1 )
2 )
Натписот е откриен во 1953 г. паднат пред источниот ѕид на Храмот на Тихе. Сега е повторно вграден на своето оригинално место, под заоблена ниша, како база за статуа на божицата. Во храмот се пронајдени уште две машки бисти на Орест и Филоксен со испишани постаменти и уште 5 блокови поставени во помали ниши на кои се испишани имињата на семејството на Антестија Фуска и служеле како постаменти за бисти, една мала статуа на богот Ерос, глава на маж и дел од машко торзо. Ред 1, θεὰν Τύχην се мисли на статуа на божицата; ред 4, 274 година според македонската провинциска ера = 126/7 година н.е.
Вучкович-Тодорович, Душанка. Styberra. Античное поселение в селе Чепигове в окрестностях Прилепа, Archaeologica Jugoslavica IV, 1963, стр. 76-77, Т. XVII 28
Inscriptiones Graecae X 2, 2, 336, T. IL
Калпаковска, Весна. Епиграфски сведоштва за жителите на Стибера, 2004, стр. 25, No. 1, Т. 3
Бабамова, Славица. Епиграфски споменици од Република Македонија датирани според македонската провинциска ера, 2005, стр. 118–119, No. 55, T. XV.
Кон крајот на XIX и почетокот на XX век љубопитни учени почнале да ги посетуваат селата во Македонија и на територијата на прилепското село Чепигово на површината на земјата почнале да забележуваат уметнички изработки од мермер, а неколку биле вградени како сполии во селската црква. Така тие дознале дека некогаш таму имало град кој се нарекувал Стибера, токму така како што пишувале историографите Страбон и Стефан Бизантиски пред многу векови. Наоколу се појавиле и делови од статуи на мажи и жени во натприродна големина. Тоа било повеќе од доволно во 1953 година, Археолошкиот музеј во Скопје, под раководство на Душанка Вучковиќ Тодоровиќ да ги спроведе првите систематски археолошки истражувања на овој град. Така се градела научната љубопитност за Стибера, која трае до ден денес.
Распослана во плодородната Пелагониска рамнина на сливот на реката Блато во славниот антички Еригон, денес Црна Река, во близина на патната мрежа во римската провинција Македонија, Стибера станала град значаен не само за овој дел од Балканскиот Полуостов, туку и за целата Римска Империја. Близината на рудникот Сивец, од каде што се ваделе совршено бели мермерни блокови во текот на римското владеење станало дополнителен фактор на влијание за брзиот просперитет на градот.
Во секој антички град постоел барем по еден храм посветен на некој бог или божица, кој жителите го сметале за свој заштитник и се наоѓал во централното градско подрачје. Во Стибера тоа е храмот на Тихе, божицата на среќата, богатството и просперитетот. Во храмот била поставена статуа на божицата, која најверојатно на главата носела круна прикажана како ѕидините на градот, во рацете држела рог на изобилието, кормило и топка. Била поставена на блок со натпис на старогрчки јазик на кој е запишано: „Наследниците на Антестија Фуска, според нејзиниот тестамент, му ја обновија на градот статуата на божицата Тихе, заедно со храмот и статуите во него и му исплатија на советот пет илјади денарии: Тит Флавиј Филоксен, син на Орест; Марк Ветиј Никарх; Гај Јулиј Капитон; Публиј Антестиј Трофим и Публиј Антестиј Хрест. 274 година.“
Веднаш се наметнува прашањето „Која била Антестија Фуска и кои се нејзините наследници запишани на натписите?“ Антестија Фуска била ќерка на Публиј Антестиј, еден од првите доселеници во Стибера од далечното италско тло, кој дошол во Пелагонија најверојатно кон крајот на I век од н.е. Тој или ќерка му ги ослободиле од статусот на робови двајца од наследниците на Фуска – Публиј Антестиј Трофим и Публиј Антестиј Хрест.
Пред неа биле паднати две машки бисти. Пронајдени се уште 5 блокови поставени во помали ниши на кои се испишани имиња и служеле како постаменти за бисти, потоа мала статуа на богот Ерос, глава на маж и дел од машко торзо. Антестија Фуска се омажила со Лукиј Тифаниј Пруденс, кентурион во римската војска, којшто исто така спаѓа меѓу првите доселеници во Стибера од италското тло. На споменатите блокови кои биле постаменти за бисти стојат запишани имињата на целото нивно семејство – родителите на левата страна и нивните три деца на десната страна од влезот: Лукиј Тифаниј Фуск, Тифанија Антестија и Тифанија Нике.
Причините за миграции, како и во денешно време, вообичаено ги бараме во богатството на регионот каде што се доселувале. Имотните автохтони жители на градовите имале исто така потреба од богатство и моќ и често дојденците или римскиот император кој тогаш бил на власт, ним им давале римско граѓанско право, што им овозможувало да бидат полноправни граѓани на Римската Империја за разлика од останатото домашно население кое живеело без тие права. За ова дознаваме од нивните имиња, бидејќи кога императорот ќе доделел римско граѓанско право, новиот носител ја менувал својата именска формула и оттогаш се викал според имињата на императорот, во случајов Тит Флавиј Орест, таткото на наследникот Филоксен, според царската династија на Флавиевците. Судејќи според ова, тие го добиле правото приближно во истото време кога Публиј Антестиј ги ослободил Трофим и Хрест. Двете машки бисти пронајдени во храмот имале постаменти на кои биле испишани имињата на таткото и синот, Орест и Филоксен. Тие ни се познати и од други натписи: жителите на Хераклеја Линкестидска му подигнале статуа на нивниот доброчинител Тит Флавиј Орест, кој бил два пати врховен свештеник на градот. Уште еден од наследниците е потомок на истакната личност што ни е позната од натпис – Марк Ветиј Нејкарх, кој бил син или внук на Марк Ветиј Филон, кого го познаваме од списоците на ефеби во Гимназионот како дарител на маслото за мачкање на ефебите при нивните обуки во борење. Последниот наследник споменат на натписот, Гај Јулиј Капитон, судејќи според неговото име, исто така бил дел од градската аристократија. Според ова, јасно е дека имотните и влијателни фамилии во градовите се поврзувале преку роднински врски.
Како припадничка на волку еминентно семејство во Пелагонија, Фуска секако имала доволно средства, 5 000 денарии, за да го обезбеди тоа. Нејзината донација ни зборува и за тоа дека жената во тогашното општество располагала со свои финансиски средства, кои најверојатно биле стекнати како наследство. Со поставувањето на бистите и натписите на нејзиното семејство и на нејзините наследници, таа на храмот му дала фамилијарно значење, односно со донацијата најверојатно сакала нејзините блиски да добијат некаков вид на заштита и благослов од божицата Тихе. Сепак, возобновената статуа и храмот ги подарила на својот град, имајќи развиено чувство за доброто на заедницата во која живеела.
Годината на обновувањето на храмот под потронатството на Фуска е запишана во последниот ред на натписот. Во антички времиња, броевите се пишувале со букви. Античките Македонци годините ги броеле според годините на владеењето на нивните кралеви. Кога Македонија била освоена од Римјаните, тие веќе не можеле така да го бројат времето, бидејќи повеќе немале крал. Тогаш започнале да ги означуваат годините откако Македонија станала римска провинција, а тоа е 148 година пред н.е. Овој начин на сметање на времето се нарекува македонска провинциска ера. На овој натпис е запишано дека е изработен во 274 година. Кога од тој број ќе одземеме 148, ја добиваме годината според нашиот календар, а тоа е 126 година.
Градот Стибера бил разурнат во втората половина од III век, но никогаш повторно не бил населен, па поради тоа сите градби се наоѓаат неоштетени од подоцнежни упади и предметите стојат in situ. Тоа Стибера ја прави бисер на македонската археологија и епиграфика, а често се нарекува и македонската Помпеја.
Славица Бабамова