Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 1
Областа околу денешното Охридско Езеро претставува едно од најстарите културни средишта во западна Македонија. Најраните познати жители биле Бригите и Таулантите, а од крајот на VI век пр.н.е. и Енхелеите – предилирски, медитерански супстрат. Во III век пр.н.е. првпат се потврдуваат Дасаретите, чија територија – Дасаретија – се простирала од Орестида и Линкестида на исток до Атинтанија и Паравеја на југ.
Областа околу езерото, позната како Лихнитида, првично се развивала одделно од Дасаретија. Археолошките истражувања на Варош, Самуиловата тврдина и Плаошник потврдуваат континуитет на живот од доцното бронзено и раното железно време (XII–IX век пр.н.е.). Наодите од IX–VII век, кога областа била населена со Бригите и Енхелеите, откриваат јасни културни врски со епирско-македонскиот културен круг.
Во VI–V век пр.н.е. се формира некрополата кај Горна Порта, поврзана со богатите гробови од Требениште и со силните уметнички влијанија од Коринт и Јужна Италија, што укажува на економски и урбан подем во регионот.
Во класичниот и хеленистичкиот период, Лихнид се развива како значајна точка на крстопатот меѓу Македонија, Епир и Илирија. По походите на Филип II и Александар III Македонски, градот потпаѓа под македонска власт и во III–II век пр.н.е. станува стратешко средиште во судирите меѓу Македонија, Илирија и Рим. Нумизматичките наоди со натписи ΛΥΧΝΙΔΙΩΝ и ΔΑΣΣΑΡΗΤΙΩΝ сведочат за постоење локална монетарница, чии симболи биле под влијание на епирските монетарници.
Монументалната македонска гробница кај Античкиот театар, датирана кон крајот на III – почетокот на II век пр.н.е., е најблиска по архитектура и декорација до гробницата од Пидна, а покажува сродности и со гробниците од Амфипол, Ставропол (Ксанти) и Касопе во Епир. Гробните прилози од некрополите кај Дебој и Горна Порта дополнително ги потврдуваат тесните врски на Лихнид со хеленистичкиот свет, особено преку трговските врски со Македонија, Јужна Италија, Епир, градовите од Долна Македонија, како и со илирскиот и јадранскиот брег. Археолошките и епиграфските наоди недвосмислено сведочат дека Лихнид во хеленистичкиот период претставувал значаен урбан, економски и културен центар, интегриран во горномакедонската културна сфера и во поширокиот хеленистички и римски свет.
По поразот на Македонското кралство во битката кај Пидна (168 г. пр.н.е.) и капитулацијата на илирскиот крал Гентиј, целото подрачје на Македонија и западните области на Балканот потпаднало под римска контрола. Иако формално прогласени за „слободни“, овие територии биле поделени на четири административни единици, под строга римска управа. Лихнид и областа на Дасаретите, поради нивната соработка со Рим, добиле статус на libera gens – „слободен народ“, со ограничена автономија. По востанието на лажниот Филип (Андриск) во 149 г. пр.н.е., Македонија била претворена во римска провинција, а Лихнид бил вклучен во нејзиниот состав.

Во раноцарскиот период (I век пр.н.е. – III век н.е.) Лихнид се развил во организиран градски центар. Градот бил дел од заедницата на Дасаретите, со сопствени органи: архонти, совет (βουλή) и народно собрание (δῆμος). Високата функција стратег е потврдена преку натписи од Свети Еразмо и други локалитети, што укажува на добро воспоставен систем на самоуправа.
Положбата на Лихнид на римскиот пат Виа Егнатија, кој го поврзувал Јадранското со Егејското Море, го претворила градот во значајна станица за трговија и комуникации. Монетарните наоди од I век пр.н.е. – III век н.е. сведочат за интензивен паричен промет и локална економска стабилност. Од овој период потекнуваат бројни материјални остатоци: јавни натписи, луксузна керамика, мозаици и архитектонски структури. Овие наоди ја потврдуваат урбаната трансформација на градот и неговото културно влијание во регионот. Во текот на I–III век н.е. Лихнид живеел во услови на pax Romana, што овозможило стабилен економски и културен развој.

Најпознатиот жител на Лихнид, широко почитуван во своето време (првата половина на III век), е Аврелиј Кратет, син на Птолемај. Благодарение на неговата прочуена ученост, Атињаните подигнале негова статуа во Асклепионот на Акропол, како што дознаваме од натписот со кој Дасаретите го почестиле својот сограѓанин за неговите доблести. Постаментот на оваа статуа е откриен при ископувањата на темелите на поликонхалната црква во шеесеттите години на XX век. При истражувањата на Античкиот театар во 2000 година бил пронајден уште еден постамент за статуа, повторно со посвета на истиот Аврелиј Кратет, син на Птолемај. Оваа статуа била подигната од страна на лихниѓаните, а текстот на натписот е речиси идентичен со претходниот, освен што недостасуваат податоците за почестите во Атина. Името Αὐρήλιος Κράτης Πτολεμαίου ја задржува македонската формула, на која ѝ претходи гентилното име, стекнато по издавањето на Constitutio Antoniniana. Овие натписи од Лихнид сведочат за високото образовно и интелектуално ниво на локалната елита.

Во доцноантичкиот период, градот Лихнид бил опфатен со значајни административни и политички промени. Во времето на император Диоклецијан (крајот на III – почетокот на IV век), од провинцијата Македонија се издвоиле нови административни единици – Тесалија и Нов Епир. Повеќе епиграфски сведоштва ја потврдуваат припадноста на Лихнид кон Нов Епир, меѓу кои се и посветите на императорите Констанс, Константиј Гал и Константин I, поставени од намесниците Флавиј Хигин и Софрониј. Овие натписи укажуваат дека Лихнид можел да има функција на административен центар на Нов Епир, особено по земјотресот во 314 година, кога центарот Дирахион бил уништен.
Со утврдувањето на христијанството како државна религија, Лихнид бил активно вклучен во процесот на христијанизација на регионот. Плаошник останал духовно средиште на градот, каде што се оформува локалната епископија. Од историските извори се познати четворица лихнидски епископи: Дионисиј (учесник на Соборот во Сердика во 343 г.), Антониј, Лаврентиј и Теодорет. Епископот Лаврентиј се истакнал како поддржувач на католичкото учење и соработник на Римската курија, додека епископот Теодорет во 519 г. го пречекал папското пратеништво, со што се потврдува верската и политичка лојалност на градот кон папството.
Археолошките истражувања потврдуваат значителен урбан и духовен развој на доцноантичкиот Лихнид. На просторот на Плаошник и во поширокиот градски предел се откриени повеќе ранохристијански базилики и цркви од V и VI век, украсени со богати мозаични подови со геометриски и флорални мотиви. Најзначајни се големата трибродна базилика со баптистериум и монументалната поликонхална црква, изградена во втората половина на V век, кои сведочат за високо ниво на архитектонска и уметничка култура.
Во истиот период, околу градското јадро било подигнато масивно утврдување во техника opus mixtum, кое го опфаќало и повисокиот и понискиот рид на денешната Варош, обезбедувајќи ефикасна одбрана од надворешни напади, меѓу кои и нападот на Готите предводени од Теодорих во 478/479 г. Градот се простирал на површина од околу 38 хектари. Во времето на епископот Лаврентиј Лихнид доживеал економски и културен подем, со уреден градски плоштад северно од базиликата и проширени некрополи кај Дебој и Горни Сарај.
Во доцноантичкиот период, Лихнид се оформил како значаен административен, црковен и културен центар на провинцијата Нов Епир. Преку процесот на христијанизација, развиената архитектура и богатата епиграфска традиција, градот го задржал своето регионално значење и во VI век, претставувајќи едно од најважните урбани средишта во јужниот дел на Балканот.
Калина Кузман Додевска
Античкиот град Стибера, еден од најзначајните градови во античка Македонија, се наоѓа во близина на прилепското село Чепигово. На територијата која подоцна прераснала во важен урбан центар, на ридот Бакарно Гумно на западниот влез во с. Чепигово, со археолошки истражувања се утврдени траги од постара населба од енеолитско и бронзено време.
Оваа населба, заради својата важна стратегиска положба, почнала да прераснува во значаен центар за македонските кралеви. Богатата рамнина Пелагонија, близината на античкиот Еригон (Црна Река) и рудникот за висококвалитетен мермер Сивец во текот на римското владеење станале дополнителнни фактори на влијание за брзиот просперитет на градот. Најголемите дострели во живеењето на Стибера се археолошки потврдени во времето на династиите на Антонините и Северите (II и III век), кога низ целата Римска Империја владеела pax Romana.

Градот бил административно седиште на областа Дериоп и во тие рамки се споменува кај Страбон, Тит Ливиј и Полибиј. Страбон запишал за трите градови на Дериоп: Брианиј (село Граиште), Алкомена (атарите на селата Бела Црква и Бучин) и Стибера (село Чепигово) на реката Еригон. Ливиј и Полибиј ја споменуваат Стибера во контекст на воените операции на Филип V и Персеј против Римјаните, во време на Втората и Третата македонско - римска војна.
Стибера во времето на римските императори Септимиј Север и Каракала го добила името Септимија Аврелија Стибера, најверојатно на почетокот од 202 г. н.е., кога тие поминувале по Виа Егнатија враќајќи се од Азија и поминале низ Хераклеја, Стибера, Стоби и Скупи и стигнале до реката Дунав. Тоа го покажувало особеното одликување на императорите кон градот. Стибера добила и статус на неокорија, што означувало исто така посебна наклоност и доверба да се спроведува и почитува империјалниот култ.
По втората половина на III век, како што е видливо од археолошките истражувања, Стибера почнала да го губи своето значење. Најверојатно една од причините се ограбувачките варварски походи на Готите и Херулите во 267/8 г. Во втората половина на IV век, како последица на нападите на варварските народи од средна Европа, животот во градот сосема замрел.
Благодарение на тоа што животот во Стибера не продолжил понатаму, таа е редок пример за градби кои се сочувани во археолошките контексти на раниот империјален период (I-III век), во кои нема подоцнежни упади и со тоа претставува реткост во македонската археологија.
Откриени градби во Стибера
На рамно плато под ридот Бедем откриени се три јавни објекти на градот: Гимназионот, Плоштадот со потерна и еден јавен сакрален објект во кој најверојатно се почитувал империјалниот култ.
Гимназион

Гимназионите во античките градови служеле како училишта во кои се учеле врвните вештините во образованието, но подеднакво внимание било посветувано и на нивниот телесен развој.
Во Гимназионот во Стибера се откриени перистил со атриум и проатриум, полукружна екседра, хероон со светилиште - теменос и дел од атлетската патека - дромос.
Перистилот и проатриумот служеле за теоретската настава на учениците, а во продолжение од североисточниот агол на проатриумот е подигната полукружна просторија - екседра. Хероонот бил место каде што се одржувале свечености во чест на успешните ученици, а тука стоеле поставени и списоци на ефебите кои успешно го завршиле своето образование наредени по академските години. Биле поставени и статуи на видни граѓани и на божествата кои се сметале за заштитници на Гимназионот. Во ниши од надворешната западна страна на хероонот, централно била поставена статуа на видниот граѓанин Септимиј Местриј Лик, а јужно и северно од неа статуи на император, Нике и Хермес. Во продолжение од северната страна на хероонот било подигнато мало светилиште - теменос, во кое биле поставени статуи на Хермес, Херакле и Асклепиј.
Плоштад со потерна
Плоштадот бил изграден во продолжение на Гимназионот кон север. Низ неговата средина поминувал одводен канал, кој претставувал главна артерија на одводната мрежа во овој дел од градот. На местото каде што каналот поминувал низ градскиот бедем била изградена чешма - потерна со вграден натпис посветен на Посејдон, Нимфите и на Еригон, божество на истоимената река.
Јавен сакрален објект
Северно од Плоштадот се наоѓа уште еден јавен објект со несигурна намена во кој in situ се најдени два постамента за почесни статуи со натписи: едниот натпис ни кажува дека е подигната статуа во чест на Инстеиј Александар од неговите родители Инстеија Никополис и Флавиј Парамон по мислењето на собранието на Македонците и советот на областа Дериоп, а со другиот ѝ е оддадена почит на Инстеија Никополис, мајка на Инстеиј Александар заради нејзината доблест по мислењето на советот на градот и на собранието на областа Дериоп.
Градската акропола
Градската акропола се наоѓала на ридот Бедем. Тука се пронајдени исто така неколку градби: храм на божицата Тихе, светилиште на неидентификувано божество, градската агора и уште еден јавен објект.
Храм на божицата Тихе
Во секој антички град постоел барем по еден храм посветен на некој бог или божица, кој жителите го сметале за свој заштитник и се наоѓал во централното градско подрачје. Во Стибера тоа е храмот на Тихе, божицата на среќата, богатството и просперитетот.
Во храмот биле откопани неколку предмети од мермер, кои ја раскажуваат приказната за него. На централниот ѕид била изработена полукружна ниша во која стоел блок со натпис на старогрчки јазик, а пред неа биле паднати две машки бисти со испишани постаменти. Пронајдени се уште 5 блокови поставени во помали ниши на кои се испишани имиња и служеле како постаменти за бисти, мала статуа на богот Ерос, глава на маж и дел од машко торзо.
Агора

Веднаш до Храмот на Тихе се наоѓа зградата на агората (плоштадот). Има средишен простор поплочен со мермерни плочи, а централно се наоѓа бунар. Наодите од мермер ја открија неговата намена, меѓу кои треба да се истакнат две мермерни маси со ногари, од кои на едната е испишан натпис за донацијата на Ајлиј Химнос, кој бил агораном на градот, за изработка на мерна маса за производи, поради потребата на градот, во 141/2 г. н.е. Над масите, во ниша, стоела биста на Фаустина Помладата, сопругата на императорот Марк Аврелиј и мајка на императорот Комод, обајцата важни за животот во целата провинција Македонија. Со оглед на фактот дека е потврдено дека Марк Аврелиј обрнувал многу големо внимание на приносите од жито низ Империјата (аnnona како регулиран систем на снабдување со жито), не е чудно што неговата сопруга ја надгледувала продажбата на овој прозивод во богатата Пелагониска Рамнина. Во друга ниша во истиот ѕид била сместена ара посветена на Хермес, заштитникот на трговците.
Славица Бабамова
Дополнителна литература:
(продолжува)
Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 3