Откривање на наследството: Еврејската заедница во Стоби

На северот од античка Македонија, на местото каде што реката Црна се влева во Вардар, се наоѓал градот Стоби. Римскиот историчар Тит Ливиј во својата историја веќе го споменува Стоби како стар град. Благодарение на својата стратешка положба на крстопатот на важни трговски патишта, Стоби прераснал во значаен економски и културен центар, а во времето на римското царство имал статус на муникипиј (municipium). Меѓу многуте заедници што живееле во овој космополитски град, Еврејската оставила длабока трага во неговата историја. Археолошките докази за присуството на Евреите во Стоби датираат од II-III век од н.е. Во 1931 година, при археолошки ископувања, бил откриен столб со натпис на грчки јазик во 32 реда, кој потекнува токму од овој период. Натписот наведува дека Клавдиј Тибериј Полихарм го остварил својот завет и помогнал да се изгради синагога, што е сведоштво за постоењето на организирана еврејска заедница во градот.  Од овој епиграфски споменик, кој се смета за еден од најзначајните епиграфски докази за еврејската дијаспора воопшто во римскиот свет, дознаваме за великодушноста на еден римски граѓанин со латинско име и презиме и грчки прекар, Тибериј Клавдиј Полихарм. Текстот гласи:

„ ... Клавдиј Тибериј Полихарм, а го викале и Ахириј, татко на синагогата во Стоби, којшто ги извршувал сите свои должности според јудаизмот, поради завет, подари дел од својата куќа за светото место, триклиниум со тетрастоон, од сопствени средства, не земајќи ништо од светата ризница; располагањето и сопственоста на горниот дел од куќата ќе бидат мои, на Клавдиј Тибериј Полихарм, и на моите наследници доживотно. Ако некој сака да промени нешто против моите одлуки, нека даде 250.000 денарии на патријархот. Одлучив дека јас и моите наследници ќе ја направиме структурата на покривот на горниот кат."

Натписот денес се наоѓа во Народниот музеј во Белград (инв. бр. 22-27), а поради важноста на неговата содржина низ годините бил детално проучуван од многу истражувачи. Синагогата во Стоби не била само место за молитва, туку и центар за образование и социјални активности на заедницата. Еврејската заедница играла значајна улога во економскиот живот на Стоби. Како трговци и занаетчии, тие придонесувале за просперитетот на градот. Кон крајот на IV век, синагогата била урната, а на нејзино место била изградена христијанска базилика, што укажува на промените во религиозниот пејзаж на градот. Се претпоставува дека еврејската заедница била прогонета или уништена за време на престојот на императорот Теодосиј во Стоби во 388 година. И покрај исчезнувањето на заедницата, нејзиното наследство останува врежано во историјата на Стоби. Откриените археолошки наоди, како што се остатоците од синагогата и натписите, сведочат за присуството и влијанието на Евреите во овој антички град. Денес, овие наоди претставуваат важен дел од културното и историското богатство на Македонија.

 

Поврзани споменици

Дар од Полихарм од Стоби
Дар од Полихарм од Стоби
Уредници: Никола Вулиќ, Јозо Петровиќ, Дејвид Ној, Александер Панајотов, Хансвулф Бледхорн, Џон С. Клопенборг, Ричард С. Аскаф, Славица Бабамова, Веселинка Нинковиќ,
Репозиториум: Народен музеј на Србија, Белград,
Преглед: Κλαύδιος Τιβέριος Πολύ χαρμος ὁ καὶ Ἀχύρι ος ὁ πατὴρ...,
Тип: колона,
Материјал: мермер,