1 )
1 )
Каменот, по сè изгледа, првично имал друга намена во постара градба, по што бил одново употребен како надгробна плоча. Плочата е откриена во црква и натписот почнува и завршува со крст. Во текстот, меѓутоа, нема ништо специфично христијанско. Слични „неутрални“ епитафии не се невообичаени за христијанската епиграфика од доцноантичкиот период. Текстот започнува со обраќање до покојникот, што му дава поинтимен карактер. Потоа следуваат неколку фрагменти во дактилски метар, веројатно позајмени од литературата или од други поетски епитафи — quem fata tulerunt („кого судбината го однесе“); и во нова реченица, каде за покојникот веќе се зборува во трето лице, cum octavo carperet anno („додека уживаше во осмата година“) и disrupit mors invida vitae („го скрши смртта завидна на животот“). На крајот текстот преминува целосно во проза, иако со поетски израз, за да се соопшти за христијаните важниот датум на смртта. Употребено е карактеристичното за Доцната антика и Средниот век датирање преку 15-годишниот циклус на индиктите, воведено во првата половина на IV век н.е. Најраната можна година што паѓа во деветтиот индикт е 320 г. н.е., потоа 335, 350 итн., но облиците на буквите упатуваат на подоцнежен датум, а и самото датирање по индикти во натписите станува почесто дури кон крајот на IV век н.е. Јазикот на натписот исто така покажува извесни особености, типични за доцниот латински, како vite употребено паралелно со класичното vitae.
N. Vulić, Spomenik 77, 1934, 48, n. 39, photo.
Inscriptions de la Mésie supérieure 4, 050, photo.