по раѓање, туку подоцна го добиле граѓанството. Но во случајот на Мариј Гориф оваа втора можност е малку веројатна, бидејќи за војниците во римските легии било задолжително да бидат римски граѓани. Тој ја извршувал должноста примипил, односно прв кентурион (главен кентурион на првата кохорта во легијата) – највисоката должност до која обичен човек можел да се издигне во римската војска. Оваа должност обично го означувала крајот на воената служба во годината пред почесното отпуштање, но особено истакнатите примипили биле вбројувани во коњичкиот ред и ја продолжувале кариерата како офицери. Синовите на примипилите или продолжувале по стапките на татковците со воена кариера, или заземале должности во локалната администрација. Првата Италска легија е основана од императорот Нерон и на почетокот од владеењето на император Веспасијан, околу 70 г. н.е., бил преместен во провинцијата Мезија (подоцна поделена на Горна и Долна Мезија), во воениот логор Нове (кај денешен Свиштов, околу 50 км од Никопол). Легијата останала во Нове и во следните векови, најмалку до средината на V век н.е., учествувајќи во различни кампањи по границите на империјата. Нејзините одделенија биле распоредувани на разни места во провинцијата, а понекогаш делови се испраќале и во други провинции. Можно е такво одделение да постоело и во регионот на Никопол, или пак натписот да бил пренесен во Средниот век од Нове или од Ескус (кај с. Гиген), каде што исто така е посведочено одделение на Првата Италиска легија. Натписот спомнува обновување на чешма/извор, т.е. реконструкција на постаро светилиште. Изворите биле вообичаен елемент на светилиштата, особено кај божества поврзани со природата, и многу често присуството на извор било предуслов за создавање светилиште. Натписот од Никопол не наведува дали околу каптираниот извор имало изградени и други објекти; веројатно имало помошни градби, но можно е да немало голем храм и свештените служби да се извршувале под отворено небо. Засадените околу изворот дрвја биле дел од света горичка, која исто така спаѓа меѓу најкарактеристичните елементи во светилиштата на Дијана и други божества поврзани со природата. Овие свети горички (на латински lucus) обично биле природни, но требало да се одржуваат. Од друга страна, секоја човечка интервенција во светата горичка била непожелна, па дури и при најситни дејности како поткастрување или отстранување на исушени и паднати гранки и дрвја било потребно да се спроведуваат посебни ритуали за да не се разгневи божеството. Истото важело и за поправката на каптажата на изворот и чешмата. Веројатно целата постапка околу поправките и засадувањето на дрвјата била придружена со поворки и жртвопринесувања. Сите дејности биле вршени под надзор на Мариј Диогенијан, кој го носи истото ретко родово име како посветителот Мариј Гориф и очигледно е дел од неговото семејство, најверојатно негов син. За разлика од чисто грчкото Гориф, прекарот Диогенијан произлегува од грчко име (Диоген), но е проширен со латински суфикс (-ијан), што сведочи за понапредна романизација и желба (на родителите) за интеграција во римското општество. Диогенијан бил задолжен со организацијата и надзорот над одговорната работа поврзана со важното светилиште и императорскиот култ, не толку за да му помогне на татко му, колку за да стекне личен престиж во локалната заедница. Бидејќи по неговите имиња изостанува наведување на функција или припадност кон воена единица, веројатно бил сосема млад и не се стремел кон воена кариера како татко му, туку било предвидено да зазема административни должности (што вклучуваат и свештенички функции поврзани со императорскиот култ) во некој од римските градови во регионот.
Бешевлиев, Веселин. Епиграфски приноси. София, 1952, p. 38-39, № 69, tabl. XXIV, fig. 1.
Gerov, Boris. Inscriptiones Latinae in Bulgaria repertae (Латинските надписи, намерени в България). Sofia, 1989, p. 68, № 143, tab. XXV.