5 )
6 )
7 )
9 )
9 )
Бил преупотребен во темелите на Поликонхалната црква во 60-тите години на XX век. Аврелиј Кратес, син на Птолемај, има мешана ономастичка формула. Неговиот nomen Аврелиј укажува дека римско граѓанско право стекнал со Constitutio Antoniniana, што нашиов натпис би го датирало по 212 г. Покрај римската ономастичка формула, во своето име го задржал името на татка си (како дел од македонската ономастичка формула). За неговите квалитети добил почест од Атињаните, како што пишува на натписот, но во неговиот роден град Лихнид, покрај овој натпис, во античкиот театар во 2000 г. е пронајдена уште една база за негова статуа со речиси идентичен текст, подигната од Лихниѓаните (Битракова Грозданова В., Лихнид и Дасаретија, Скопје, 2017, Bitrakova Grozdanova V., Lychnidos et Dassaretie, Skopje, 2017, 421-447). Овие натписи, како и емисиите на монети на Дасаретите и Лихниѓаните укажуваат на тоа дека Дасаретите биле организирани како една административна заедница, а Лихнид бил нејзин центар како автономна градска општина (πόλις). Ваквиот начин на организирање во една заедница (κοινόν, ἔθνος) на помали населби или села кои гравитираат околу една централна градска населба е позната во неколку горномакедонски области во римско време – кај Линкестите, Орестите и кај Елимиотите, кои биле дел од териториите кои во историските извори се нарекуваат слободни, а се потврдени преку натписи. Сличен е случајот и со односот на Дериоп и на градот Стибера.
Битракова-Грозданова Вера, Три епиграфски прилози од Охрид, Жива антика 20, 1970, стр. 160-161, бр. 1.
Inscriptiones Graecae X 2, 2, 371, T. LIII
Лихнид, денешниот Охрид својот најголем подем го доживеал во доцнохеленистичкиот и раноцарскиот период. Во тие древни времиња, кога Рим царувал со светот, над Лихнид владеел pax Romana - мир што не бил тишина, туку здив на живот. Луѓето во него биле слободни и бил далеку од тропотот на легиите, но на самиот пат Виа Егнатија, артеријата што го сврзувала Истокот и Западот, по која минувале трговци со свила, мудреци со книги, поети со стихови, и секој од нив оставал по еден збор, по една мисла, по една светлина. Богатството и врските со цивилизираниот свет овозможиле раскошност на духовниот живот и воопшто повисоко ниво на комуникација со возвишените вредности. Во градскиот лихнидски театар, издлабен во ридот како отворено срце, се гледале комедии, трагедии, музички изведби и разни претстави во изведба на домашни или артистички дружини однадвор. Во близина на театарот, кај денешната Горна Порта бил Форумот (плоштадот) каде што плебсот се собирал и расправал за настаните во градот и Царството, а најверојатно јужно од театарот се простирал Гимназионот, каде што младите од Лихнид и цела Дасаретија се натпреварувале во разни спортски вештини. Уживајќи ги благодетите на таканаречениот „римски мир“, побогатите слоеви граѓани на Лихнид ги прифаќале модните трендови и се вклопувале во римскиот начин на живеење. Многу од нив заземале важни функции во градската управа и во советот на Дасаретија кој бил сместен во Лихнид. Повеќе натписи укажуваат на престижот кон кој се стремеле богатите лихниѓани натпреварувајќи се да покажат моќ, но и да направат добри дела. Еден од натписите зборува за Марк Аврелиј Д... кој бил „одличен дукенариј“, а на својот роден град му подарил некоја голема градба. Можеби токму тој го прилагодил театарот во арена за борба на гладијатори, во чии мегдани со дивите ѕверови уживале Лихниѓаните и другите жители на Царството. Во цела Дасаретија бил славен и Демокрит, исклучителен познавач на граматичката вештина, а и дасаретот Вителиј „мудар и сестрано уметнички надарен“, кој бил особено познат и величан во Солун, каде што веројатно некое време создавал и живеел.
Во времето на залезот на античката паганска цивилизација и издигнувањето на христијанската философија на живеење, на платото на високиот рид, денес познат како Плаошник, светото место каде што храмот со статуите на паганските богови Дионис, Арес и Херакле ќе биде заменет со величенствени христијански базилики, старите натписи замолчеле, но нивните камења биле вградени во ѕидовите на новиот свет. Токму тоа се случило и со статуите кои ги поставиле Дасаретите за својот сограѓанин. Две статуи, велат натписите, стоеле во негова чест, можеби и повеќе, распрснати низ времето како сведоштво за човек кој се одликувал со знаење и доблести, човек што му припаѓал на Лихнид и на вечноста. Тој прославен лихнидски граѓанин бил Аврелиј Кратет, син на Птолемај. Толку бил прочуен по своето образование што неговата слава стигнала и до далечната Атина, та и Атињаните му поставиле статуа во Асклепејонот на Акропол.
Дали своето исклучително образование, освен во лихнидскиот Гимназион, го стекнал и во Атина? Можеби затоа, таму, меѓу мермерот и сонцето на Хелада, името на еден Лихниѓанец блескало со вечна почит. Тој толку се истакнувал со својата ученост и сите доблести што и Дасаретите и градот на Лихниѓаните решиле да подигнат статуи во негова чест - πάσης ἀρετῆς ἕνεκεν. Таму, на тој камен, запишана е не само славата на еден човек, туку и духот на Лихнид - град што раѓал умови кои ги премостувале световите.
Калина Кузман Додевска