Гласот на Прима

Да имаш сестра што божицата Афродита ја претворила во ѕвезда – звучи како голема предност. Додека сите други роднини се караат кој ќе го наследи овоштарникот, ти можеш едноставно да покажеш кон небото и да кажеш: „Па јас имам сестра меѓу ѕвездите! Ништо друго не ми треба“.

Проблемот е што, кога си Прима – првородена ќерка во едно благородничко семејство во Августа Трајана – секогаш мораш да се однесуваш достоинствено. А тоа е ужасно заморно.

Во последниве години сè стана многу сериозно, сите важно ги подигнаа носовите. Да, Августа Трајана е толку важен град што дури и кравите што пасат околу ѕидините изгледаат малку позадоволни со себе отколку оние по селата. Император Трајан го прогласи за самоуправен (што всушност значи: „Можете сами да решавате за некои ситни внатрешни работи, ама не заборавајте да си ги плаќате даноците. И нека бидат големи!“). Градот ни цвета – трговија, култура, театри, бањи, прекрасни мозаици. По камените улици одекнуваат латински и грчки зборови, а по високите столбови се издигнуваат бронзени статуи на богови. Кога шетам, ми се чини дека ѕидовите и камењата наоколу водат расправија. Форумот се кара со театарот, кој е поважен. Театарот вели дека без неговите претстави луѓето би останале прости како тракиски кози. Форумот, пак, тврди: „Јас сум местото каде што се решава судбината на сите!“. На тоа библиотеката тивко прошепотува: „А јас сум местото каде што судбината на целиот свет се испишува со букви и овде мртвите ги учат живите“. Толку е важен нашиот град.

Нашето семејство, како што велат, е од висока класа. Ќерките во нашиот род немаат само обично име како повеќето девојчиња тука; ние се држиме до стариот римски принцип: првородената ќе биде Прима, втората – Секунда, третата – Терција, и така натаму. Многу корисно ако твоите родители имаат слаба меморија.

Да носиш име како Прима е необична судбина. Кога некој ќе праша: „Која е таа?“, одговорот секогаш е: „Првата!“. „Првата во што?“ — „Па… Првата! Едноставно првата.“ Разговорот наликува на пијана расправија меѓу граматици и математичари.

Секунда имаше дванаесет години кога се разболе. За разлика од драматичните митови, каде што Мојрите ти го крадат животот одненадеж, кај нас беше банално: сестра ми згасна бавно, болно, со многу воздишки. На плочата ѝ напишаа дека овенала. Токму така беше: како да гледаш ружа полевана со жешко вино наместо со вода. Мајка ми не можеше да ја поднесе загубата и ја отиде по неа.

Се разбира, татко ми нареди натписот во нивна чест да биде во епски хексаметар. Зашто, кога веќе плаќаш за погребен натпис, сакаш минувачите покрај нивниот олтар да си помислат: „Овие луѓе биле важни – само важните умираат во хексаметар“.

Ми недостигаат, особено Секунда. Таа ми беше најблиска и понекогаш се лутам што моето име го нема на тој натпис. Прима. И додека беше жива, сите само неа ја забележуваа – беше толку убава, а јас секогаш бев поонака… здодевната. Немам некои особени квалитети, само маани – секогаш ми велат дека сум премногу недолична затоа што се потсмевам на важните нешта; секогаш ме туркаат на страна. А сега, без сестра ми, станав буквално невидлива за сите.

Секунда не само што почина – таа стана ѕвезда. Обично таква чест им припаѓа на јунаци како Херакле, Персеј и други што направиле подвизи – убиле чудовиште, исчистиле туѓи смрдливи штали (што навистина е подвиг, да знаете) или измислиле нов рецепт со риба. Последново денес многу се цени. А сестра ми… едноставно беше убава, и Афродита реши да ја земе под своја закрила и да ја претвори во небесна светлина.

Тоа си има свои непријатности. Секојпат кога ќе го подигнам погледот кон небото, мислам на Секунда и срцето ми се стега од тага. А потоа се сетувам на пазарите во Августа Трајана, на бањите и виното, и си велам: „Па, можеби земјата има свои предности“.

Кога ќе го видам важниот олтар, ме нервира што моето име го нема на плочата. Моето семејство, моите најблиски се таму, а јас – не. Меѓу буквите нема доволно простор да се протнам некако и јас. А сепак, философите тврдат дека токму отсутното е најважното, за него најмногу се расправа. Но дали некој воопшто се сеќава дека постоев и дека сè уште постојам?

Питагорејците веруваат дека секоја душа има своја ѕвезда, дека доаѓа од небото и, ако е доблесна, таму се враќа. Значи, еден ден, ако не зборувам премногу, и јас можеби ќе се најдам меѓу ѕвездите. А и Питагора учел дека сè во светот е број. А моето име е првиот број. Почетокот. Без мене немаше да има ниту Втора, ниту Трета. Затоа, иако ме нема на тој камен, си мислам дека јас сум основата. Можеби некој бог ќе згреши и по грешка ќе ме обесмрти, иако не блескам со убавина или некои особени дарби, и ќе ме стави на небото – меѓу Големата мечка и оној чуден облак што никако не се разидува. Можеби и татко ми ќе ме забележи. Откако ја издлабуваа последната буква од тој важен натпис, тој како да престана да ме гледа.

Засега, сепак, продолжувам да живеам така – незабележано – во Августа Трајана, да пијам разредено вино – затоа што нашето семејство е префинето – и со малку скршено срце да се потсмејувам на апсурдноста дека најважниот споменик во моето семејство е камен што кажува сè за сите… освен за мене.

Паулина Мичева

Поврзани споменици

Надгробен натпис на Секунда од с. Каменово
Надгробен натпис на Секунда од с. Каменово
Уредници: Георги Михајлов,
Репозиториум: Национален археолошки институт со музеј,
Преглед: Ἀδμὴς παρθένος εἰμί, φίλῃ δ’ ἅμα μητρὶ τέθαμ μαι ∙...,
Тип: олтар,
Материјал: варовник,