Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 2

Стоби бил најзначајниот град по средното течение на Аксиј (денешната река Вардар) во римскиот период. Распослан на устието на Еригон (Црна Река) во Аксиј, се наоѓал покрај главните антички патни правци, Вардарско-Моравскиот пат кој ги соединувал Егејскиот басен со Дунав, односно патот Тесалоника - Виминакиј и Сирмиум преку Скупи и Наис, патот кон Сердика преку Астибо, Транупара и Павталија и уште еден кој бил делница од Via Egnatia, одвоена кај Хераклеја Линкестидска.
Во античките извори Стоби се споменува само на неколку места. Најстар и најзначаен е извадокот од Тит Ливиј, кој го определува Стоби како „стар град“ и се однесува на II век пр.н.е. (Liv. XXXIX, 53, 15: „... недалеку од Стоби, стариот град.“ („… haud procul Stobis, vetere urbe“).
Особено важен податок за историјата на Стоби во периодот на создавањето на провинцијата Македонија е дека Ајмилиј Паул им дозволил на Дарданците да купуваат сол од Стоби, кој бил во третата мерида, и ја одредил цената (Liv. XLV, 29, 13: „... post non impetratam Paeoniam salis commercium dedit; tertiae regioni imperavit, ut Stobos Paeoniae deveherent, pretiumque statuit.“) Податокот покажува не само дека Стоби се наоѓал во третата мерида, туку дека во тоа време позицијата на градот била искористена за вршење трговија која била од големо значење за локалната економија.
Најраните материјални остатоци во Стоби се наоѓани надвор од прецизен археолошки контекст: осамени наоди кои се датирани од доцното бронзено време преку архајскиот до класичниот период. Археолошките истражувања спроведени во 70-тите години на XX век ги отсликаа промените во градот од хеленистичко во римско време, односно го покажаа ширењето на градот на поголема територија. Локацијата на малиот град во III век пр. н.е. била на левиот брег на Еригон крај нејзиниот слив во Аксиј. Постара населба од IV век пр. н.е. или порано е возможно да постоела на истиот простор или некаде во неистражените делови на левиот брег на Аксиј. Во II век пр. н.е. бројот на населението се зголемил како резултат на создавањето на провинцијата и поради фактот дека преку продажбата на сол Стоби станал значаен трговски центар во третата мерида. Населувањето на ветераните на римската војска, кои се доселиле во градот во кој живеело старото пајонско, македонско и хеленско население значително влијаело на понатамошниот развој на градот.
Монета од стобиската ковница, Трајан, 98/99 г.
Во раниот царски период во Стоби се случувале настани поврзани со промената на статусот на градот и на неговите жители. Плиниј набројува 150 градови во Македонија и меѓу нив oppidum Stobi civium Romanorum (Plin. Nat. hist. IV, 16). Во својата исцрпна студија за статусот на Стоби во римско време Папазоглу дошла до сознание дека градот функционирал како oppidum civium Romanorum пред 30 г. пр. н.е., а во 73 г. н.е., кога е датирано првото монетоковање во Стоби со легендата Vespasianus cos. IIII censor, а на реверсот стои mun(icipium) Stob(ensium), се потврдува промената на статусот на градот.
Врз основа на веќе познатите монети, јасно е дека во времето на Веспасијан (73 г. н.е.) Стоби бил municipium. На натписите градот е означуван како municipium Stobensium или како ἡ Στοβαίων πόλις.
Посвета од августали на императорот и на Ултрикс Августа
За значењето на Стоби зборува и постоењето на ковница, која со кратки прекини била активна околу 150 години (73-217 г.) Нејзината улога била да ги снабдува со ситни бронзени монети локалните жители, но уште повеќе населението во Горна Мојсија до Дунав, каде немало ковници во тоа време (времето на Веспасијан), кога останатите градски центри кои ковале пари биле сместени на македонското крајбрежје.
Стоби во раниот римски период е многу подобро проучен од археолошки аспект. Археолошките истражувања покажуваат дека во доцниот I век пр. н.е. започнало зголемувањето на градската површина и на бројот на населението. Истражуваните објекти од овој период се од јавен или полујавен карактер. Таканаречената Casa Romana, Објектот со арки со за сега несигурна намена, храмот на Изида и куќата на Полихарм не се во целост истражени.
Најголемиот објект од раноримскиот период е театарот, кој е значаен не само од археолошки и архитектонски, туку и од аспект на функционирањето на градот и составот на населението. Неговата изградба била завршена во третата четвртина на II век, а бил во употреба до крајот на IV век. Сите седишта на театарот се испишани со имиња на оние кои ги закупувале на одреден период почнувајќи од доцниот II век до втората четвртина на III век. Тоа било вообичаена практика во речиси сите театри, но стобискиот се одликува според тоа што се испишани речиси сите седишта. Кај повеќето од нив е видлива промената на оние кои ги закупувале, бидејќи имаат по две или три имиња на горната површина, а често се среќаваат натписи и на челната страна. За жал, голем дел од нив во доцноантичкиот период е преупотребен во други објекти низ градот, па останува невозможно да се видат сите натписи. Она што е особено важен дел од епиграфиката и историјата на Стоби е дека сите натписи на седиштата се испишани со грчко писмо, што упатува на заклучок дека тој бил јазикот со кој се служел најголем дел од населението и покрај правниот статус на градот и големиот број доселени Римјани. Поголем дел од имињата се римски nomina или cognomina, испишани скратено и најчесто во генитивна форма. Распоредот на седење во театарот бил направен според филите, чии имиња стоеле запишани на челните страни од седиштата, а се претпоставува дека имало 21 фила, иако до нас дошле имиња на шест од нив: Κ[λαυδί]α?, Μαρτία, Οὐαλερία, [Μερ]κουρία, Οὐειβία и Τερεντία.
Намената на театарот била, секако, за театарски и музички претстави, можеби и за собирање на граѓаните во официјални прилики (за што зборува и седењето според припадноста во филите). Со помош на археолошките истражувања се претпоставуваше дека тој служел и за гладијаторски и венаторски борби, а тоа се потврди и преку натпис - invitatio ad munera, кои се одржувале во театарот.
Надгробна плоча на Гај Сентиј Сатурнин, ветеран на IV Скитска легија и неговото семејство
Структурата на населението во Стоби се отсликува во најголем дел преку надгробните споменици. Статусот на градот од освојувањето на Римјаните и во текот на раниот царски период сугерира дека сите новородени слободни жители на градот имале римско граѓанско право. Стобиските граѓани биле запишувани во трибата Aemilia, што е потврдено преку натписи од Стоби, Скупи, Никополис ад Иструм, Неапол во Јудеја и Рим преку делот од именската формула - Aemilia (Stobis).

Неизоставно е овде да го споменеме најпроучуваниот натпис од Стоби, од неговото откривање во 1931 г., дарот на Тибериј Клавдиј Полихарм. Двојниот римски гентиликиј – Tiberius Claudius е посведочен низ целата Римска Империја. Cognomen Πολύχαρμος носат многу жители на источниот дел на Царството во римскиот период. Полихарм во својата формула има и signum, Ахириј, име кое е сосема ретко. Освен овде, Ахириј се јавува на златна фијала од Сицилија, датирана веројатно во IV в. пр. н.е. Се претпоставува дека етимологијата на името е грчка, извлечена од придавката ἄχυρον или се смета дека е транскрипција на хебрејско име. Во нашиов случај оваа последна претпоставка би била единствениот белег за еврејското потекло на Полихарм. Би напоменале дека само уште двајца Евреи во раноримскиот период од Стоби ни се познати по име: Ἀλέξανδρος, фронтист на Синагогата и Ποσιδωνία, која оставила свој завет на Бога. Обајцата имаат грчки имиња, што, како и во случајот на Полихарм, сведочи за постепеното губење на обележјата на етничката припадност во Стоби во II и III век н.е.
Во Стоби, лоциран токму на границата меѓу двете половини на Римската Империја, меѓу две културни сфери, кои независно од индивидуалниот развој во претходните векови станале една држава и функционирале заедно, очекуваме мешање на двете главни компоненти во културниот развој од историјата на Царството. Обидувајќи се да го сместиме Стоби во некоја рамка, се добива впечаток дека тоа е невозможно. Натписите испишани на латински и на старогрчки јазик како да се со еднаков број. Дополнување во комплексноста на таа слика прави и силниот ориентален елемент, кој, иако освен преку заветните натписи на припадници на еврејската заедница, епиграфски е потврден само со еден натпис, сепак е присутен преку други наоди. Присутноста на латинскиот како официјален јазик не е за занемарување, иако очекувано е дека, како и во остатокот од источните провинции, преовладува грчкото писмо. Индикативен е податокот дека јавните натписи се испишани со грчко писмо, а посветите на царевите се со латинско, иако не секогаш. Во II век се јавува поголем број натписи на грчки јазик, но со јасна поделба во употребата на јазикот според легалниот статус на граѓаните.
Во раниот IV век, Стоби станал епископско седиште. Ова е потврдено преку списоците на епископи кои присуствувале на црковните собори: Будиј, кој присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 г., е првиот познат епископ од Стоби, додека епископот Николај се спомнува како учесник на Соборот во Халкедон во 451 г. Раната христијанска активност е потврдена и преку археолошките истражувања на седум базилики и три крстилници во градот и неговата околина. Овие објекти биле истовремено користени во V век, што укажува дека во тоа време Стоби имал голема христијанска заедница.
Во средината на V век, Стоби бил нападнат и запален од Хуните, а во 479 г. бил ограбен од Остроготите, но обновен. Како резултат на движењата на Словените, Аварите, Кутригурите, како и поради природни непогоди, кон крајот на VI век животот во градот замрел.
Славица Бабамова
Дополнителна литература:
(продолжува)
Југоисточна Европа во времето на римскиот принципат (I-III в. н.е.) - ДЕЛ 4