1 )
2 )
3 )
4 )
5 )
6 )
7 )
1 )
Вацлав Добруски, Материали по археологията на България. - Сборник за народни умотворения, наука и книжнина, 16-17, 1900, 116, № 23, фиг. 53.
Georges Seure, Voyage en Thrace : inscriptions funéraires. - Bulletin de Correspondance Hellénique, 25, 1901, 320, № 20.
Georgius Mihailov, Inscriptiones Graecae in Bulgaria repertae (Гръцките надписи, намерени в България), vol. III: Inscriptiones inter Haemum et Rhodopem repertae, fasc. 2: A territorio Philippopolitano usque ad oram Ponticam, Serdicae, 1964, 85, № 1632, tab. 49.
Валентин ги помина првите години крај воениот логор, каде што служеше неговиот татко. Но, кога императорот Септимиј Север требаше да тргне со војската против вечниот непријател на Римската империја, Партија, Диофан процени дека ќе биде опасно да го остави своето семејство за несигурно долго време на далечната северна граница, додека тој самиот се бори на другиот крај од населениот свет. А дали воопшто ќе се врати оттаму жив? Затоа ги испрати во татковината, во просперитетната Августа Трајана во Тракија, кај својот братучед, исто така по име Диофан – двајцата со гордост го носеа името на својот дедо, еден од првите граѓани што се преселил во новооснованиот град и го прославил нивниот род. Валентин немаше видено татко му повеќе од пет години – строгиот император не дозволуваше долги отпусти – и единствената врска беа ретките писма во кои Диофан ги опишуваше далечните земји и римските победи, и уште поретките подароци што успеваа да стигнат до Тракија со војници што се враќаа назад. Валентин веќе беше научил да чита и пишува и често ги препрочитуваше писмата, а потоа разубавено им ги прераскажуваше подвизите на татко му на другите деца за да се фали пред нив. Братучед му Фронтон, кој му беше како постар брат, беше извонреден тркач, побрз од сите во градот, а како што се покажа неколку години подоцна, кога победи на игрите на Родос и на самите Олимписки игри – побрз и од сите во светот. Валентин исто така беше добар во трчањето, но повеќе го сакаше фрлањето копје и стрелаштвото, зашто го потсетуваа на татко му, а и мајка му Кандидеја секогаш го фалеше. Еден од пророците при храмот на Аполон, познаник на семејството, било само за охрабрување, било по вистинско вдахновение од боговите, беше прорекол дека Валентин ќе тргне по стапките на татка си и ќе биде награден од самиот император. Кога Диофан напиша дека по една година – ако боговите дозволат – ќе се врати дома, Валентин секој ден одеше до јужната градска порта да види дали не доаѓа татко му, иако речиси воопшто не се сеќаваше како изгледа. И сепак го препозна. Беше при зајдисонце и последните жолтоцрвени сончеви зраци ги правеа сребрените украси и одличја на пурпурниот плашт на Диофан да блескаат како злато.
Замислен во тие спомени, Валентин, сега веќе возрасен маж и самиот ветеран, стигна до ателјето на каменоделецот Агатон.
– Здраво, господине!
– Биди жив и здрав, скулптору! Сакам да порачам споменик за моите родители.
– Каков да биде? Еве, овде имаме стели, овие се поскромни, оние се со релјеф, а позади можеш да ги видиш олтарите. Во која некропола се положени твоите родители?
– Не се во градот. Татко ми беше ветеран и купи имот на дваесет милји одовде, кај Карасура.
– Не грижете се, јас ќе се погрижам за пренесувањето и ќе пратам едно од момчињата да го постави.
– А изработуваш ли статуи?
– Се разбира. Чираците токму сега полираат две големи фигури, машка и женска.
– И го поведе кон внатрешниот двор на работилницата.
– Прекрасни се, но не личат на татко ми и мајка ми.
– Ќе ставиме натписи со нивните имиња и ќе се знае дека се тие. А можам да изработам и нови глави, ако ми опишеш како да изгледаат. Или ако имаш нивен портрет.
Валентин одеднаш сфати дека скулпторот никако не може да ги направи статуите ако не ги има видено неговите мајка и татко. Ех, да беше тука татко му пријателот Хрест од Никомедија...
– За стариот скулптор Хрест ли зборуваш? – праша Агатон.
Валентин незабележливо ја беше изговорил својата мисла на глас.
– Да, тој ги познаваше моите родители и ќе можеше да ги претвори во камен.
– Тој ми е учител во уметноста и сè уште е во градот. Веќе е прилично стар и ретко работи, но со заеднички сили ќе ги изведеме ликовите. Сега ќе пратам некого да го повика.
– Аполон ја чу мојата молба! – пак на глас помисли Валентин.
– Ќе сакам да ми направиш и еден релјеф на Аполон со благодарствен натпис, да му се отплатам за оваа среќна разврска.
Додека чекаа да дојде Хрест, а Агатон отиде да види што прават чираците, Валентин повторно се врати во минатото.
По пристигнувањето на неговиот татко Диофан, во семејството често разговараа за иднината на Валентин. Учителот по реторика го убедуваше Диофан дека момчето има дарба и дека е добро да го прати во некоја од големите школи, на пример во Атина или во Спарта. Други ги истакнуваа неговите одлични познавања на латински јазик (го беше научил уште како дете во воениот логор) и го насочуваа кон служба во провинциската престолнина Перинт или метрополата на Тракија, Филипопол. Мнозина предвидуваа и политичка кариера во Августа Трајана, како што веќе било со многу од неговите роднини. Но и покрај овие разговори, Диофан и Кандидеја знаеја дека Валентин веќе го има избрано патот на татка си и го охрабруваа, иако истовремено се плашеа поради опасностите на воениот живот и многубројните војни што во последните години се водеа по границите на империјата.
Валентин имаше 21 година кога во градот се појави центурион, испратен од императорот, за да регрутира млади луѓе за источните легиони. Како син на ветеран го примија веднаш и така започна посакуваната воена служба. Привилегијата на Валентин што течно зборуваше латински брзо го издигна во очите на старешините, кои со потценување и дури презир гледаа како многубројните војници од источните краишта на империјата со мака изговараат по некој збор на јазикот на Римјаните. Затоа уште во првите години од службата му доверија да ги соопштува новите лозинки на офицерите и му ја удвоија платата. Наутро Валентин стануваше пред сите и го обиколуваше логорот со лозинката. За време на една од кампањите против Партите дури успеа да го спаси логорот од ненадеен напад – стражите беа заспале, а само Валентин ги забележа варварите што се обидуваа да се искачат по ѕидот и да ја отворат портата одвнатре за војската што се криеше во близина...
На вратата се појави белокос старец со стап.
– Агатоне, може ли стариот учител да го тераш да доаѓа пеш кај тебе, наместо ти да ме посетиш мене? Такво ли ти е побожноста и почитта?
– Прости ми, учителу! Но самиот Аполон ни нашепна да те повикаме.
Во тој миг Хрест го забележа Валентин, кој стоеше во задниот дел на ателјето.
– И ако ова не е Валентин, синот на Диофан! Поминаа речиси триесет години, но, се колнам во Аполон, не можам да го поместам од сеќавањето неговото лице.
– Хрест! – не можеше да го сокрие своето изненадување Валентин.
– Мислеше дека сум умрел, нели? Навистина малкумина останавме од тие времиња.
– Нека те чуваат и ти помагаат Аполон и сите останати богови! И, те молам, не се лути на Агатон што пратил да те повикаат. Јас го замолив, затоа што само ти можеш да му помогнеш да ги направите ликовите на моите татко и мајка.
– Мојите драги Кандидеја и Диофан – ги паметам нивните лица како да сум ги видел пред миг и можам да ги извајам од камен. Само длетото и чеканот со секоја измината година стануваат сè потешки во моите раце, но затоа ги имаме младите и силни раце на Агатон.
Кога месецот се ближеше кон својот крај, Валентин дојде кај Хрест и Агатон да ги види готовите статуи. Белиот камен блескаше огреан од сонцето, а Хрест беше воодушевен од своето творештво, кое како да му ја беше вратило младоста. Му покажуваше на Валентин час на едната, час на другата статуа, и двајцата си ги присетуваа деталите во гестовите, одењето и дури начинот на говорење на Диофан и Кандидеја. Хрест му покажа и еден огромен блок, оформен како основа за голема колона:
– Овој камен ќе биде постамент, веќе ги подготвивме жлебовите за прицврстување на статуите. Останува да кажеш каков натпис да издлабеме.
Валентин стоеше до двете статуи. Хрест се зарадува на сличноста што беше успеал да ја преточи во нивните ликови:
– Тројцата сте баш како на откривањето на Августеумот, кога императорот Александар те пофали. Се сеќаваш ли како нè изненади неговото порано пристигнување во градот и ме пратија рано наутро, пред церемонијата, да го дополнувам натписот над портата на храмот? Тоа беше најзначајната нарачка за нашето ателје – осумте статуи, релјефните фризови, олтарите, натписите. Твојот татко беше задолжен од другите ветерани да внимава како работиме, затоа што роковите беа многу кратки, и ме учеше како да пишувам на латински. Но трудот се исплатеше, а поворките, жртвопринесувањата и самата церемонија со императорот и неговата мајка беа извонредни; велат дека дури ни посетата на Септимиј Север и неговото семејство не била толку блескава. А само една и пол година подоцна нè натераа да ги уништиме статуите на Север Александар и мајка му Мамеја и да ги избришеме нивните имиња. Какви времиња!
Какви времиња навистина, се замисли Валентин. Беа исцрпени од долгите битки со Партите на источната граница на империјата, а од север непрестајно пристигнуваа вести и гласини за навлегувања на варвари, запалени градови, жени и деца убиени или одведени во ропство. Сè повеќе војници негодуваа и бараа императорот да ја прекине кампањата во Азија и да ги врати во Европа за да можат да ги бранат домовите и семејствата. Валентин знаеше дека Августа Трајана не е загрозена, но сочувствуваше со војниците од граничните провинции, а и самиот копнееше поскоро да ги види повторно своите родители и тракиските земји. Затоа, кога императорот го повика за да го награди за спасувањето на воениот логор од ненадејниот напад на Партите, тој не се двоумеше да ги сподели со Север Александар стравовите и грижите на војниците. Месец подоцна беше склучен поволен мир со Партите, а императорот поведе многубројни трупи во нов поход против северните непријатели. Од Азија требаше со бродови да преминат во Тракија, а оттаму по копно да стигнат до граничните области.
Во првично објавениот маршрут не беше предвидено да минат низ Августа Трајана, но кога стигнаа до Перинт на тракискиот брег на Пропонтида, провинцискиот управител му предаде на Север Александар писмо од трајанските ветерани, кои изградија храм посветен на императорот и го молеа да дојде на неговото осветување. Императорот првично одби, но следниот ден му јавија дека врвот на Хемус веќе е покриен со снег и дека преминот на војската преку него, во Долна Мојсија, ќе биде силно отежнат. Тогаш Александар, кој од искуство знаеше дека во зима варварските напади се проретчуваат, реши најстудените зимски месеци да ги помине во Тракија и напролет да премине на север. Така и неговите војници, изморени од долгата и тешка кампања во Партите, ќе можеле да се одморат и да соберат сили за новите борби. Императорот најнапред ја објави за посетата на Августа Трајана и осветувањето на храмот датата 30 ноември, по повеќе од еден месец. Нетрпелив поскоро да ги види родителите и да ги помине двесте милји што го делеа од нив, Валентин непрестајно ги молеше боговите деновите да поминуваат побрзо. Тие можеби ги чуја неговите молби, зашто моќната мајка на императорот, Јулија Мамеја, ненадејно реши да го премести осветувањето на храмот на ноемвриските иди – тринаесеттиот ден од месецот, кога Римјаните ја празнуваа Гоштевката на Јупитер – и војската мораше веднаш да тргне кон внатрешноста на Тракија. Валентин беше пратил вест дека ќе пристигне ден пред идите, а родителите го чекаа кај градската порта со истото возбудување со кое тој како дете го чекал враќањето на татко му.
Осветувањето беше извршено следниот ден. Ветераните, кои го финансираа градењето, уште рано наутро се сретнаа со младиот Север Александар за да му ја покажат внатрешноста на градбата и да направат последни договори за текот на церемонијата, а нивните сопруги ја пречекаа неговата мајка, Јулија Мамеја, во покриениот портик кај блискиот храм на Хермес. Кога се доближи времето за свеченото откривање, императорот и мајка му излегоа со ветераните и нивните сопруги на плоштадот пред храмот и го чекаа поворката што првосвештеникот и првосвештеничката требаше да ја поведат од агората во долниот дел на градот. Групи војници со орлите и знамињата на легионите и високо подигнати сребрени бюстови на Север Александар и претходните императори ги заземаа своите места долж двете страни на плоштадот. Императорот ги распрашуваше ветераните каде служеле, во кои походи учествувале, како живеат сега и дали имаат потреба од нешто. Диофан зборуваше за својата воена кариера, но одеднаш го забележа својот син меѓу војниците и замолкна.
Александар го проследи неговиот поглед и рече:
– Валентин е од овој град, сигурно го познаваш.
Диофан се подзбуни што императорот му го знае синот по име, но брзо се созеде и одговори:
– Тој ми е син, императоре.
Александар му даде знак на Валентин да се приближи, а ја повика и Кандидеја, која стоеше меѓу знатните жени околу мајката на императорот, Јулија Мамеја.
– Одличен син имаш, Диофане, достоен за Рим, за императорот, за Августа Трајана и за својот татко!
– Боговите нека те чуваат, господару! – заплакано извикаа Кандидеја и Диофан.
Во тој момент од правец на одеонот и новиот гимназион, исто така посветен на младиот император Север Александар, покрај со пурпурни ленти украсените колони на портикот, пристигна поворката на момчињата со венци и бели облеки.
– Боговите нека ги чуваат господарите засекогаш! – како во одговор извикаа младиците, а со нив и целиот насобран народ.
Валентин блескаше од гордост и радост, како да го поздравуваа него, а не императорот. Тој ги беше остварил соништата на мајка си и татко си...
– Па, кажи за натписите – го извади од спомените гласот на Хрест.
– Јас веќе поставив плочи со нивните имиња. Но ми се сака и јас да сум таму заедно со нив.
– Тогаш да го извајаме и твојот лик?
– Не, ќе биде непристојно детето да стои рамноправно со своите родители. Но знаеш што – можете да додадете еден мој мал лик како релјеф на постаментот на статуите. Така засекогаш ќе бидеме заедно.