
Формирање на провинцијата
Времето за кое можеме да речеме дека го означуваме како почеток на римскиот период во Македонија е 168 г. пр. н.е. Со битката кај Пидна завршува Третата македонско-римска војна, кога македонскиот крал Персеј бил поразен од римскиот консул Ајмилиј Паул. Настанот се вбројува во еден од пресудните во античката историја, не само за Македонија, туку и за другите балкански држави, а секако, станува важен предуслов за натамошните случувања во Римската Империја, пред сè поради тоа што Римјаните успеваат конечно да си го отворат патот за освојување на Истокот.
Со донесувањето на оваа вест во Рим Ливиј, најисцрпниот извор за настаните во оваа година, ја започнува својата XLV книга (Liv. XLV, 1, 6-11): „Се зборува дека на петнаесеттиот ден пред октомвриските календи, на вториот ден на римските игри, гласник, кој рече дека доаѓа од Македонија, на консулот Гај Ликиниј, кој беше качен на квадрига која требаше да тргне, му предаде овенчано писмо. Консулот, откако тргнаа квадригите, се качи на својата и додека се вртеше низ патеката кон публиката, му ги покажуваше на народот овенчаните таблици. Откако ги виде, народот, заборавајќи на претставата, веднаш дотрча во средината. На истото место консулот го повика Сенатот и откако ги прочита таблиците според авторитетот на предците, јавно на народот му објави дека неговиот колега Лукиј Ајмилиј се борел со кралот Персеј со решавачки знамења, дека кралот избегал со малкумина и дека сите градови од Македонија дошле под власт на римскиот народ. Откако се слушнаа овие зборови, се крена џагор со огромен аплауз; голем дел од луѓето ги напуштија игрите и тргнаа дома да ја однесат радосната вест на жените и на децата. Тоа беше тринаесеттиот ден откако во Македонија беше извојувана битката.“
Следната година Римјаните вовеле свој начин на уредување и управување, кој подразбирал дека на покорените народи им се остава фиктивна слобода (Liv. XLV, 18, 1-2), односно дека тие ќе управуваат со своите градови, ќе ги задржат истите градски територии, ќе имаат свои закони и годишни магистрати, а на римскиот народ ќе му плаќаат половина од данокот што му го плаќале на кралот (Liv. XLV, 29, 4). Градовите биле основни единици на административното уредување, во чија работа Римјаните не се мешале. Освен тоа, добро познатата, проверена и низ времето валоризирана максима „Divide et impera!“ („Раздели, па владеј!“), со која Римјаните владееле со населението во освоените територии се покажала и овде многу успешна: ја поделиле Македонија на четири дела (мериди) и успеале да го разединат ткивото на државата, бидејќи комуникацијата меѓу меридите била ограничена: Ајмилиј Паул го забранил стапувањето во брак, трговијата со земја и градби на жители од различни мериди, го забранил користењето на рудниците за злато и сребро, а го дозволил користењето на резерви од железо и бакар. Данокот многу остроумно го свел на половина од сумата што претходно му била плаќана на кралот (Liv. XLV, 29, 10-11). Биле создадени четири concilia (совети) за секоја мерида засебно и еден synedrion во кој учествувале претставници од сите мериди и кој бил задолжен за посредувањето во односите меѓу Рим и провинцијата, собирањето на даноците, правните прашања, прекршувањето на трговските закони, итн.
Вака изгледала од политички аспект некогашната моќна македонска држава во 167 г. пр. н. е. Уредувањето што ѝ го дал Ајмилиј Паул не се покажало како лесно прифатливо, бидејќи често се дигале бунтови, но судбоносно за понатамошната историја на оваа почва е востанието на Лажниот Филип (Андриск) во 149 г. пр.н.е. По задушувањето на востанието, населението било оданочувано во целост, а привидната слобода била укината, па од 148 г. пр. н.е. Македонија била организирана во првата римска провинција на Балканот, што значи дека добила римски намесник со неговите органи и била стационирана римска војска. Како дел од Римската Империја, Македонија станала појдовна точка за римските походи кон другите делови на Балканот и на Предна Азија.
Административно уредување
Во 148 г. пр. н. е. Македонија била организирана како римска провинција, во чие административно функционирање не биле направени големи промени во однос на уредувањето од 167 г. пр. н.е. Со провинцијата управувал намесник, позиција која во првите две години сигурно ја имал Квинт Кајкилиј Метел, кој откако го победил Андриск, добил задача да ги среди состојбите во Македонија и да ја организира во провинција. Метел имал функција на прајтор со проконсуларна власт (praetor pro consule, στρατηγὸς ἀνθύπατος). Ако некој од управителите умрел пред истекот на мандатот, на негово место доаѓал квајстор со прајторска власт (quaestor pro praetore, ταμίας καὶ ἀντιστράτηγος). Така останало сè до времето на Сула, кога со Lex Cornelia de provinciis ordinandis, во 81 г. пр. н. е. било пропишано дека Сенатот одбира бивш консул со мандат од една година, што е сменето со Lex Iulia de provinciis во 46 г., кога мандатот на прајторските управители останува една година, а на консулските се продолжува на две. Во 27 г. пр. н. е. провинциите биле поделени за надлежност меѓу Кајсар и Сенатот, односно била направена разлика во тоа кој го назначува намесникот на провинциите и Македонија била вброена во сенатските, бидејќи се сметало дека таму немирите се стивнати, додека на Кајсар му биле доделени пограничните провинции во кои имало воени немири. Меѓу 15 и 44 г. Македонија и Ахаја поминале во групата на императорски провинции, а потоа, во времето на императорот Клавдиј, повторно му биле вратени на Сенатот.
Во текот на републиканскиот период и за време на принципатот во многу градови во провинциите се доселувале Римјани (negotiatores), во најголем дел трговци кои се населувале по градовите низ Империјата и успевале за кратко време да стекнат богатство. На грчките натписи се потврдени како οἱ συνπραγματευόμενοι Ῥωμαῖοι, а биле организирани во conventus civium Romanorum. Кон крајот на републиканскиот период и по Првата граѓанска војна Рим започнал со основање колонии на источниот Медитеран и во тоа време првите negotiatorеs, припадници на сенатскиот сталеж или богати витези од италските градови, започнале да ги преселуваат во источните градови своите дејности, навлегувајќи меѓу локалната аристократија преку своите клиенти, најчесто ослободеници, како посредници. Тие заедно со гувернерот на провинцијата и неговата администрација несомнено играле важна улога во формирањето на новата градска аристократија, не само во периодот на почетоците на римското владеење со Македонија, туку и подоцна. Конвенти и οἱ συνπραγματευόμενοι Ῥωμαῖοι, се документирани и во Бероја, во Акант, во Стибера, во градот на Исар-Марвинци, валандовско, во Едеса и во Тесалоника.
Поделбата на Македонија на четири мериди останала на важност и по 148 г. пр. н.е., а органите на управување кои ги имале Македонците биле синедрионот, како централен орган кој ги координирал работите меѓу четирите мериди и нивниот однос со Рим, кој бил воспоставен во 167 г., во 148 г. пр. н.е. бил формиран и македонски којнон (τὸ κοινὸν τῶν Μακεδόνων), чии членови биле македонијарсите, а седиште бил градот Бероја. Веројатно по примерот на Македонците и во другите источни провинции Римјаните воспоставиле провинциски κοινά, кои биле задолжени за царскиот култ и за фестивалите што се одржувале во негова чест.
Локалните градски закони, односно решавањето на прашањата поврзани со градот, останале во рацете на градските органи, како и пред доаѓањето на Римјаните: собранието (ἐκκλησία, δῆμος), градскиот совет (βουλῆ) и магистратите (ἄρχοντες, ἀγορανόμοι, πολιτάρχαι). Градовите имале и гимнасијарх (γυμνασιάρχης), кој раководел со гимнасионот, одн. училиштето кое било сметано за важна институција во секој град; понекогаш патрон (πάτρων) заштитник на градот, најчесто Римјанин од високата социјална класа и доброчинители (εὐεργέται). Во секој град имало и првосвештеници (ἀρχιερεύς, ἀρχιερεία) - претставници на градската аристократија, а биле избирани со мандат од една година од градскиот совет.
Населението во градовите (πολείς) и селата (κῶμαι) било распределено во фили (φῦλαι), што е посведочено на натписот од Бела Црква и преку натписите на седиштата од театарот во Стоби.
Граници
Границите на провинцијата Македонија се делумно опишани во литерарните извори, а за дел од нив дознаваме преку епиграфските споменици. Во текот на републиканскиот период, па сè до средината на I век н.е., границите многу често се менувале како резултат на тоа што Македонија била првата римска провинција на Балканот и кон неа биле приклучувани сите новоосвоени територии.
Со оформувањето на провинцијата кон неа биле приклучени и јужноилирските области со цел да се направи појака врската меѓу матичната земја и провинцијата. Јужната граница е онаа за која изворите зборуваат најмалку. Од 148 до 146 г. пр. н. е. Ахаја влегувала во границите на Македонија. Се менувала и границата со Тесалија, но не се знае кога точно се случувале промените.
Северната граница е онаа која претрпела најмногу промени. Етничката граница на Македонија била придвижувана кон север или кон југ поради честите упади на северните соседи или одбрамбените походи на римските намесници. Марк Крас во 29-28 г. пр. н.е. во два похода ги покорил Мајдите, Сардите, Мојсите, Трибалите и Дарданците и ја продолжил границата на север до Дунав. Во 16 г. пр. н. е. Римјаните ги покориле Дентелетите, а следната година во рамките на Панонските војни, Тибериј ја освоил и земјата на Скордиските. Во првите години од I век Римјаните ја оформиле провинцијата Мојсија како воена управа, и кон неа била приклучена Дарданија, така што Македонија на север ја добила старата етничка граница, која останала важечка сè до доцната антика. Во 44-46 г. н.е. била оформена провинцијата Тракија и кон неа биле приклучени Мајдите, Дентелетите и Бесите.
Источната етничка граница е детерминирана кај Страбон со р. Стримон, која од времето на Филип II е поместена до р. Нест и најверојатно останала таква до II-III век, кога административната граница се движела по течението на р. Стримон во делницата меѓу клисурите кај Кресна и кај Рупел, поминувајќи по јужните падини на планината Орбел (Пирин) и потоа завивајќи кон долниот тек на р. Нест.
Во доцниот империјален период Македонија повторно претрпела промени во границите. Се смета дека во 297 г. од Македонија се отцепиле Тесалија и Нов Епир (Epirus Nova) и дека така се создале две нови провинции. Во времето на Диоклетијан постоела и провинцијата Тесалија. Во текот на формирањето на оваа провинција, кон Тесалија се приклучени и јужните и југозападните области од Македонија. Што се однесува до Нов Епир, потврда дава еден натпис од Охрид на кој се споменува Sofronius v(ir) p(erfectissimus) [pra]ess prov(inciae) nova[e E]piri, а е датиран меѓу 351 и 354 г. Меѓутоа, најновите историски проучувања доаѓаат до сознанија дека обете провинции, Тесалија и Нов Епир, биле создадени во времето на Галериј, по 299 год., поточно во првите години на IV век, како резултат на зголемените воени и политички амбиции на кајсарот, за што Македонија имала стратегиско значење од една страна, но и на неговото големо влијание врз императорот Диоклетијан, од друга страна. Од 371 г. потекнува натписот од Баргала кој ја одредува североисточната граница, односно кажува дека овој град тогаш бил дел од Dacia Mediterranea.
Кон крајот на IV век Македонија е повторно поделена во две провинции: Macedonia Prima, односно Македонија во потесна смисла што се однесува до териториите кои биле во заеднички рамки во постарото време и Macedonia Salutaris.
Македонската ера
Пред освојувањето од страна на Римјаните, Македонците го броеле времето според годините на владеење на нивните кралеви. Кога Македонија станала римска провинција, тие го смениле начинот на броење на годините и воспоставиле нов начин, кој се нарекува македонска ера. Годините се бележеле со букви, над кои обично се ставала хоризонтална линија. Искажувањето на годините според нашиот календар се прави така што од годината запишана на споменикот се одзема 148. В. тука и тука.
Славица Бабамова
Дополнителна литература:
(продолжува)
Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 2