На осмиот ден од Тауреон

Овој град, зафрлен на крајбрежјето на Евксински Понт, со бели мермерни храмови и камени улици и sидови кои долго ја држат топлината на летното сонце, е мојот дом. За толку години овде нема плочка по која моите нозе не стапнале. Седефните школки се закачиле на каменот и нашиот град сјае под сонцето.

Само плочките пред нашиот храм не сјаат! И како, кога оваа здодевна црница пред влезот се разлистува сѐ повеќе? Сокот ѝ лепи по мермерот, секаде има дамки како исушено мастило кои никој не може убаво да ги исчисти. Им кажав на мајсторите што го одржуваат храмот да ја исечат. Ништо добро не носи ова дрво! Само нечистотија и гадост, им велам јас. Но, не – богата е со плодови, света е, ми велат. Света е, како да не. Едноставно расте пред храмот години нанапред и ако не ја исечеме, тој ќе изгледа како каллива куќа, а на божицата тоа нема да ѝ се допадне.

Јас сум Ѕука – свештеничка на Великата Мајка божица, на Кибела, чуварката на плодноста и животот. Не знам колку е стар Дионисопол, но е тука многу пред да дојдат нашите денешни господари, Римјаните, а храмот, за кој се грижам, е од речиси седум-осум поколенија наназад. Нашиот град е уште постар. Го викаме Дионисопол во чест на богот чиe лице е радост и заборав, но и тага, сокриена во виното, а некои од луѓето тука го паметат со името Крунои, Извори. Така бил познат, кога меѓу тие бели ридови живееле само моите тракиски предци, Кробизите, и Грците. 

А сега… Секакви изнаизлегле.

Во храмот ние, свештеничките, палиме темјан, помешан со лаванда, принесуваме дарови од грозје, смокви, маслинки и црници. Овие плодови се симбол на штедроста со која Великата Мајка нѐ дарува. ги ставаме на олтарот, насликан со прекрасни прикази на божицата – таа е млада, мајка и заштитничка, в рацете држи житни класови и змии. Таа е вечниот живот, таа е природната стихија.

Секое утро внимавам да биде навреме сѐ во ред – нејзината статуа да не е покриена со прав, темјанот да гори рамномерно и младите свештенички да ги учат новите песни и молитви. Ова не е едноставна работа, туку повик за кој се потребни години обука. И очигледно учителките на моите учителки добро се справиле, затоа што кога порано земјата се тресела и проголтала куќи и храмови, па и целиот соседен град Биѕоне, нашиот бел град и нашиот храм биле попштедени. А сигурно тогаш немало црница на влезот што го валкала мермерот!

Деновите во последно време минуваат сè побрзо. Сѐ се менува. По улиците се зборува за чудни верувања – нешто ново што доаѓа од Јудеја, нов бог кој проповеда љубов и мир. Тоа е добро, но мора ли да заборавиме на нашите богови и ритуали? Го сонував – темна река која ги залева полето и нашите храмови. Ги слушам овие зборови со страв и збунетост. Како може да биде заборавена божицата која е мајка на сѐ живо? Ќе дојде ли време кога нашите поворки и жртви ќе бидат забранети, а нашиот храм разурнат? Страв ми е, а и бесна сум – зар заради тоа се нервирам на црницата, затоа ли ми влегла таа мува да ја отсечам? Дали кога ќе ја отсечам, нема да пуштам непознати богови во нашиот град? 

Нашиот живот е исплетен од ветровите на трговијата. Во нашето пристаниште пристигнуваат бродови од Тасос, Хераклеја, Синопа, па и од подалеку, натроварени со амфори со вино, маслиново масло, разни керамички садови и мириси. За возврат си однесуваат жито од нашите црноземни површини, мед, восок и кожи. Понекогаш и луѓе – тракиски и скитски робови, заробени во битка. Нашиот град е мешавина од јазици, облеки и богови – грчки, тракиски, па дури и египетски.

Храмот на Понтиската мајка се издига блиску до пристаништето, на највисокото место, чии скали слегуваат од терасите на градот. Велат дека е изградeн уште кога нашите предци биле под сенката на македонските цареви. Вратите му гледаат кон исток, кон изгревот, и утринската светлина прво го бакнува лицето на божицата, седната на престолот, со лав до нозете.

Секој пролетен месец Тауреон, месецот кој е прв во календарот на великиот грчки полис Милет, на осмиот ден го празнуваме повторното будење на природата. Тоа е време на радост и обновa, кога поворките ги озаруваат улиците, а мирисот на зачини и слатко вино се разнесува меѓу толпата. Тогаш не можам вака да приседнам, толку многу работа има! Собирам со жените од градот најубави цвеќиња – макови од ливадата, ириси од потоците, темјанушки од сенчестите карпи. Ги вплетуваме во венци за божицата и за олтарот. Потоа доаѓа ред за жртвувањата – јагниња, чија бела волнена боја потсетува на морската пена, и гулаби, чие грлено гукање се слева со нашите молитви. Пред изгрев, пак, треба да ги изметам стапалките и да плиснам вода, за да ги измијам дамките од црницата, за да не се посрамиме!

Процесијата минува низ тесните улички, тераса по тераса, додека не стигнеме до храмот. Децата носат корпи со цвеќе – момини солзи, лаванда, рози, а воздухот мириса на рузмарин и мајчина душица. Јас одам во првата линија, со хитон до глуждовите и вел над косата, како што налагаат таткoвите обичаи. Во рацете држам чаша со вино, а жените од градот се наредуваат околу мене како жива круна. Им раздавам слатки и засладeно вино, а на крајот и на советот – празникот е посебен. Горда сум што знам дека ги запазувам традициите на моите прабаби Тракијки, кои ја повикувале Мајката да ја чува плодноста на земјата и на женските утроби.

Мојот сопруг, свештеник на Дионис, стои покрај мене за време на големите празници. Виното и земјата – нашите божества се различни лица на еден ист почеток. И двајцата знаеме дека без нивниот благослов пристаништето ќе опусти, а полјата ќе се исушат.

Не престанувам да се жалам за црницата. Исечете ја, бе! Овие дамки ќе ни ги избркаат посетителите, им велам на мајсторите. Не ме слушаат. Како да не ме слушаат и како да не ме гледаат. Тоа ли се случува со староста? Ах, да бев уште млада и убава како во времето кога ме извајаа покрај божицата, друго ќе беше.

Се грижам за храмот и затоа што и мојот лик е тука. Голема чест ми укажаа пред години. Кога ќе го кренам погледот, ја гледам камената плоча со ликот на божицата – но и себеси: млада свештеничка, облечена во долг хитон и со вел, со рака испружена над олтарот, а покрај мене е Мајката – возвишена, со фијала и тимпан, чувана од лавот, што нè закрилува. Ах, какви времиња беа тоа!

Мајсторот од нашиот град го издлаби камениот релјеф. Во раните зори ми шепотеше за други светови, каде што луѓето не се врзани со толку многу закони и обичаи. Рече дека кога ме гали, како да ја допира плотта на божицата, и таа му вдахнува сила во рацете. Неговата способност да создава вечност во мермер ме маѓепса – а и може ли некој да ти подари поголем дар од тоа? Одамна мене ќе ме нема, но мојата душа ќе остане вградена во каменот. Не тргнав со него – ме обзеде страв да заминам. Не од маж ми Теаген, не. Не се осмелив да ја напуштам божицата.

А сега не престанувам да роптаам – и за црницата, и за новите богови, и за светот што се менува. Се плашам дека сум последната свештеничка што ќе го чува овој храм. Останатите се плашат, а нашите млади не сакаат да ги учат ритуалите. Велат: „Зошто да губиме време кога доаѓа новото?“. Но јас си стојам на зборот, си знам – само да ја исечеме црницата и храмот ќе заблеска, и Големата Мајка пак ќе нè чува.

И ќе продолжиме да гледаме од високите карпи кон Понт, Гостопримливото Море. И тоа си го сменило името. Пред нашите времиња го викале Негостопримливо – заради бурите, маглите и злобните струи. Но ние, што живееме овде, знаеме дека во морето нема намерно зло – тоа е како самиот Дионис: дарежливо ако го почитуваш, а безмилосно ако го занемариш.

Реков ли веќе дека сум Ѕука, ќерка на Хераклејд, жена на Теаген, син на Мосхион и свештеник на основачот Дионис? Наскоро ќе го завршам четвртото десетлетие од животот. Еве ме – стара, здодевна, смуртена, но верна на Понтиската Мајка, што го чува животот и земјата, иако веќе чувствувам како новиот свет тивко ѕирка преку прагот, меѓу листовите на црницата. Нејзината сенката ме притиска, но понекогаш ја кревам раката, земам некое зрно од неа и уживам во нејзиниот сладок вкус, иако прстите ми стануваат мастилести.

Ако не храмот – можеби барем црницата ќе остане овде?

Јас сум Ѕука, ќерка на Хераклејд и жена на Теаген, свештеник на Дионис. Живеам во Дионисопол, на работ од светот, каде дабовите се сретнуваат со морскиот брег, а ветерот носи мирис на лаванда и ружи.

Ти благодарам за животот, Понтиска Мајко. Благослови ги сите што се сеќаваат – и сите што забораваат. Нека морето го чува Твоето име.

Поврзани споменици

Посвета на свештеничката Ѕука за Мајката на боговите
Посвета на свештеничката Ѕука за Мајката на боговите
Уредници: Николај Шаранков,
Репозиториум: Историски музеј - Балчик,
Преглед: Ἀγαθῇ τύχῃ. Μητρὶ θεῶν Ποντίᾳ ἐπηκόωι Ζουκη Ἡρακλείδου θυγάτηρ, γυνὴ...,
Тип: стела со фронтон,
Материјал: мермер,