Легенда за Градот на победата

— Погледни го овој споменик, драги, и прашај кој го подигна:
во жал по мене Хермоген, и од жал за нашето чедо
Текла, со красни кадрици ја одзеде семоќната судбина.
Без свадба да видела, без со маж постела да делела,
без страста да ја познае, при Бога чиста отиде.
Ако сакаш и мене и синот мој по име да нè знаеш,
слушај, пријателе: Демостен беше моето храбро чедо,
јас сум Матрона, градот на Победата ми беше татковина.

— Јас, ете, четврта по ред, овде крај синот сум положена.

Време е да тргнам, помисли Хермоген. Требаше да тргне во потрага по друг Никополис; се чувствуваше протеран од овој, лишен од сè што му беше мило.

Ништо не го задржуваше во градот крај реката Нестус, каде што неговото семејство, грчки доселеници од Мала Азија, се беше населило пред тој да се роди. Хермоген порасна во овој град, меѓу Via Militaris на север и Via Egnatia на југ, среде џагорот на форумот, каде беззаби старци од изгрејсонце до зајдисонце брбореа за славното минато и за опаѓањето на човечката честитост: страшно е, срамно е, никој веќе не ги почитува старите, политичарите се фрлиле во разврат, а младите не можат наизуст да изрецитираат ниту еден стих од Илијадата или Енеидата. Си играше меѓу мермерните блокови што чекаа да бидат натоварени на бродови, донесени овде со воловски коли од каменоломите по ридовите; талкаше меѓу колоните на храмовите и крадеше парче леб или залаче месо од даровите наменети за боговите. А во Никопол богови имаше навистина многу! На градските монети беа ликовите на Аполон, Арес, Артемида и Асклепиј; имаше храмови на Ѕевс, Посејдон и Плутон, сите без пандан по својата раскош; мештаните го почитуваа и Коњаникот, речниот бог кој малку наликуваше на Дионис. Неговото семејство го донесе и името на новиот бог, оној што до скоро мораа тајно да го почитуваат, а сега се осмелуваа сè повеќе јавно да му се поклонат. Големи маки ги чекаа оние што го почитуваа Спасителот, а патиштата на Империјата беа осветлени од факлите што ги облеваа со светлина христијаните на крстовите, прогласени за жртвени јариња на секое зло. Но времињата се менуваат, а со нив и луѓето.

На едно локално христијанско собирање Хермоген се запозна со младата Матрона. Таа беше родена тука, во овој град, основан — ако им се верува на старците од форумот — од самиот Марк Антониј, за да ја обележи својата победа кај Филипи, пред Октавијан да сврти нова страница. Но, може ли да им се верува на тие старци со погледи вперени во минатото, што бараат нешто со кое би се гордееле, откако телата им останале без сила и машка моќ? Како и да е, сите му беа благодарни на наjсреќниот император, Трајан, што го почести нивниот град и му дарува извесни привилегии — меѓу нив и новото име на градот, Nicopolis ad Nestum.

И семејството на Хермоген и семејството на Матрона беа имотни, образовани, ревносни верници во Христос. Нивната врска беше благословена од мигот кога рацете им се допреа над светиот леб.

Хермоген беше среќен — но човек не треба да се потпира премногу долго на среќата. Зашто боговите се љубоморни, и старите и новите. Колку редови требаше да посвети на блажените денови кога го пречекуваше изгрејсонцето и го испраќаше зајдисонцето заедно со својата мила, смерна сопруга? Матрона му роди две деца: Демостен, љубопитно и зборлесто момче, како реторот по кого му го дадоа името — со надеж да употребува зборови, а не мечеви; и кадравата Текла, нежна и силна во исто време, тврдоглава и решителна како маченичката Текла од Иконион, првата што го следеше свети Павле и поднесе големи маки, но и луѓето и ѕверовите отстапија пред нејзината вера.

„Еден ред, еден ред ќе биде доволен,“ помисли Хермоген, стоејќи пред плочата каде што сега лежеше сè што љубеше — однесени пред време од болеста. „Тука живееше среќата.“ Но се премисли. Реши да ѝ даде збор на Матрона — заслужи да остане запаметена во овој град. Му нареди на резбарот да го вреже и неговото име покрај имињата на оние со кои ја делеше љубовта и крвта; не ќе беше право некој подоцна да врежува едноставно „Хермоген“ на чиста плоча. И замина.

Каде ќе го однесат нозете? Тоа не знаеше. Патот што Римјаните го изградија — широк, со големи, рамни камени плочи — ќе го однесе далеку; Империјата беше огромна, а нејзините патишта сечеа планини и преминуваа силни реки, ткаејќи џиновска мрежа. Можеше да појде во другите градови што го носат името Никополис: оној на Истер, оние во Епир и во Египет — да ги побара своите други јас, своите двојници, и да провери дали таму сè уште живее среќата.

Гласно ги изговори зборовите што ги избра за почеток на епитафот: „Погледни го овој споменик, драги, и прашај кој го направил…“ Си претстави како минувачите покрај гробот ќе се чудат: дали беа вистински овие луѓе? Следните редови навестуваа хеленска слава, источна побожност, тракиска тврдоглавост и христијанска надеж. Се чинеше дека ова не е епитаф за семејството на Матрона и Хермоген; тоа беше карта на самиот град. Град што постои и не постои во исто време; Никополис што е прв, но и само еден од мнозина; дом на семејство чии имиња беа толку разновидни, што се стори како да се земени од збирка славни раскажувања — од Хомер, препишани од беседите на древните ретори, преплетени во христијански легенди.

Она што Хермоген не го знаеше беше дека векови подоцна во овие краишта ќе дојдат варвари.

Дојдоа во множества, на коњи, во коли, со руса и со црна коса, некои високи, други ниски, но сите безмилосни, алчни. Во наезда ги преплавија нашите земји, и ни реки, ни ридови, ни тврдини, ни кули не ги запреа. Градот крај Нестус веќе не беше симбол на победа — не беше веќе ни град. Дојденците ги разнесоа неговите камења, ги понесоа да си градат домови на други места.

Но една камена плоча не можеа да ја однесат. Закопана в земја, стоеше таму, како волшебно закована во калта. Варварите не знаеја што пишува; само чудните имиња што ги спомнуваше од уста на уста се пренесуваа, и година по година, век по век, децата во тој крај си шепотеа една легенда. Според легендата, ако некој ноќе, покрај плочата, ги изговори имињата, ќе чуе како мермерот говори и лелека — плаче со солзите на град што одбива да остане заборавен. Старите жени додаваа дека некогаш таму живеела девојка по име Текла, која судбината ја однела пред да се омажи и која чиста застанала пред Бога; таа била жртвата што градот ја принесол со надеж да биде спасен. Луѓето зборуваат дека мермерните камења однесени од овој град, каде и да се денес, се чудесни, зашто под извесен агол светлината открива — за сосем најкус миг — чудни букви.

„Матрона — тоа сум јас, и живеам во Градот на Победата.“ Хермоген чекореше без да се сврти назад. Не можеше да предвиди ништо од она што ќе се случи во иднина. Но знаеше дека градот е жив не онолку колку што стојат неговите ѕидини, туку онолку колку што се паметат имињата на луѓето што живееле во него.

И веруваше дека секој што ќе го прочита овој натпис ќе стане граѓанин на овој град.

Паулина Мичева

Поврзани споменици

Надгробен натпис на семејството на Матрона од Никополис ад Нестум
Надгробен натпис на семејството на Матрона од Никополис ад Нестум
Уредници: Георги Михаилов,
Репозиториум: Регионален историски музеј - Благоевград,
Преглед: Δέρκεο σῆμα, φέριστε, καὶ εἴρεο τίς κάμε τοῦτο. Ἑρμογένης ποθέων...,
Тип: плоча,
Материјал: мермер,